Македонија
Шилегов: Скопје ќе го има првиот аквариум во регионот
Скопје заслужува објекти кои ќе го вратат на вистинската патека. Скопје и скопјани заслужуваат вистински објекти со кои ќе се гордеат, во кои вистински ќе уживаат и за кои ќе раскажуваат на идните поколенија со истиот восхит како кога биле тогаш направени. Затоа Скопје ќе го има првиот градски јавен аквариум со капацитет и квалитет кој ќе биде рамо до рамо со европските аквариуми, најавува градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Според него, Скопје ќе го има првиот аквариум од градовите на поранешна Југославија. Со што овој објект ќе има и регионално влијание, односно планот е да стане една од „must see“ дестинациите при посетата во Скопје, како на наши граѓани од периферијата, така и гости од регионот, Србија, Бугарија, Албанија, Косово и Грција. На овој начин самата инвестиција ќе се врати мошне брзо, а самата институција ќе егзистира и вработува нови млади научници и љубители на акваристиката и подводниот свет.
„Идејата за локацијата првенствено беше таква да се искористат постоечките објекти со што ќе се заштедат средства и ќе се оптимизираат истите за да се инвестира повеќе во содржина на аквариумот. Овој објект со децении немаше никаква намена, но од друга страна е идеален за потребите на скопскиот аквариум. Стратешки, објектот е лоциран до Природонаучниот музеј на Град Скопје и е во самото двориште на Скопје ЗОО“, вели Шилегов.
Аквариумот има можност за независен влез и излез во зоолошката градина, со што се овозможува практичен проток на посетители. Објектот е изграден во склоп на двата споменати објекта и практично има и историско значење поради самиот комплекс на предната фасада од овој зоолошки центар, така што и природно припаѓа на целата содржина, Зоолошка, природонаучен музеј и аквариум.
„Концептот на аквариумот е таков да првенствено ќе ја задржиме целосната градба и архитектура на зградата, практично без никакви архитектонски шминки и вешто ќе ги искористиме самите капацитети што објектот ги нуди. Во долниот подрумски дел, кој е голем практично колку целата зграда што ја гледаме однадвор, во еден дел ќе бидат сместени филтерските станици за прочистување, а во останатиот дел ќе биде карантин со аквариуми, во кој планираме да обезбедиме капацитети за чување на жив подводен свет, флора и фауна и еден мал дел кој ќе има истражувачки капацитет преку кој планираме да формираме тим на биолози и ихтиолози за презервација на одредени загрозени автохтони подводни видови“, објаснува Шилегов.
Изложбениот дел ќе се состои од две нивоа со галерија, каде првенствено ќе бидат искористени сите можности кои ги нуди просторот во кој ќе бидат сместени повеќе аквариуми егзотични видови распределени по одредени континентални области, Јужна Америка со Амазонија, тропска Африка, Азија и Австралија. Аквариумите ќе бидат поделени системски на аквариуми со слатка и аквариуми со солена вода. Планираме да адаптираме идеални услови за преку 300 видови риби, мекотели, водоземци и сл.
„Веќе имаме обезбедено контакти од неколку врвни центри од Европа, за соработка и стручна, како и материјална помош од берлинскиот аквариум, Виена, Истанбул итн. со што целта ни е да се приклучиме кон глобалната идеја за конзервација и заштита на животната средина и подводниот свет. Она што најмногу нè мотивираше се најмладите и децата, за кои овој објект треба да претставува една од главните атракции. Слично како и Дино-паркот, ќе биде место каде што фасцинацијата и возбудата ќе бидат на прво место. Преку тематските аквариуми децата непосредно ќе се запознаат со поинаква димензија, со што сакаме што повеќе да научат за природата и начинот како функционира подводниот свет, кои се разликите помеѓу нашите видови и оние од тропските краишта, зошто е тоа така и на крај покрај добрата забава да им дадеме и еден поинаков курс и начин на размислување. Можност да научат повеќе и да се приближат повеќе кон природата на најнепосреден можен начин. Секако во склоп на аквариумот се предвидуваат и многу други активности, како работилници за ученици, престој и организирање на разни детски групи, активности и соработка со разни едукативни центри од целата земја, комерцијални организирани посети од Скопје и другите градови од републиката“, вели Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ќе се тестираат камерите на автопатот Охрид–Кичево во рамки на „Безбеден град“
Сектор за внатрешни работи Охрид денеска ќе спроведува активности за тестирање, калибрација и верификација на поставените уреди за сообраќаен надзор во рамки на проектот „Безбеден град“.
Како што информираат од СВР Охрид, активностите ќе се реализираат на автопатската делница Охрид–Кичево, и тоа помеѓу селата Горенци и Требеништа, како и на потегот помеѓу Ботун и Ново Село, во општина Дебрца.
Планирано е активностите да започнат во 12 часот, при што на секоја локација со поставена камера постапката ќе се изврши еднократно и ќе трае од 15 до 30 минути.
Од СВР Охрид апелираат до сите учесници во сообраќајот на овој патен правец да покажат разбирање за неопходноста од планираните мерки, да ги почитуваат привремените ограничувања и насоките на полициските службеници, со цел безбедно спроведување на активностите.
Македонија
СДСМ: Каде е др. Жан Митрев и зошто Обвинителството не реагира
СДСМ вели дека додека ВМРО-ДПМНЕ продолжува со лажна кампања и линч против претседателот на партијата, Венко Филипче, во јавноста го нема д-р Жан Митрев.
Во соопштението се наведува дека д-р Жан се појавил на телевизија Алфа, каде што, според СДСМ, изнел лаги за Филипче, по што, како што се посочува, исчезнал од јавноста.
„Прашањето е каде е др Жан? Дали Обвинителството го повика?“, прашуваат од СДСМ, додавајќи дека кампањата против Филипче трае со недели во медиуми кои ги нарекуваат контролирани од ВМРО/Орбан, без никаква реакција од Обвинителството.
Од партијата наведуваат дека со недели поставуваат прашања кога д-р Жан ќе даде изјава пред надлежните институции, но, како што посочуваат, не добиваат одговор.
Македонија
Лани подигнати 22.000 кубни метри отпад од диви депонии, Комунална апелира поскоро да стапи во сила Законот за формирање на комунална полиција
Во текот на 2025 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнале и транспортирале вкупно 21995 кубни метри отпад од стотици диви депонии лоцирани во сите скопски општини. Најголемо количество непрописно одложен отпад е отстрането во скопските општини Центар и Чаир.
„Екипите на Претпријатието речиси секојдневно интервенираа на неколку локации каде што се одлага отпад на јавни и на сообраќајни површини, најчесто на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), на аголот со улицата Максут Садик, веднаш крај детското игралиште, каде што континуирано се отстрануваа големи количества непрописно одложен кабаст, градежен и мешан комунален отпад“, велат од Комунална.
Воедно, во текот на минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје врачила 607 записници за лица и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање отпад. Најголем број записници – вкупно 227, се изготвени во скопската општина Чаир.
ЈП Комунална хигиена-Скопје објави дека нема ингеренции на терен да ги санкционира прекршителите на Законот за јавна чистота и од тие причини апелира што поскоро на сила да стапи Закон за формирање комунална полиција, како најефикасен начин да се превенира загадувањето на животната средина и да се заштити јавното здравје.

