Македонија
Сончево и топло, на западот на земјата засилен југозападен ветер

Сончево и топло, со мала до умерена локална облачност. Кон крајот на денот во североисточните делови ќе има услови за краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува умерен, а во западните делови повремено засилен југозападен ветер.
Утринските температури ќе се движат од 5 до 13 Целзиусови степени, додека дневните ќе бидат во интервал од 20 до 30 степени.
Во Скопје и околината слично време, со утринска температура околу 10 и дневна до 28 степени.
УВ индексот ќе изнесува 7. /крај/ухрм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Спасовски: СДСМ нема да го поддржи Трајко Славески за гувернер

Наместо експерт – партиски пулен, СДСМ нема да го поддржи Трајко Славески за гувернер, изјави пратеникот Оливер Спасовски. Според него, изборот на Славески да биде назначен за гувернер е исклучиво теснопартиски.
„Ние нема да го поддржиме предлогот за гувернер, затоа што изборот е исклучиво теснопартиски. Ова не е избор којшто ќе понуди експерт на позицијата Гувернер на Народна банка што било би рекол традиција во изминатите години. Од претседател на Совет на град Скопје доаѓа како предлог за гувернер на Народната банка. Тоа е првата работа. Втората причина, тоа е човек којшто се спротивставува на растот на минималната плата, на економски политики коишто се за доброто на граѓаните. Тој беше најголемиот противник, ако се сеќавате тој велеше дека дури 9.000 денари била голема минимална плата итн“, рече Спасовски.
Според него, неговиот избор за гувернер не може ништо добро да донесе ниту за системот ниту за државата.
„Трето, човекот којшто овие изминати скоро четири години како претседател на Советот на Град Скопје не направи ништо освен кочење на сите работи коишто требаше Советот да ги прави и практично водеа некакви полички битки помеѓу градоначалничката којашто тие ја избраа и ВМРО-ДПМНЕ. Немаме навистина никаква причина да се даде поддршка Трајко Славески да биде Гувернер на Народна Банка“, рече Спасовски.
Македонија
(Видео) СДСМ повторно го поднесе Законот за поддршка на настраданите во Кочани

СДСМ повторно го поднесе предлог Законот за поддршка и рехабилитација на настраданите во несреќата во дискотеката во Кочани, и повика на поддршка од сите пратеници.
Координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски, рече дека законскиот предлог, овојпат, е поднесен по редовна постапка, а целта е да се испрати јасна порака дека ова не е политички закон туку човечки.
„Овој закон не смее да биде предмет на дневно-политички калкулации и тој треба да биде предмет на општествена советст, морална обврска и праведна грижа кон оние кои најмногу страдаат. Во оваа трагедија изгубивме 62 млади животи, над 200 наши сограѓани се повредени и некои од нив имаат и трајни последици, тие неможат да чекаат ниту да бидат заборавени“, рече Спасовски.
Законот предвидува конкретна поддршка финансиска здравствена поврзана социјална за настраданите лица и членовите на нивните семејства. Конкретно, се предвидува за семејствата на починатите надомест од 80.000 евра додека пак за сите оние коишто се со повреди, зависно од степенот на инвалидитетот, да се одреди и сумата којашто треба да ја добијат.
Претходно законот беше поднесен по скратена постапка и не доби поддршка од мнозинството во парламентот. Спасовски рече дека ги слушнале забелешките на парламентарното мнозинство дека треба да има поголема прецизност и подобра проценка на фискалните импликации, па во ова законско решение ги опфатиле сите забелешки кои што биле досега дадени.
Македонија
Поднесени двe обвиненија за „Онкологија“: 29 пациенти примиле несоодветна, а 16 примиле непотребна терапија

Скопското обвинителство поднесе две обвиненија за случајот „Онкологија“ со која се опфатени шест лица и тоа медицинскиот директор, организацискиот директор на Клиниката и четворица онколози, меѓу кои и еден поранешен директор.
„Првото обвинение се однесува на економското работење на болницата и опфатени се две лица- медицински директор и организациски директор на клиниката. Обвинети се за злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата“, соопшти обвинителката Ана Гоговска Јакимовска.
Таа појасни дека делата ги извршиле во временски период од 2018 до 2022 година и прибавиле значителна имотна користи за друг од над 2,2 милијарди денари.
Медицинскиот директор помогнат од организацискиот директор извршил проневера во службата така што набавил лекови кои имал намера да ги присвои односно лекови кои фиктивно ги раздолжувал односно не ги аплицирал на пациентите во чие име ги раздолжувал.
Второто обвинение се однесува на третманот на пациентите и опфаќа четворица онколози меѓу кои и поранешниот директор кој е обвинет за тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување болни.
Гоговска – Јакимовска рече дека кај 29 пациенти првообвинетиот применил неподобен начин на лекување односно давал лекови од новите генерации со што тешко го нарушил здравјето на пациентите
Докторите, пак, одредувале терапија со лекови од нови генерации во фази кога било очигледно дека пациентот нема да има ефект од лекувањето со отстапување од дозирањето со што дополнително ја влошиле нивната состојба.
Со вештачењето на медицинските извештаи кај 29 пациенти е утврдено несоодветно давање на терапија, други 16 пациенти непотребно примиле терапија, а девет пациенти деле зел од терапијата.
Јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, изјави дека за да се обезбеди непристраност, Обвинителството успеало да обезбеди две медицински вештачења од Словенија и од Србија кои се однесуваат на различни сегменти од лекувањето на пациентите.
Биле испратени 65 истории на онколошки пациенти и било потврдено дека во висок процент терапијата не била давана онака како што е предвидено во протоколите за овие болести.
„Истрагата обезбеди докази кои ги потврдија сомненијата дека на Онкологија се вршеле злоупотреби и проневери со скапата биолошка терапија“, рече Коцевски.
Тој изјави дека сака да ги увери пациентите дека и покрај констатираните кривични дела, на Клиниката за онкологија работат и чесни професионалци во кои треба да се има доверба.
„Овој предмет мора да биде лекција за сите надлежни да се залагаат за унапредување на протоколите за работа на сите здравствени институции. Случајот покажува дека за жал состојбите во здравството кај нас се влошуваат“, рече Коцевски.