Македонија
Соопштенијата на ОНА и униформирани лица-дефокусирање на јавноста или политички притисок?
Соопштение на Ослободителната народна армија (ОНА) со коешто оваа организација ја презема одговорноста за пукањето кон Владата на Македонија, униформирани лица, членови на гардата на т.н. „Република Илирида“ кои патролираат во Скопје и Тетово, се информации кои деновиве ја преокупираат домашната јавноста.
Овие информации коишто деновиве излегоа во јавноста, ги збунуваат граѓаните бидејќи не се знае кој точно стои зад соопштението, коешто може да го прати секој, а за униформираните лица сè уште нема сигурна потврда дали се работи за лажни пријави или вакви лица навистина патролираат, иако пред неколку дена заменик министерот за внатрешни работи Земри Ќамили рече дека се забележани лица со црни униформи во Тетово. Дали се работи за дефокусирање на јавноста или политички притисок?Аналитичарот, Алберт Муслиу вели дека за шпекулации секогаш има место кога нема доволно информации од институциите.„Сè додека Владата и институциите немаат став за инцидентот во Влада, секогаш постои простор јавноста да шпекулира и да се појавуваат вакви информации. Институциите треба да бидат потранспарентни за инцидентот. Тие даваат изјави за многу мали работи, а кога е во прашање ваков инцидент, немаат информации. За унформираните лица, навистина не знам. Јас секој ден патувам од Тетово во Скопје и не сум сретнал досега“, вели Муслиу. Тој додава дека полицијата треба да провери дали станува збор за лажни пријави, и ако се лажни, да ги гони тие што лажно пријавуваат или станува збор за вистинити пријави.За пукањето кон Влада, кога два проектила завршија во фасадата на Владата, официјално не е познат типот на оружјето од кое е пукано, ниту местото од каде што е пукано.Министерството за внатрешни работи, пак, интензивно работи на расветлување на инцидентот за да обезбеди докази за откривање на сторителот или сторителите во координација со јавното обвинителство, за откривање на нивниот идентитет и за нивно лишување од слобода. „Се проверуваат сите оперативни информации и сознанија“, велат од МВР. За нив не е соодветен доказ коминикето испратено до телевизијата Алсат – М, бидејќи вакво соопштение може да прати секој.До Jавното обвинителство каде што се води истражната постапка за нападот врз зградата на Владата не е пристигнато никакво известување за преземање на одговорноста за настанот што се случи на 28 октомври.„Извршено е вештачење на проектилите, побарани се снимки од околните објекти“, велат од Обвинителството.Во денешното соопштение испратено до телевизијата Алсат-М на коешто се наоѓа амблемот на ОНА, се вели дека нападот го извршила нивната елитна единица „Хасан Приштина“ на 28 октомври, а како што се додава натаму во текстот, цели биле зградата на Владата, на Судот, а биле предвидени акции и врз полициски станици.„Вечерта на 28 октомври, од 20:30 часот до 21:00 специјалните единици ’Хасан Приштина’ координирано ја нападнаа зградата на Владата, Судот и во фокусот беше напад врз една полициска станица во Скопје. Нападот врз ПС во Скопје не се случи за да не дојде до човечки жртви“, се вели во соопштението на ОНА потпишано од страна на извесен Куштрими.Во соопштението се наведува дека не се задоволни од спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и ги повикуваат да реагираат меѓународните институции. Ова не е првпат ОНА да презема одговорност за инциденти што се случиле во Македонија. Слично вакво соопштение беше испратено и пред четири години кога имаше престрелка меѓу полицијата и униформирани лица кои чуваа огромно количество на оружје на Блаце.„Се информира албанската јавност во БЈРМ дека на ден 28.04.2010 кај месноста Студен на Скопска Црна Гора каде се наоѓал пункт за снабдување на ОНА, нашите војници наидоа на заседа на вооружените сили на славомакедонците“, се вели во едно од соопштенијата.Во соопштението имаше неточна информација дека во престрелката бил убиен полициски специјалец, информација што МВР експресно ја демантираше. Полицијата тогаш откри дека Авни Селими и неговото соопштение на ОНА со кое ја презема одговорноста за Блаце е испратено преку сервер од Швајцарија.По коминикето со партиски став се огласи владејачката ДУИ која ги повика граѓаните да не подлегнуваат на провокации. Според ДУИ, ОНА има еден легитимен командант. „Лидерот на војната во Македонија беше и засекогаш ќе остане Али Ахмети“, стоеше во реакцијата на ДУИ.По неколку дена имаше уште една престрелка меѓу полицијата и криминална група во реонот на Радуша и Рашче, додека полицијата вршеше контрола на возилата кои поминувале на патот. Комбе „мерцедес спринтер“ не ја послушало наредбата на полицијата да застане и отвориле оган кон полицајците. Убиени беа сите лица во комбето, во обид да пренесат оружје од Косово во Македонија.Тогаш беше убиен и Харун Алиу, кој беше осуден на доживотен затвор за убиство на специјалецот Зоран Марковски, припадник на групата на Лирим Јакупи – Нацист, како и обвинет во хашкиот случај „Мавровски работници“.Тогаш коминикето се покажа како нерелевантно, сега полицијата треба да испита кој стои зад денеска испратеното соопштение./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

