Скопје
Пуштена во употреба новата општинска зграда на Општина Ѓорче Петров

На површина од 3.285 м2, поделена на 5 нивоа, со 66 нови канцеларии, 2 сали за состаноци, амфитеатар, 4 чајни кујни, тоалети и тоалети за лица со инвалидитет, два лифта и други технички простории, вчеравечер беше пуштена во употреба новата општинско-административна зграда на Општина Ѓорче Петров.
Граѓаните на Ѓорче Петров, по деценија градба, ќе добиваат централизирани услуги на едно место, а на вработените им се овозможуваат сите современи услови за работа.
На настанот присуствуваа голем број гости и соработници на Општината, советници, поранешни градоначалници итн. Гостин беше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, придружуван од пратеници од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, градоначалниците од партијата и други високи гости.
На отворањето се обрати градоначалникот Александар Стојкоски, кој рече дека нема сфера од општественото живеење што Општина Ѓорче Петров не ја опфати со работа во изминатите две години.
„Ѓорче Петров мора да продолжи да се развива. Ве уверувам дека ништо нема да нè поколеба на патот до реализација на паролата ‘Урбано Ѓорче’“, истакна Стојкоски.
Иднината зависи од она што го правите денес, додаде градоначалникот, а она што ние го правиме денес останува во рацете на нашата иднина.
„Нема поголем мир во душата од тоа да знаеш дека создаваш за генерациите. Моја желба е да оствариме уште многу капитални чекори заедно во годините што доаѓаат. За неполни две години, успеавме да оствариме голем процент од програмата за работа и да реализираме многу ветувања дадени пред граѓаните“, нагласи Стојкоски.
На свеченоста говор одржа и претседателот на Советот на Општина Ѓорче Петров, Ленче Нелоска, која истакна дека новата зграда е во корист на граѓаните и оти се надева дека овој грандиозен објект ќе остане во наследство на генерациите и потсетник за едно време кога вистински, отчетно, чесно и транспарентно се работи.
„Дозволете да им честитам и на вработените во Општина Ѓорче Петров што конечно ќе имаат услови за работа какви што заслужуваат. Тие се моторот на целиот процес и верувам во уште подобри резултати во иднина“, рече Нелоска.
Општина Ѓорче Петров со повеќе настани го одбележува 20 Септември – Денот на Општина Ѓорче Петров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Со градинката „Пролет“ поставивме нови стандарди за детска грижа во Центар

Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека е пресреќен што во еден мандат, во рок од три години е отпочнат и завршен проектот за изградба на новата градинка во населбата Пролет, што е редок пример во државата.
„Ако разгледате и направите увид и истражување во поголем дел од општините, ќе видите дека многу споро оди делот на реализација на ваков тип на проекти. Искрено сум среќен што успеавме за три години да го реализираме проектот и да ја направиме најубавата и најмодерната градинка не во Скопје, туку и на територија на цела држава. Градинката Пролет е гордоста на родителите, со оваа изградба поставивме нов стандард за детска грижа во Центар“, вели Герасимовски.
Градинката Пролет згрижува 173 дечиња во 9 занимални, на површина од 3.276 метри квадратни. Нејзината изградба почна во 2022 година во мандатот на градоначалникот Герасимовски и истата е целосно финансирана од Општина Центар во висина околу три милиони евра, без задолжување.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Целоснo реконструиран стадионот ССК во Драчево

По децениска запуштеност и негрижа, спортскиот стадион ССК во населбата Драчево, кој некогаш важеше за едно од главните спортски обележја на Кисела Вода, доби целосно нов лик. Со свечена церемонија, синоќа беше пуштен во употреба, благодарение на заложбите на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и поддршката од Фудбалската федерација на Македонија, извести општина Кисела Вода.
Обновениот стадион нуди услови кои се во согласност со современите спортски стандарди. Станува збор за целосна реконструкција што опфаќа девет нови соблекувални, современа теретана, туш кабини, поставена е нова заштитна ограда по целата должина на објектот, а тревната подлога е комплетно санирана. Посебно значајно е и новото осветлување со рефлектори, кое овозможува користење на теренот и во вечерни услови – за тренинзи и официјални натпревари.
Оваа инвестиција значи враќање на животот на еден значаен спортски капацитет во општината, кој во минатото беше дом на многу успешни фудбалски имиња. Со реконструкцијата, ССК повторно станува центар за младите спортисти и фудбалери од Кисела Вода и пошироко, создавајќи услови за нивен развој и афирмација, велат од Општината.
„Заврши долгогодишната негрижа за овој спортски терен во Драчево кој во минатото беше едно од спортските одбележја на Кисела Вода. Вечерва, со свечена церемонија го пуштивме во употреба стадионот кој е белег на нашата општина и од кој во минатото се прославиле доста звучни имиња во македонскиот фудбал. Драго ми е што моите заложби за неопходните реконструктивни зафати на ,,ССК” вродија со плод и што наидовме на разбирање кај ФФМ за што сакам да изразам огромна благодарност, па спортистите сега повторно го добија овој простор за себе, но со услови кои се модерни и современи. Стадионот доби девет целосно нови соблекувални, нова теретана и туш кабини, нова ограда по целата должина, санација на тревната подлога, комплетно осветлување со нови рефлектори – што овозможува одлични услови за тренинг и за одржување на натпревари на фудбалскиот клуб ,,ССК”. Обновата на спортска инфраструктура е поставена високо во листата на моите приоритети како градоначалник и се трудам тоа да им го овозможам на моите граѓани на секој начин – преку инвестирање, преку градење, преку лобирање до надлежните во случај кога друга институција ги има ингеренциите, како што е овој случај. Силно верувам дека обновата на ССК ќе роди нови спортски ѕвезди, чии успеси сите ќе нѐ направат горди. Нека е со среќа“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Илинден, Арачиново и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08:00 до 10:00 часот корисниците од ФРЕШ ФАРМ С.МРШЕВЦИ,ФЕЦ СИМАО 1,2.3, ФОТО СОЛАР, СИТИ ФЕШ, МЕЦ СОЛАР, СОЛАНТ, МИЈАК (општина Илинден)
– во периодот од 08:00 до 10:00 часот корисниците од С.БУНАРЏИК (општина Илинден)
– во периодот од 08:00 до 10:00 часот корисниците од С.ГРУШИНО (општина Арачиново)
– во периодот од 08:00 до 10:00 часот корисниците од С.АЈВАТОВЦИ (општина Илинден)
– во периодот од 09:00 до 13:00 часот дел од корисниците на УЛ.МИЛАН МАРКОВИЌ БР.2-8. (општина Карпош)
– во периодот од 10:00 до 12:00 часот корисниците од С.МРШЕВЦИ (општина Илинден)
– во периодот од 10:00 до 12:00 часот корисниците од ФРЕШ ФАРМ С. МРШЕВЦИ (општина Илинден)
– во периодот од 10:00 до 12:00 часот корисниците од С.БУНАРЏИК (општина Илинден)
– во периодот од 10:00 до 12:00 часот корисниците од ФЕЦ СИМАО 1, 2, 3, ФОТО СОЛАР, СИТИ ФЕШ, МЕЦ СОЛАР, СОЛАНТ, МИЈАК (општина Илинден)
– во периодот од 10:00 до 12:00 часот корисниците од С.ГРУШИНО (општина Арачиново)
– во периодот од 10:00 до 12:00 часот корисниците од С.АЈВАТОВЦИ (општина Илинден)