Скопје
Герасимовски: Тодор Гечевски е новиот спортски директор на КК „Работнички“
Тодор Гечевски и официјално е новиот спортски директор на КК „Работнички“, објави денеска градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски. На прес-конференцијата Герасимовски истакна дека со новото раководство очекува победа на квалификацискиот турнир за ФИБА Еврокупот во Скопје, кое ќе трае од 2 до 5 октомври.
„По неколкугодишна пауза, тимот од Центар сезонава повторно ќе игра во квалификациите за ФИБА Еврокупот, но со ново засилување. Тодор Гечевски се враќа во тимот, каде што ја заврши својата кариера, но како нов спортски директор на КК ‘Работнички’. Ова засилување на тимот верувам дека ќе донесе нова свежина и победа и на домашната и меѓународната сцена. Верувам дека на целата спортска јавност ѝ недостигаат моментите на навивање, бодрење и целата таа возбуда и желба за победа. Се надевам дека црвено-белите повторно ќе го вратат некогашниот сјај и ќе се вратат на победничките патеки“, изјави Герасимовски.

Гечевски, пак, истакна дека со стабилниот буџет од генералниот спонзор „Мтел“ и „Видеолотарија Касинос Австрија“ се добро подготвени и за сериозни успеси. Тој очекува и победа на турнирот за квалификација за ФИБА Еврокупот.
„Оваа сезона имаме посериозна екипа, неколку нови засилувања. Домашниот терен и квалитетот со кој располагаме ни дава право да се надеваме на прво место во претстојните квалификации, иако постои можност и како второпласирани во групата да продолжиме во меѓународните натпревари. Мислам дека сме добро подготвени. Екипата е направена порано за да има време за воигрување. Четириесетина дена сме во тренажен процес. Размислуваме за сериозни успеси и верувам дека со нашите навивачи можеме да го постигнеме тоа. Одиме натпревар по натпревар. Со стабилниот буџет и поддршката од двата големи спонзора, Општината Центар и ‘Мтел’, мислам дека можеме до успеси“, изјави Гечевски на денешната прес-конференција.

„Работнички“, денес, од 18 часот, го игра натпреварот од 1. коло во македонското првенство против ТФТ. Воедно, КК „Работнички“ ќе биде организатор и на натпреварот во кој ќе настапи ривалот „Донар Гронинген“ од Холандија, потоа романскиот „Рапид Букурешт“ и „Сахах“ од Азербејџан, кои од неодамна го презедоа нашиот тренер Боби Митев.
Општина Центар ги кани граѓаните назад на трибините да го поддржат тимот, а локалната самоуправа како и досега ќе продолжи да дава поддршка за да го врати стариот сјај на КК „Работнички“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Кисела Вода: Компјутери, принтери и телевизори за училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“
Набавени се компјутери, принтери и телевизори за основните училишта „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, како дел од континуираните активности за унапредување и модернизација на наставниот процес, извести Општината.

„Во периодот кога учениците се на зимски распуст, во училиштата се врши опремување со нова информатичка опрема, со цел второто полугодие учениците да го започнат со поквалитетна настава и полесен пристап до дигитални содржини.

Со оваа инвестиција, општина Кисела Вода уште еднаш ја потврдува својата определба за дигитализација на образованието и создавање современи услови за учење, во чекор со новите образовни стандарди и потребите на учениците“, соопштуваат од Општината.

– Нашата цел е децата да учат во современи и опремени училишта, каде што ќе имаат можност да стекнуваат знаења и дигитални вештини неопходни за нивниот понатамошен развој. Компјутерите, принтерите и телевизорите кои ги обезбедивме во училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ се уште еден конкретен чекор во таа насока, а учениците по зимскиот распуст ќе бидат пречекани со значително подобри услови за настава, изјави градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.



Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.

