Скопје
Oпштина Илинден и оваа година ќе доделува субвенции за инвертер клими или соларни панели
И оваа година општина Илинден објави Јавен повик за субвенции за купување на инвертер клими или соларни панели. Јавниот повик е според Програмата за финансиска поддршка на целни групи граѓани на Општина Илинден за 2024 година која предвидува еднократна парична помош за набавка на инвертер клими или соларни панели на лица со постојано место на живеење на територија на општина Илинден.
Износот кој го доделува Општината како финансиска помош изнесува 50% од сумата за која е купена инвертер климата или соларниот панел односно до максимум 10.000,00 денари по производ. Целта на повикот, како што истакна градоначалникот Александар Георгиевски е да се стимулираат граѓаните односно домаќинствата за употреба на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување на своите домови, кои се поекономични, енергетски поефикасни и еколошки прифатливи за околината.
Барањата од Јавниот повик ќе бидат разгледувани по редослед според датумот и времето на пристигнување. Право на учество на Јавниот повик има секој граѓанин со постојано место на живеење во општина Илинден кој ќе купи инвертер клима или соларен панел од денот на објавување на јавниот повик од 27.05.2024г. до 25.06.2024г. односно се до исцрпување на предвидените финансиски средства за таа намена.
За сите дополнителни информации заинтересираните граѓани можат да се информираат директно во просториите на Општина Илинден или на официјалната веб страница ilinden.gov.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Најдобрите ученици на државните натпревари од Илинден на прием кај градоначалникот Алекдандар Георгиевски
И оваа година Градоначалникот на општина Илинден Александар Георгиевски приреди прием на учениците од основните и средното училиште од општината кои освоија високи места на државните натпревари и им додели признанија за постигнатите резултати.
Градоначалникот им ги честиташе успесите на учениците и нивните ментори и истакна дека прекрасно е чувството што има голем број наградени ученици од Илинден. Тој додаде дека како локална самоуправа посветено се работи на дополнителна промоција на успеси и достигнувањата на учениците.
-На 30 тина ученици и нивните ментори и оваа година им доделивме признанија за постигнатиот успех на државните натпревари кои се одржаа во текот на годината. Овој настан ќе продолжи и понатаму затоа што претставува признание за нивниот труд но и мотив за сите останати. Им го честитам крајот на учебната година, им посакувам убав летен одмор и во следната година подолеми достигнувања, истакна градоначалникот Георгиевски.
Високи достигнувања имат учениците на државните натпревари по македонски јазик, англиски јазик, хемија, биологија, природни науки, физичко во ракомет, како и на натпреварот по Информатичко размислување.
Скопје
Стефковски: 3000 денари и признание за првенците на генерација во Гази Баба
Утрово во просториите на општина Гази Баба, градоначалникот Бобан Стефковски ги додели признанијата на учениците од општинските основни училишта кои беа прогласени за ученици на генерација.
За настанот, градоначалникот Стефковски информираше на својата официјална страна на фејсбук.
„Општина Гази Баба е единствената општина во Република Македонија која на учениците кои се прогласени за ученик на генерација им доделува парична награда од 3000 денари и признание за постигнатиот успех.
Оваа активност се воведе со моето доаѓање за градоначалник на општина Гази Баба бидејќи наша должност е да го почитуваме и наградуваме успехот на најдобрите ученици, а со тоа да бидеме мотивација за сите останати.
Им честитам на учениците за постигнатиот успех и посакувам да продолжат да бидат успешни средношколци, а потоа и студенти!“, напиша Стефковски.
Скопје
Во текот на една недела санкционирани 207 непрописно паркирани возила на територијата на општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во текот на една недела санкционираа 207 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„Во периодот од 10.06. до 16.06.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 111 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 96 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани“, велат од ПОЦ.
„ЈП ПОЦ и Општина Центар секојдневно водат грижа за да го доведат во ред сообраќајниот хаос настанат од непрописно паркираните возила на територијата на Општина Центар. Потсетуваме на почитување на сообраќајните правила од страна на секој учесник во сообраќајот со цел одржување на ред и безбедност на улиците“, се додава во соопштението на ПОЦ.