Скопје
Со клик до извод од ДУП, регистрирајте се на ГИС-порталот на Општина Центар
Услугата вадење извод од ДУП е достапна за сите регистрирани корисници на ГИС-порталот на Општина Центар, односно на Географскиот информациски систем. Со регистрација на https://gis.centar.gov.mk/NexusPublicPortal/PublicPortal/Map или преку страницата на Општина Центар https://www.centar.gov.mk активна е опцијата за електронско поднесување барање за извод од ДУП, со што се олеснува и забрзува процедурата, без беспотребно чекање на шалтери, извести Општината.
Регистрираниот корисник треба да го внесе бројот на катастарската парцела во алатката „Нарачај извод“ и да ги внесе потребните податоци.
Изводот се плаќа електронски и во рок од 5 дена се добива по електронски пат, односно ќе пристигне на имејл-адресата на барателот.
Општина Центар потсетува дека со регистрација на ГИС корисниците добиваат и пристап до сите важечки детаљни урбанистички планови и пребарување на градежните и катастарските парцели за полесно лоцирање на потребниот простор.
Воедно, на корисниците им се овозможува подетален преглед на ДУП-овите, со важни информации, како што се: намена на градежните парцели, површината за градење, катноста, процент на изграденост, изработувач на планот, година на донесување.
Со регистрирање на ГИС-порталот на Општина Центар на граѓаните им се дава можност да се вклучат со свои идеи и барања во процесот на урбанистичкото планирање. Со избирање на точката од интерес регистрираните корисници навремено ќе бидат информирани за организирање јавна анкета и јавна презентација на конкретниот ДУП за кој се заинтересирани.
За полесно менаџирање со основните училишта и градинките, кои се под надлежност на Општината, ГИС е надграден со модул образование и реонизација, кој ги содржи основните податоци за нив.
Општина Центар е првата општина што го воведе ГИС-системот и од тогаш континуирано работи за надградба и усовршување на ГИС-технологијата сè со цел поголема транспарентност пред граѓаните, побрз пристап до информации, подобро управување со нив и поголема ефикасност во оперативното работење на секторите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.
Македонија
(Фото) „Водовод“ отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје, известува, дека со цел да овозможи поголема достапност на услугите за своите корисници, отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров. По тој повод, директорот на претпријатието, Иван Митровски, изврши увид во функционирањето и подготвеноста на новоотворениот наплатен пункт.

„Со отворањето на овој наплатен пункт, на корисниците им се овозможува плаќање на месечните сметки, проверка на состојбата на долгот за потрошена вода и пријавување на состојбата на водомерите.

Наплатниот пункт е лоциран во постоечкиот објект на ЈП Водовод и канализација -Скопје, на улица Ѓорче Петров, до Тинекс маркетот, и ќе работи секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот“, соопшти „Водовод“.

Од таму информираат дека наплатниот пункт во Сарај е затворен.

