Македонија
Шилегов: Скопје ја добива најголемата пешачка зона во Европа
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, го претстави планот за затворање на Малиот ринг во Скопје, со што ќе се добие најголемата пешачка зона во Европа.
Со затворање на улицата 11 Октомври, односно Димитрија Чуповски (од Собрание до Палома Бјанка) се добиваат 71 хектар, или 730.000 метри квадратни зона во којашто автомобилите нема да бидат присутни.
„На овој потег од улицата ќе биде овозможено движење исклучиво за автобусите на БРТ-системот. Со тоа се овозможува непречено движење на пешаците од Стара железничка се до крајот на Бит-пазар и од Собрание до крстосницата кај Палома Бјанка“, изјави Шилегов.
Најголемите пешачки зони во Европа до сега се во Гент (Белгија) и Портеведра (Шпанија) и зафаќаат површина од околу 50 хектари. И Барселона во Шпанија неодамна ја презентираше својата намера да затвори дел од центарот на градот со цел да направи пешачка зона од речиси 33.5 хектари.
Град Скопје го ослободува овој простор од автомобили по примерот на европските метрополи. Со воведување на ефикасен јавен транспорт каков што е БРТ-системот граѓаните добиваат алтернатива за транспорт на граѓаните, а особено оние кои сакаат да стигнат до овој дел од градот. Двете линии на БРТ се преклопуваат непосредно пред пешачката зона, велат од таму.
Додаваат дека дополнително олеснување на движењето се добива и со кружните текови кои се предвидува да се изградат во непосредна близина на зоната, со цел движењето на автомобилите полесно се дисперзира од центарот на градот. Два кружни тека се планирани пред и по надвозникот кај Црниче и Кисела Вода и третиот кај зградата на поранешна Нова Македонија.
Целта, како што напоменуваат, е да се дисперзира фокусот на Градот Скопје во неговиот центар, да се остави простор градот целосно да се развива, во сите негови делови. Истовремено, оставајќи простор за посетители, пешаци, велосипедисти, токму во центарот на градот, а истиот да се сочува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

