Македонија
Сообраќајот без забрани, на места по влажни коловози
Сообраќајот на сите државни патишта во Македонија се одвива без забрани, по наместа влажни коловози.
АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони.
На делот од патот од брана Маврово до раскрсницата за село Галичник продолжуваат градежните работи. Од 09:00 до 16:00 часот патот повремено се затвора за сообраќај. Поради тоа, сите кои ќе патуваат кон Маврово ќе треба да го користат другиот патен правец преку Леуново и Никифорово.
Поради изведување работи на пат (гребење на асфалт) на патниот правец Велес – Скопје (од З.П. Кула – до тунелот Катланово) сообраќајот се одвива по една коловозна лента, за што е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.
На патниот правец А1 Гевгелија-Скопје од надвозникот кај клучка Велес до наплатната станица Отовица се изведуваат работи на мостовите, а сообраќајот по тие мостови се одвива по една сообраќајна лента.
Поради извршување на градежни активности на државниот пат А3, делница Велес – Кадрифаково, сообраќајот се одвива под времен режим на сообраќај, и тоа: од крајот на трета лента (депонија Велес) до село Лозово, и од село Лозово преку село Сарамзалино до клучка Кадрифаково.
Учесниците во сообраќајот треба да се придржувааат на поставената хоризонтална и вертикална сигнализација се до завршување на градежните активности.
Од ГЕИНГ инжинеринг информираат дека за проектна документација за рехабилитација на државните патишта, од 19.08.2014 год. се започна со активности на патиштата, односно геодетско снимање и геотехнички истражни работи на следните патни правци: на државен пат Р2343 (Р-502), делница Делчево – Голак, на државен пат А-3, делница Превалец (Кочани) – Делчево, на државен пат Р2335 (Р-512) и Р2336 (Р-514), делница Лажани – Ропотово – Црнилиште (Општина Долнени), на државен пат Р1402 (Р-605), делница од Старо Коњарево до Ново Коњарево, на државен пат Р2335 (Р-512) делница Кривогаштани – Обршани – Воѓани.
Работите се изведуваат во временски период од 06:00 до 19:00 часот, а активностите се очекува да бидат со времетраење од 4 месеци.
На сите овие патни правци за изведувањето на градежните работи има поставено соодветна патна и сообраќајна сигнализација.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Напомена дека оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.
Потсетување за сите возачи дека од 15 ноември започнува законската обврска за поседување на зимската опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март 2015 година./крај/амсм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.

