Македонија
Шилегов: Скопската ЗОО станува регионална туристичка атракција
Заедно со збогатувањето на нови содржини за посетителите во изминатите 4 години расте и интересот за посети на Зоолошката градина во Скопје не само од страна на жителите на градот, туку и од многу други градови од земјата и регионот. Дино парк, фламинга, пингвини, слонови се само дел од новата понуда на Скопје ЗОО која директно придонесува за зголемениот интерес за посети кој во просек се зголеми на над 30.000 посети неделно, вели градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
„Новиот Дино парк кој се простира на површина од 2000 м2 е тематски парк од забавно-едукативен карактер кој нуди забава и едукација за сите возрасти, а најмногу за најмладата популација. Има вкупно 41 реплика на диносауруси од креда и јура периодот, од кои дел се во природна големина со синхронизирани движења, проследени со звуци. Скопскиот Дино Парк првиот на Балканот каде што има толкав голем број на фигури од праисториски животни, како и едукативни содржини за секој од различните видови животни“, вели Шилегов.
Според Шилегов, Зоолошката во Скопје е побогата и за двата најегзотични и најпопуларни видови на птици – фламинга и пингвини кои за првпат се жители на нашата Зоолошка градина. Пингвинариумот е составен од внатрешен дел со затворен базен, надворешен базен од 180 м2, подземен дел со филтри и пумпи за вода, како и тераса од 120 м2. Граден е по светски стандарди и со идеални услови за овие јужноамерикански пингвини кои најлесно се адаптираат на скопската клима.
„Новото живеалиште за фламингата во скопската зоолошка градина е едно од најубавите во Југоисточна Европа. Проектот опфаќа внатрешен дел од 40 м2 и надворешен дел од 120 м2, со езерце и посебен дел за хранење. Живеалиштето претставува една мала лагуна со многу зеленило и идеални услови за овој вод на птици. Град Скопје ја финансираше изградбата на двете живеалишта за фламинга и пингвини кои заедно чинат околу 17,7 милиони денари“, објасни Шилегов.
Белгиските слоници Дуња и Даела во 2018 ја збогатија понудата на Скопје ЗОО во 2018 година. Последен пат слон во градината во Скопје имало пред 26 години. За слониците Дуња и Даела изградено е ново живеалиште, со отворен и затворен дел, според најсовремените светски стандарди и според површината која ја зафаќа е едно од најголемите во скопската Зоолошка. Едната слоница е африканска, другата азиска и двете се стари по 30 години, додаваат од Град Скопје.
„Град Скопје и Зоолошка градина работат на поставување нови стандарди на квалитет и поголема благосостојба на животните. Во континуитет се работи и на едукација на посетителите, но и на облагородување на просторот со нови атрактивни содржини кои привлекуваат се поголем број посетители од кои голем дел се странски туристи“, заклучи Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.

