Македонија
Шилегов: Со велопатеки и над 12.000 нови велосипеди Скопје е подготвено за Европската недела на мобилноста
Градоначлникот Шилегов ја потпиша пристапницата кон Европската недела на мобилноста 2021, со што и официјално почна ЕНМ 2021 со мотото „Движи се одржливо, остани здрав“.
„Град Скопје 11. пат се вклучува во редот на градовите што ја одбележуваат Европската недела на мобилноста со богата агенда исполнета со квалитетни содржини во насока на промоција на пешачењето, велосипедизмот и користењето на јавниот превоз како одржливи форми на урбана мобилност. Оваа година тема на Европската недела на мобилноста е ‘Безбедно и здраво со одржлива мобилност’ и во нејзиното одбележување ќе се вклучат над 2.700 града од над 50 држави од Европа и светот. Годинешната кампања организирана со мотото ‘Движи се одржливо, остани здрав’ има цел да оддаде почит на справувањето со пандемијата на Ковид-19 и да фрли едно поинакво светло на можностите што произлегоа од оваа досега невидена здравствена криза. Градовите во светот воспоставија креативни, еластични одговори на пандемијата поради што оваа година Европската недела на мобилноста ја слави издржливоста на градовите и нивните достигнувања во обид да ја пребродат кризата што е можно побезболно. Во тие рамки ќе се одржат повеќе онлајн-работилници со ученици од основното и средното образование во насока на промоција на мерките за постигнување на одржливата урбана мобилност. Предвидени се и повеќе активности преку кои ќе се промовира развојот на мрежата на велосипедски и пешачки патеки во градот, која се зголемува во просек за речиси 14 километри годишно, со што велосипедската мрежа во нашиот град годинава надмина 110 километри“, рече Шилегов.
Додаде дека изминативе години Градот се посвети на градењето на т.н. конектори, кои ги поврзуваат главните велосипедски рути во Скопје, и го спои со велосипедските патеки и Големиот ринг.
„Сите патеки се изведени во согласност со стандардите што предвидуваат слеани рабници, заобиколувања на автобуските станици, соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација и заштита од столпчиња. Оваа година работиме на нова велопатека на булеварот Видое Смилевски-Бато, продолжување на велопатеката на булеварот Александар Македонски, а нови велоленти ќе добијат и Рузвелтова, Христо Татарчев и Митрополит Теодосиј Гологанов. Велосипедски патеки се предвидени и на новиот дел од улицата Васко Карангелески, продолжението на булеварот АСНОМ преку мостот до Керамидница, булеварот Никола Карев и клучката кај Момин Поток. Изминативе 4 години Скопје е побогато со над 12.000 нови велосипеди и над 600 нови тротинети, само благодарение на субвенциите што Град Скопје ги доделуваше секоја година“, рече Шилегов.
Дополни и дека администрацијата е посветена на развојот на велосипедската мрежа во Скопје од причина што тоа е еден од начините да се мотивираат што е можно повеќе граѓани да го изберат велосипедот за превозно средство, што во голема мера ја зголемува одржливоста на урбаната мобилност во нашиот град.
Според него, сите преземени мерки и менувањето на навиките на скопјани директно ќе придонесaт не само за намалување на сообраќајниот метеж во градот, за одржувањето на сопственото добро здравје во добра кондиција, туку и за почиста животна средина во градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа-Касами: силен инвестициски фокус на животната средина во Тетово
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска одржа работен состанок со градоначалникот на Тетово, Билал Касами.
Во фокусот на разговорите беа инвестициите кои Министерството ги реализира во Тетово, вклучувајќи ја реконструкцијата на главниот водовод од Попова Шапка до градот, проширувањето на примарната мрежа во населбата „Вонвардарска“ и изградбата на колектори за атмосферска канализација во Фалише и Дарданија, проекти кои се во различни фази на реализација.
На средвата беа разгледани проектите финансирани од Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој, вклучувајќи ја втората фаза на реконструкција на водоводот и изградбата на Станицата за трансфер на отпад во Тетово, како и тековните IPA проекти.
Соговорниците се обврзаа на тесна институционална соработка за ефикасна реализација на проектите и одржливо подобрување на условите за живот на граѓаните на Тетово.
Македонија
Интересот за докуп на стаж не се намалил и во 2025 година: управниот одбор на Фондот на ПИОМ ја усвои завршната сметка
Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување ја одржа триесет и втората седница.
Директорот на Фондот, Никола Мемов ги информира членовите на Одборот за активностите што се остварени по претходната седница. Тој рече дека предвидените активности на Фондот се одвиваат согласно плановите и при тоа нагласи дека процесот на дигитализацијата на архивата се одвива непречено согласно СИАП проектот и се очекува да заврши до 30 јуни оваа година.
Мемов, исто така, информира дека состојбата со решавањето на предметите е подобрена, а особено во Комисиите за процена на способноста, и нивниот број е намален.
Управниот одбор ја усвои Завршната сметка на Фондот за 2025 година. Директорката на Секторот за финансии, Фатиме Неџипи рече дека од податоците изнесени во Завршната сметка произлегува дека Фондот навремено и во целост ги извршувал сите обврски во текот на 2025 година. Таа додаде дека приходите и расходите се избалансирани и се во согласност со предвидените параметри.
Членот на Одборот, Станка Трајкова рече дека од Завршната сметка се гледа дека финансиското работење на Фондот е позитивно, што е задоволувачки резултат.
Управниот одбор на седницата ги разгледа и Информацијата за состојбата со наплатата на закупнината на издадениот станбен простор во домовите за живеење на корисниците на пензија за период 01.01 – 31.12.2025 година и Информацијата за состојбата со наплатата на закупнината за издадениот деловен простор во домовите за живеење и клубовите за дневен престој на корисниците на пензија за истиот период.
Директорот на Секторот за човечки ресурси, правни и општи работи, Влатко Ѓуроски рече дека наплатата на закупнините кај станбениот простор се одвива непречено, поради тоа што истата се одвива со задршка од пензијата на корисниците. Кај издавањето на деловниот простор, додаде тој, во два случаи се прекршени одредбите од Договорот за закуп и истите се раскинати. Ѓуровски рече дека овие простори ќе бидат дадени на лицитација за изнајмување откако ќе биде извршена проценка на вредноста за давање под закуп по метар квадратен.
Управниот одбор ги разгледа и Информацијата за остварените права од двостолбниот пензиски систем и Информацијата за утврдување на стажот на осигурување – „докуп на стаж“ во 2025 година. Директорката на Секторот за остварување на права од ПИО, Билјана Стојанова информира дека во вториот столб има 410.602 активни осигуреници. Според евиденцијата на Фондот досега 130 осигуреници оствариле право на старосна пензија со исплата од двостолбниот пензиски систем. Од нив 57 корисници кои ги потрошиле средствата од индивидуалната сметка примаат минимална пензија од Фондот.
Во однос на докупот на стаж, Стојанова рече дека интересот не се намалува и во 2025 година се поднесени 840 барања. За 791 барање е донесено позитивно решение, за 21 негативно, а 11 предмети се во тек на решавање. Стојанова рече дека по овој основ до 31.12 2025 од Фондот се наплатени 4 милијарди 222 милиони 217 илјади и 2 денари.
Македонија
Утре сончево со мала локална облачност, во наредните денови температурите во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

