Македонија
Хонорарци ангажирани без критериуми во Кисела Вода земале до 89.000 денари, трудовите ги нема, констатираат ревизорите
Општина Кисела Вода во континуитет ангажира лица преку приватни агенции за вработување, се констатира во ревизорскиот извештај, со препорака дека тоа може да се прави само во случаи кога треба замена за привремено отсутен работник. Во него се додава и дека во 2021 година се ангажирале лица со авторски договори, а ревизорите не можеле да најдат што тие правеле. Ова се само дел од забелешките во делот на договорите за ангажирање лица, кои ги има во извештајот, додека на чело на Општината е првин Филип Темелковски, а по него и Орце Ѓорѓиевски. Авторски ангажираните лица земале од 12.000 до 89.000 денари.
„Некои од склучените авторски договори имаат предмет на изработка стручен труд поврзан со работни задачи, кои припаѓаат на редовно систематизирани работни места (изготвување систематизација, план за организирање културни манифестации, протокол за спортски манифестации, координирање активности во урбани и месни заедници, средби со медиуми, состаноци и агенда на градоначалникот и друго)“, велат од Државната ревизија во извештајот.
Тие за авторските договори додаваат: „Од доставените извештаи на лицата што биле ангажирани со авторски договор утврдивме дека некои од нив воопшто не презеле активности во насока на креирање авторско дело во согласност со склучените договори (стручен труд) и дефиницијата утврдена во член 12 од Законот за авторското право и сродните права, туку тие презеле конкретни и повторливи дејства како работни задачи во рамките на општинската администрација и за изборот на овие лица не постојат пишани критериуми како во поглед на потребата од нивно ангажирање така и во поглед на стручните квалификации и компетенции што би требало да ги поседуваат и не постојат критериуми ниту во утврдување на висината на надоместоците за извршената работа и тие се движат од 12 до 89 илјади денари“.
Од Државниот завод за ревизија посочуваат дека вкупниот број привремени вработени лица во 2021 година изнесувал 82, кои по месеци се движеле од 45 до 64.
„Отстапените лица од приватната агенција се ангажирани за вршење редовни работни задачи предвидени со правилникот за систематизација на работните места, а 30 од нив биле ангажирани континуирано за период подолг од две години. Ваквиот начин на работење не е во согласност со член 24 од Законот за приватните агенции за вработување, кој предвидува во кои случаи агенцијата може да отстапи работник за вршење привремени работи и да склучи договор, но не подолго од две години, со или без прекин. 29 од вкупно ангажираните лица не ги исполнуваат потребните услови за образование утврдени во правилникот за систематизација на работните места, што не е во согласност со одредбите на член 19 од Законот за приватните агенции за вработување, каде што е наведено дека основните услови за работа и вработување на привремените агенциски работници, кои треба да бидат исполнети за времетраењето на нивното отстапување кај работодавецот корисник, се истите оние услови што би се обезбедувале доколку работниците би биле вработени директно од страна на истиот работодавец за извршување на истата работа“, се додава во ревизорскиот извештај.
Во него се посочува дека во ревизорскиот извештај се вршела проверка на работењето на Општината, и тоа додека градоначалници биле Филип Темелковски (до 26.10.2021 година) и Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.