Македонија
Со Национална стратегија ќе се подобрува затворскиот систем
Со реновирање на објектите, градење нови капацитети, обука на затворскиот персонал, ќе се подобруваат условите во македонските казнено-поправни домови, се предвидува во Националната стратегија 2015-2019.
„Зад ова комплицирано име стои нешто многу едноставно, а тоа е дали ќе постапуваме со луѓето кои се задржани или осудени со достоинство и почитувајќи ги нивните човекови права. Значи прашањето е многу едноставно, дали овие луѓе ќе се ресоцијализираат или пак од затвор ќе излезат како тешки криминалци или повратници, или пак ќе излезат сосема скршени и нема да можат да го најдат своето место во општеството“, рече Иван Коеџиков од Советот на Европа.Тој рече дека заврши ерата на затвори од типот кога затворениците се зад решетките, а страѓарите од оваа страна и нивната единствена интеракција беше кога ќе искрснеше некој проблм. Напротив, затворските системи во Европа сега промовираат поголем контакт меѓу затворениците и чуварите, рече Коеџиков, а стражарите мора да ги запознаат затворениците и да разговараат со нив. За оваа цел во македонија последните месеци биле обучени 20 обучувачи, кои ќе едуцираат нешто повеќе од 800 затворски службеници. „Главниот фокус на реформите во пенитенцијарниот систем кој Министерството за правда и Управата за извршување санкции ќе ги спроведе на долг рок се насочени на четири клучни полиња на развојот, а тоа се унапредување на ефикасноста и ефективноста на пенитенцијалниот систем во државата, подобрување на начинот за постапување и целосно почитување на човековите права и достоинството на лицата лишени од слобода, во казнено-поправните и воспитно-поправните установи, ресоцијализација на осудените и малолетните лица и нивна успешна реинтеграција во општеството, подобрување на условите и намалување на преполнетоста во казнено-поправните и воспитно-поправните установи“, рече Аднан Јашари, министер за правда. За да се подобат условите во македонските затвори, потребна е реконструкција на постоечките и изградба на нови, а за таа цел, завршен е затворот во Куманово, се реконструира Казненопоправниот дом „Идризово“, почна да се гради воспитно-поправниот Дом во Тетово, каде се сместуваат малолетни лица со воспитна мерка, при што следува градба и на затворот во Скопје. „Сместувачките објекти на затворите значително ќе се зголеми, за повеќе од 1.200 места“, рече Лидија Гаврилоска, директор на Управата за извршување санкции, а додаде дека ќе се унапреди и механизмот за контрола и инспекциски надзор.Националната стратегија предвидува подобрување на здравствениот систем во затворите, потоа мрежно поврзување на затворите со судовите, преку електронска евиденција, како и воведување на пробациска служба.„За таа цел набавени се 40 алки трансмитери, кои ќе ги носат престапниците, GPS, како и друга IT опрема за извршување на куќниот затвор, притвор“, рече гаврилоска, а во септември се спровела и обука на обучувачи за употреба на опремата. Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систе 2015-2019 година е изработена во рок од 16 месеци со помош на програмата на ЕУ за „Градење на капацитетите на агенции за спроведување на законот за соодветен третман на притворените и осудените лица“. /крај/мф/бб
Извор: MIA
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

