Скопје
Ден на словенечка потица во Ѓорче Петров – празник на културата и пријателството
Вчера, во Културниот центар Ѓорче Петров, се одржа Денот на словенечка потица – настан кој ги обедини жителите на Ѓорче Петров со членовите на словенечката заедница и беше целосно посветен на славењето на традицијата и културата на Словенија.
„Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски имаше чест да присуствува на овој настан, кој беше вистински културен настан, исполнет со топлина и пријателство.
Местото беше исполнето со мирисот на традиционалната словенечка потица, која беше приготвена од нашите сограѓани, заедно со словенечката заедница. Ова пециво, кое е не само празничен специјалитет, туку и симбол на љубовта и традицијата, пленеше со својот вкус и историја“, соопшти општината.
Градоначалникот на Ѓорче Петров изрази благодарност до сите организатори, учесници и гости кои го направија овој настан незаборавен и посочи дека ваквите настани ја потврдуваат отвореноста на Ѓорче Петров за различните култури и го зајакнуваат пријателството меѓу народите.
„Словенечката потица е многу повеќе од само пециво, таа е симбол на нашите заеднички вредности и сплотеноста која ја имаме. Благодарност до сите кои се вклучија во организирањето и учествуваа во овој настан. Ѓорче Петров секогаш бил и ќе остане место каде што културите се поздравуваат и се негуваат, а оваа соработка ја потврдува нашата посветеност на меѓународната соработка и пријателство“, изјави градоначалникот Стојкоски.
Присутни на настанот беа и Н.Е. амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер, заменичката-амбасадорка Ника Ротар и конзулот Мартин Глазар, кои со своето присуство ја истакнаа важноста на културната размена и пријателството меѓу нашите две земји, велат од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје реализира активности за расчистување на снегот во сите скопски општини
Вчера, ЈП Комунална хигиена-Скопје со максимална ангажираност на сите расположливи работници во три смени спроведуваше активности за рачно и машинско чистење на снегот и мразот на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини, со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците и одвивање на сообраќајот.
„Активности за расчистување на снегот и мразот беа реализирани и во централното градско подрачје, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, како и Старата чаршија. Екипите на Претпријатието го расчистуваа и реонот околу Градската болница, Државната болница, Владата и Собранието на РМ, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев“, и „Слобода“, како и сите пешачки мостови. ЈП Комунална хигиена-Скопје ќе продолжи со активностите за расчистување на снегот и мразот и во текот на денешниот ден и претстојната ноќ“, соопштија од ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Скопје
Герасимовски: Екипите на Центар на терен, се фрла сол и се расчистуваат улиците, тротоарите и пешачките патеки
Синоќа на терен беа ангажирани четири големи возила и две мали, при што интензивно се посипуваше со сол и се работеше на расчистување на улиците во населбите: Мало Курило, Водно, Дебар Маало, Маџир Маало, Кале, Капиштец и Крњево.
Утринава се чистат тротоарите и приодите до јавните установи, како што се амбуланти, здравствени и пензионерски домови, детски градинки, со цел да се обезбеди безбедно движење за сите граѓани.
„Апелирам до жителите, како и до сопствениците на малите бизниси и ресторани, да го одржуваат чистотата пред своите објекти. Особено е важно приодите да бидат ослободени од снег и мраз, за да се овозможи безбедно движење за сите. Нашите тимови постојано ја следат состојбата и вложуваат максимални напори за одржување на улиците проодни. Заедно можеме да создадеме побезбедни улици за сите”, истакна градоначалникот Горан Герасимовски.
Досега се расчистени главните сообраќајници, собирните улици и сервисните патишта во станбените зони, за да се овозможи непречено реализирање на секојдневните обврски на граѓаните.
Скопје
Герасимовски: Граѓанскиот буџет за 2025 достапен онлајн, со еден клик до транспарентна и активна улога на граѓаните
Општина Центар информира дека на официјалната веб-страница е објавен Граѓанскиот буџет за 2025 година. Овој документ, подготвен во едноставен и разбирлив формат, обезбедува увид во приходите, расходите и планираните капитални инвестиции на општината, претставувајќи ги приоритетите и стратешките определби на локалната самоуправа.
„Граѓаните преку оваа апликација можат да имаат увид во тоа како се креира буџетот, како се трошат нивните пари и кои се планираните проекти и активности во општината. Граѓанскиот буџет е наменет исклучиво за јавноста и има цел да ја зголеми транспарентноста и отчетноста за тоа како се управува со буџетските средства. Неговата достапност овозможува поактивно учество на граѓаните во креирањето и спроведувањето на локалните политики“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Дополнително, на веб-страницата на Општина Центар е достапна алатката „Мој буџет“. Дел од процесот се и Буџетските форуми, кои Општина Центар ги организира секоја година, овозможувајќи им на жителите на локалната самоуправа со свои предлози активно да влијаат врз креирање на буџетот.
Покрај ова, со цел да обезбеди активна и директна комуникација, во општината редовно се организираат отворени денови со граѓаните каде што тие имаат можност да ги споделат своите забелешки и идеи со надлежните служби.
Истовремено, можат да остварат средби и со градоначалникот за да се информираат за актуелни проекти, поставуваат прашања, учествуваат во дискусии и даваат предлози за важни локални прашања.
За пристап до Граѓанскиот буџет за 2025 година, посетете ја веб-страницата на Општина Центар.