Македонија
Стојкоски: Општината Ѓорче Петров заглавена во долгови од претходното раководство
Актуелниот градоначалник на општината Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, изјави дека долгот на општината е околу 139 милиони денари. Објаснувањето следеше откако од него беше побарано да одговори дали општината е заглавена во долгови од претходниот градоначалник.
„За жал, општинските долгови се многу големи. Со пресекот кој го добив утрово, до 31.10, по доспеани фактури, долгот изнесува околу 139 милиони денари, ненаплатени парични побарувања. Тоа е голема сума на пари. Негде над 2 милиони евра. Дополнително имаме скоро исто толкава сума на пари по однос на склучени договори, но тоа зависи како ќе се реализира со понатамошниот дел од буџетската година. Тоа што го разговарам со луѓето од Секторот за финансии се очекувања, ова што го кажав како затекнати и ненаплатени долгови, да стигне повеќе од 180 милиони до крајот на годината. Но, за тоа ќе можеме релевантно да кажеме по пресекот на четвртиот квартал. Дополнително на тоа, имаме четири кредити, дел завршуваат наредната година, дел почнуваат по период од една до две години. За жал, финансиската позиција на Ѓорче Петров не ни е сјајна. Затоа ќе мораме да се однесуваме подомаќински и поодговорно, доколку сакаме, а сакаме да излеземе во пресрет на реалните потреби кои ги имаат граѓаните во Ѓорче Петров и да реализираме капитални проекти“, кажа Стојкоски.
Запрашан за став околу најавата на новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, која рече дека ќе се обиде да ги пренасочи средствата од проектот за „БРТ“, новиот градоначалник на Ѓорче Петров истакна дека не е доволно запознаен со тој проект.
„Искрено од тоа што го имав како сознание во кампањата, сега не сум навлезен во тој проект. Тоа е капитален проект на Град Скопје. Мене како жител ми пречеше тоа што Ѓорче беше исклучено од самиот проект, бидејќи за почетна станица беше постоечката станица на ЈСП во Ѓорче која е во почетниот дел и не опфаќа еден голем дел од општината. Ние располагаме со државно земјиште, кое ќе ѝ го предочам на градоначалничката, за да размислат за префрлање на таа базна станица на друга локација, да го ослободиме централниот дел на Ѓорче. Тука би можеле да направиме нови паркови содржини во тој дел. Едноставно најурбаниот дел на Ѓорче Петров ни е окупиран со гаражи. Јас повеќе би се насочил во тој дел, во однос на тоа што ќе го барам како градоначалник на Ѓорче Петров. Она на делот на БРТ не би можел да изнесам повеќе факти, бидејќи реално не ми се познати“, кажа Стојкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

