Македонија
Сончево со умерен северен ветер

Само во гевгелискиот регион, во вторникот се измерени ѕтрински температури над нулата, во останатиот дел од земјата преовладува сончево и студено време. Дува слаб ветер од северен правец, кој повеќе е изразен на повисоките места.
Во текот на денот ќе преовладува сончево време со слаб, а вдолж Повардарието умерен северен ветер. Највисоката температура на воздухот ќе се движи во интервалот од 10 до 17 степени.
Во Скопје исто така ќе преовладува сончево време, а ќе дува слаб до умерен северен ветер. Највисоката температура на воздухот ќе достигне до 15 степени.
До четврток времето ќе биде претежно сончево со ниски утрински температури, кои на повеќе места ќе се спуштат под нула. Во четврток попладне ќе има зголемување на облачноста, а во текот на ноќта кон петок и во петок претпладне ќе има врнежи од дожд, особено во западните и северните делови.крај/ухмр
Извор: ухмр
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
40-годишен скопјанец ја истепал мајка си: со тупаници ја удирал по лицето и телото и ја гризел, предложен притвор

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 40-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека извршил кривично дело – Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Во семејниот дом на 8 јуни, во алкохолизирана состојба, осомничениот вршел семејно насилство и телесно ја повредил неговата мајка. Најпрво почнал да ја навредува, а потоа и физички ја нападнал, удирајќи ја со тупаници по лицето и телото и да ја гризе. Од зададените удари оштетената се здобила со телесни повреди.
Имајќи ја предвид пред се опасноста од бегство и ризикот дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.
Македонија
(Фото) Директорот на БЈБ присуствуваше на вежбовни активности на САЕ Тигар, дел од заедничката обука со армискиот баталјон „Волци“ и специјалните сили на армијата на САД

Вчера и денеска на армискиот полигон „Криволак,“ како и во седиштето на командата на Специјалната антитеростичка единица – Тигар, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев присуствуваше на изведувањето на вежбовните активности на припадниците на единицата чие што реализирање беше организирано во рамки на повеќенеделната заедничка обука во која, покрај припадници на САЕ – Тигар, учествуваа и припадници од Баталјонот за специјални сили „Волци“ при Армијата на Република Северна Македонија, како и припадници на специјалните сили на Армијата на САД, познати како „Зелени Беретки“.
„Горди сме на професионалноста на нашите елитни единици, кои рамо до рамо со партнерите од Армијата на САД разменуваат искуства и знаења. Ова е уште една потврда за нивото на доверба и соработка што го имаме со нашите стратешки сојузници.”, истакна директорот Јанев, потенцирајќи дека оваа заедничка обука всушност е дел од пошироката програма за меѓународна соработка и зајакнување на интероперабилноста на специјалните сили, организирана со поддршка на Амбасадата на САД во РСМакедонија и Канцеларијата за регионална безбедност.
Според Јанев, станува збор за активности кои не само што го зајакнуваат капацитетот на безбедносните сили, туку ја унапредуваат и стратешката поврзаност меѓу институциите на двете земји.
Инаку, следната ваква обука веќе е во фаза на подготовка и ќе се реализира во текот на август 2025 година. Обуката ќе биде насочена кон напредни техники на противтерористичко делување, со фокус на планирање и изведба на сложени операции во услови на реални безбедносни закани.
Како што нагласи директорот Јанев, Министертвото за внатрешни работи останува посветено на изградба на стабилен, безбеден и отпорен систем на јавна безбедност, со јасна визија за иднината и партнерскиот пристап кон глобалните безбедносни предизвици.
Македонија
Црвениот крст денеска исплати средства на 156 повредени од пожарот во Кочани

Во рамките на апелот на Црвениот крст на РСМ за поддршка на настраданите од катастрофалниот пожар во Кочани во периодот од 16.03.2025 до 16.06.2025, вкупно се собрани 153.931.166,00 денари. Црвениот крст на РСМ во неколку наврати изврши исплата на настрадани од пожарот во Кочани.
Со последниот денешен трансфер на 17.06.2025 година исплатени се средства на 156 лица, поделени во 5 категории, врз основа на направената проценка за степенот на повреди и прогнозата за нивното натамошно лекување, од страна на работната група на Министерството за здравство во вкупен износ од 39.750.000,00 денари.
Во престојните денови ќе се изврши трансфер на средства и на уште 11 лица за кои треба да се обезбедат потребни документи, односно изјави и согласност за користење на личните податоци, со оглед на тоа дека истите не се опфатени со досегашните исплати.
Вкупниот досегашен трансфер на средства на настраданите, заклучно со 17.06.2025 година изнесува 147.199.101,00 денари.
„Црвениот крст уште еднаш се заблагодарува на сите досегашни донатори што придонесоа и се уште придонесуваат за мобилизирање на хуманитарна поддршка за настраданите и нивните семејства. Остануваме и понатаму посветени во мобилизирањето на хуманитарна помош која ќе биде во функција на поддршка за настраданите од големиот пожар.
Црвениот крст продолжува со своите активности на терен со акцент на обезбедување на психолошка поддршка во обид да дадеме скромен придонес во надминување на последиците од катастрофалниот настан. Црвениот крст на РСМ наскоро отвара Регионален центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка во градот Кочани кој со своите активности ќе ги покрива потребите на населението во источниот дел на Македонија“, се наведува во соопштението.