Македонија
Ставриќ и оштетениот со различни верзии за примањето поткуп
Докторот офталмолог Дејан Ставриќ и пациентот Владо Кузмановски на повтореното судење за поткупот од 2.000 евра пред судот изнесоа различни верзии за случајот.
Оштетениот тврди дека Ставриќ му побарал 2.000 евра за да посредува за да добие инвалидска пензија, додека Ставриќ тврдеше дека му предложил на пациентот операција во приватна клиника кај лекар од Белград за многу пониска цена.Кузмановски во својот исказ рече дека Ставриќ го оперирал и дека по операцијата му рекoл дека нема да може да работи и дека треба да побара инвалидска пензија. Му ветил дека тој ќе посредува за да добие пензија и му побарал 2.000 евра, 500 евра за него и по петстотини евра за другите тројца членови од Комисијата за оцена на работна способност при ПИОМ.Кузмановски истакна дека имал само 1.000 евра, но решил да пријави во полиција која му ги дала парите по што со Ставриќ се договорил да се чека во кафеана на Железничката станица во Скопје.„Кратко седевме, тој не ми даде никаква потврда дека со сигурност ќе добијам инвалидска пензија што беше некоректно од негова страна и ми ги побара парите. Јас му ги дадов под маса, отидов да платам кафе и тогаш дојде полицијата“, вели Кузмановски.На прашања од одбраната на Ставриќ кои се однесуваа за неговата дијагноза, лечење, дали воопшто добил инвалидска пензија, иако почна да одговара подоцна Кузмановски рече дека кажал сè и дека не сака повеќе да одговара на прашања.Ова според адвокатката на Ставриќ, Светлана Савиќ е обид оштетениот да ги избегне незгодните прашања бидејќи исказот му е научен напамет.Ставриќ, пак, потврди дека го оперирал Кузмановски, но потенцираше дека воопшто нема никаква врска со конзилијарното мислење за добивање на инвалидска пензија за кое Кузмановски зборуваше.„Поради сериозноста на повредата и тоа дека со операцијата која јас ја направив немаше драстични промени во здравствената состојба му предложив во приватната клиника „Коренеа медика“ доколку сака да го ставам на ред за операција кај познат офталмолог од Белград, кој беше гостин на клиниката, со што ќе му овозможам да се оперира за многу пониска цена бидејќи таква операција чини од шест илјади евра, па нагоре“, рече Ставриќ.Кузмановски се согласил на ова, но рекол дека треба да најде пари. Кога дошол во Скопје иако требало да дојде во клиниката, Кузмановски според Ставриќ инсистирал да се сретнат на Железничката станица и потенцирал дека не може да се задржува бидејќи имал врзана карта и морал веднаш да се врати во Прилеп каде што живее.По барање на Јавниот обвинител и на одбраната кои предложија нови сведоци судењето беше одложено за средината на мај за кога треба да бидат повикани членовите на Комисијата при ПИОМ кои треба да бидат сослушани.Ставриќ беше уапсен во мај 2014 година под сомнение дека противзаконски примил 2.000 евра, според кое, тој при медицински преглед на Клиниката за очни болести – Скопје дијагностицирал болест на очите кај еден пациент, за што му рекол дека со таква дијагноза повеќе не ќе можел да работи и дека за парична награда може да му посредува за инвалидска пензија. Откако беше осуден на казна затвор од една година, Апелациониот суд го врати случајот на повторно судење.Ставриќ ги предводеше протестите на лекарите против моделот за плаќање по учинок. /крај/тлг
Извор: Телеграф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

