Скопје
Успешно реализирана генералката за чистење на Водно
Над 200 волонтери успешно ја спроведоа големата акција за чистење на Водно – „Генералка викенд“. Во добра работна атмосфера учесниците испратија многубројни пораки за почиста и поздрава средина и упатија апел до граѓаните сите заедно да ги чуваме природното богатство и убавините на Водно.
Денешните активности за чистење опфатија голем број локации на планината – пензионерската патека од врвот до Средно Водно, асфалтниот пат, потегот од Средно Водно до полициската станица, пешачката шумска патека, паркинзите на Средно Водно, просторот под телескопот, паркчето со фитнес-справи и кај црквата, како и потегот кон Матка, видиковецот, кон Горно Соње и околу крстот, се вели во соопштението од Град Скопје.
Волонтерите учесници во акцијата беа опремени со кеси за отпад и ракавици.
Градоначалничката Данела Арсовска упати благодарност до претставниците на приватниот сектор, со кои се реализира оваа акција, како и до претставниците на дипломатските претставништва и волонтерите од градот Скопје, од средношколците, до општините Гази Баба и Кисела Вода и вклучените јавни претпријатија. Значајно е да се нагласи дека партнерите во оваа акција ќе извршат селекција на собраниот отпад од Водно, а дополнително, за секои 10 килограми собран отпад ќе биде засадено по едно дрвце.
Заштитата на животната средина е приоритет на Град Скопје. Во текот на наредниот период Градот ќе организира и ќе се вклучи во голем број еколошки акции за чистење и унапредување на нашата околина.
Град Скопје и во текот на изминатите месеци интензивно работеше на расчистување на дивите депонии и сметиштата во градот за да се уреди средината и за да се спречи потенцијалното загадување на воздухот.
Ваквите еколошки акции се еден од приоритетите на Град Скопје преку вклучување на граѓаните, како волонтери, јавниот и приватниот сектор, со заеднички активности може да се постигне голем напредок во подигање на јавната свест за почиста средина и се мотив плус за Град Скопје посветено да работи за поуреден и чист град.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

