Скопје
Скопје како гасна комора – градските власти најавуваат прес конференции
Скопскиот градоначалник Коце Трајановски за понеделник напладне свика прес конференција на која ќе говори за загаденоста на воздухот во Скопје, но нема информации дали ќе бидат предложени некакви мерки.
Скопје, Тетово, Гостивар, Битола, Кавадарци бележат рекордни нивоа на загаденост на воздухот, а во скопската општина Карпош во саботата вечер концентрацијата на ПМ 10 честички изнесуваше 1215.
Во студијата објавена неодамна беше посочено дека главен загадувач на воздухот во Скопје се домаќинствата, односно греењето во индивидуалните објекти. Локалните власти се жалат дека немаат судски налози да влегуваат по домовите на луѓето и да проверуваат на што се греат, иако повеќе од јасно е дека во печките се тура што и да се најде при рака.
Се гори стар мебел, стиропор, пластика, паркет, палети, а сè повеќе граѓани се жалат дека и огревното дрво што го добиваат е со лош квалитет и дека повеќе чади, отколку што гори и дава топлина.
„Се греам на струја. Купив три кубика огревно дрво од склад во Драчево, но дрвата не горат. Влажни се, имаат смола, и целата куќа ми се полни со чад додека да го запалам огнот, а ефектот е никаков“, се жали Дарко, Ѓ., жител на скопско Драчево.
Ништо подобра не е ситуацијата ниту во останатите скопски населби.
„Што да кажам, ова е лудило. Се рекламира централното греење по телевизија и радио, а ваму бараат ненормални цени за приклучување. Јас живеам во индивидуална куќа во Козле, водот за парно поминува до мојот двор и кога се обратив со барање да ме приклучат, ми побараа огромни пари. Навистина не знам каква политика има Топлификација, остана на мрежата од пред 30 години, а можеше да почне да пушта инсталации и по населбите.Па никој не е луд да цепи дрва, ако може да се грее на парно“, се жали Лазар Т., жител на Козле.
Меѓу огромните загадувачи на воздухот се и возилата, посебно дизелите. Во Осло неодамна беше забрането сообраќање на дизел возилата заради поголемата загаденост на воздухот, која ни приближно не беше на скопската.
„Убаво што владата дозволи увоз на половни автомобили, но тоа не требаше да бидат толку стари возила и не требаше да се дозволи увоз на дизел возила. Па Фолксваген го тужеа во Америка за емисија на штетни гасови кај нови дизел возила, а може да замислите каков дизел отпад се довлечка од Словенија, Швајцарија, Италија…“, коментира еден скопјанец.
Дури и новите автобуси, без оглед што се според најновите еко стандарди, повторно се на нафта и веќе не се нови, туку пет-шест години.
„Ја извадија пругата низ Скопје, имаше траса од центарот на градот кон Карпош, кон Драчево, Лисиче, кон Ѓорче, Скопје Север, имаше готова траса за шински сообраќај низ цело Скопје. Сега нема ништо, милион возила по скопските улици и многу чад. А да си останеше пругата, сега ќе имавме и трамвај и шинобус и еколошки превоз“, вели Владимир Б., инженер.
Но, се чини дека огромна ‘заслуга’ во загадувањето на воздухот во Скопје има и градежната експанзија, поточно непланското градење.
По земјотресот во 1963 година се донесе одлука Скопје да биде прогласен за отворен град, иако географските услови не го дозволуваа тоа. Фабриките почнаа да се градат поблиску до живеалиштата на работниците, односно на периферијата на градот, каде што брзо почнаа да се оформуваат населби од типот на Железарница, Усје, подоцна и Пинтија.
Се напушти планот на јапонскиот архитект Кензо Танге, објектите во Градски ѕид, кои што требаше да бидат отворени во приземјето и сутеренот заради циркулација на воздух, се затворија и се претворија во канцеларии и продавници, се изгради Капиштец, кој го спречи струењето на воздухот од Водно, а сега се изградија и висококатници кај комплексот Олимписко село, што ќе придонесе и оној воздух што доаѓаше барем до Капиштец, да не стига и до таму. Згора на тоа, и циркулацијата по текот на коритото на реката Вардар е спречена со објекти.
Како и да е, ова се само мал дел од причините заради кои е воздухот во Скопје загаден. Едно е јасно, какви и да донесат мерки градските власти нема да имаат поголем ефект бидејќи штетата е направена, а тоа ќе се почувствува од година во година, кога билансот на починати лица од последиците на загадениот воздух постојано ќе расте. /крај/мф/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

