Скопје
Ѓорѓиевски постави мерна станица во парцелата на Цементарницата „Усје“
Со цел да се контролира загаденоста на воздухот, во близина на Цементарницта „Усје“ АД, Општина Кисела Вода постави мерна станица во парцелата на компанијата. Се работи за уред што поседува инструмент од типот Аeroqual AQS-1. Класата на точност за мерење на ПМ 10-честички е во две мерења и опфаќа честичките ПМ 1, ПМ 2,5; ПМ 10 и ТСП. Опсегот на големина на честичките е од 0,1 микрометар до 40 микрометри. Мерењата ќе се вршат во согласност со стандардите и директивите на ЕУ.
„Денес, исполнуваме уште едно ветување од мојата предизборна програма, кое на нашите жители ќе им обезбеди увид во квалитетот на воздухот во близина на фабриката Цементарница ‘Усје’ АД Скопје. Како локална самоуправа, Општина Кисела Вода прави сè што е во рамките на своите ингеренции за на граѓаните да им обезбеди поквалитетен воздух и подобра еколошка средина. На потег се сега надлежните, односно неминовна е потребата од неселективен ангажман на Град Скопје и на централната власт преку своите ресорни министерства, кои имаат ингеренции над овој индустриски капацитет бидејќи здравјето на граѓаните мора да биде на прво место“, рече Ѓорѓиевски.

„Во изминатите две години ја ставивме во функција мерната станица кај Домот на културата ‘Билјана Беличанец’, секоја година по неколкупати организираме масовни акции за пошумување, доделуваме субвенции за набавка на печки на пелети и на пелети како еколошки енергент, интензивно работиме на имплементација на проекти за енергетска ефикасност. Во буџетот за 2024 година предвидовме средства и за набавка на фотоволтаици, со што ќе се штедат енергија, парични средства и ќе се намали загадувањето. Заштедата исто така може да се искористи во нови инвестиции за еколошки проекти. Говорејќи за проектите за заштита на животната средина, сакаме да потенцираме дека во буџетот на Општина Кисела Вода за претстојната 2024, како никогаш досега, акцент е ставен токму на оваа сфера. Мерната станица поставена во близина на Цементарницата ‘Усје’ АД е уште една потврда дека Кисела Вода работи на обезбедување на најдоброто за своите жители и повторно апелираме за поголема свесност кај институциите, кои имаат директна надлежност за решавањето на овие горливи проблеми, што директно ги задираат здравјето и животот на граѓаните“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Општина Центар го отвори електронскиот анкетен прашалник за креирање на буџетот за 2026 година
Општина Центар стави на располагање електронски Анкетен прашалник преку кој граѓаните директно може да се вклучат во процесот на креирање на Буџетот за 2026 година. Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува жителите активно да ги доставуваат своите предлози и да укажат на потребите во своите маала.
„Ги повикувам сите граѓани да ја искористат алатката Анкетен прашалник и сериозно да се вклучат во креирање на буџетот за следната 2026 година. Вие сте најголемиот коректор и вашите барања се најзначајни. Јас сум овде да ги проследам сите ваши предлози, а заедно со секторите да ги оцениме приоритетните кои веднаш ќе влезат во програмите“, изјави градоначалникот Герасимовски.

Преку електронскиот прашалник, граѓаните може да предлагаат проекти од различни области: образование, социјална, детска и здравствена заштита, култура, спорт и рекреација, локален економски развој, урбано планирање, комунални дејности, животна средина, јавни работи, како и реконструкција и санација на училиштата.
Со ова, општина Центар овозможува вистинско и директно учество на граѓаните во подготовката на програмите за работа и во дефинирањето на приоритетите во буџетот за 2026 година, велат од Општината.
Анкетниот прашалник е достапен на следниот линк
Македонија
Делови од Студеничани и Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од село Осинчани, Ловиште Јасен, село Држилово, село Патишка Река, село Елово, село Малчиште, викендици Патишка Река, Сателитски центар Нова Брезница, Каменолом Вардар Градба, викендици Држилово, село Јаболци, село Црн Врв, Рудпроект, Карст Јаболци, Викенд Населба Јаболци и село Нова Брезница.(општинa Студеничани и Сопиште)
Македонија
(Фото) Герасимовски: Работнички добива модерна ФИБА-сала, паркетот се поставува, се монтираат семафорите
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска изврши увид во завршните градежни активности во салата „Работнички“, која добива современ изглед и целосно ги исполнува ФИБА стандардите за одржување натпревари од највисоко ниво.
Во моментов се поставува нов паркет на теренот со површина од 700 квадратни метри, кој одговара на ФИБА стандардите за натпревари од ниво 1, а неговото целосно завршување се очекува во текот на следната недела.

„Пред самиот крај сме – завршуваме еден голем процес и во исто време отвораме ново поглавје за нашиот „Работнички“. Го остваривме тоа што го замисливме, па дури и повеќе , добивме сала по ФИБА стандарди“, изјави Герасимовски.
Објектот е целосно енергетски ефикасен. Поставено е подно греење, со што се овозможуваат значителни заштеди на енергија, а инсталиран е и современ климатизациски систем за ладење, греење и проветрување. Фасадата е исто така енергетски ефикасна, со што се обезбедува долготрајност и економичност во користењето.

Трибините се целосно завршени, а во тек е поставување на заштитни огради согласно противпожарните стандарди. Амбиентот во салата е во боите на КК „Работнички“, со црвени столчиња и бело-црвени ѕидови.
Дополнително, во наредната фаза ќе се доинсталираат семафорите, додека озвучувањето и осветлувањето веќе се целосно финализирани.

На приземјето се обезбедени вкупно шест соблекувални за екипите и судиите, како и простории за медицинска интервенција и за допинг-контрола. Поставени се тоалети за посетители, вклучително и инклузивни, со пристапна рампа, а во административниот дел се предвидени простории за конференции и состаноци.
Бројот, големината и намената на дополнителните простории се реализирани во координација со Македонскиот олимписки комитет, Кошаркарската федерација на Македонија и другите спортски федерации, со цел салата да ги задоволува сите стандарди за меѓународни натпревари и да придонесе за унапредување на спортот во Центар и Скопје.

На обиколката присуствуваа и ветераните на „Работнички“, Митко Луковски и Огњан Герасимовски, кои го поздравија напредокот и изразија поддршка за овој значаен проект.

