Македонија
Стразбур ја прифати тужбата на разрешениот судија Митриновски, држава ќе му плаќа отштета
Судот за човекови права во Стразбур ја прифати тужбата на разрешениот судија и поранешен претседател на Апелациониот суд во Скопје, Јордан Митриновски, судијата кој му го укина притворот на тутунскиот бос Бајруш Сејдиу, и констатира дека на судијата не му била обезбедено фер и правично судење.
Македонија, според судот во Стразбур, го прекршила членот 6 параграф 1 на Европската конвенција за човекови права, кој се однесува на правото на фер судење и треба да му исплати на Митриновски 4.000 евра нематеријална отштета и дополнителни 1.230 евра за покривање на судските трошоци.„Судот оцени дека господинот Митриновски имал легитимна основа да стравува дека претседателот на Врховниот суд бил веќе лично убеден дека тој треба да биде разрешен поради професионална грешка пред прашањето да дојде до Судскиот совет. Барањето на претседателот на Врховниот суд го иницираше процесот пред Судскиот совет, каде тој поднел докази и аргументи во полза на наводите за професионална грешка, така што тој одиграл улога на обвинител. Потоа тој учествувал во донесувањето одлука како член на Судскиот совет“, се вели во пресудата на судот во Стразбур, којашто била донесена на 7-ми април, а во четврток беше објавена на интернет страницата на Судот.Митриновски, како претседател на Кривичниот совет во Апелациониот суд, во 2011 година заедно со судиите Исмаил Лимани и Милка Стефкова донесоа одлука со којашто ја прифатија жалбата на тутунскиот бос Бајруш Сејдиу и притворот му го заменија со домашен притвор.По оваа одлука Митриновски си даде оставка од местото претседател на Апелациониот суд, а Врховниот суд ја преиначи одлуката на Апелација. Претседателот на Врховен суд, Јово Вангеловски, кој беше член на Судскиот совет, поднесе барање до ова тело за утврдување на одговорност кај Митриновски. Беше одржана јавна седница на која Митриновски тврдеше дека постапил законски, наспроти Вангеловски кои го убедуваше Судскиот совет дека ја згрешил постапката.Тогаш Митриновски се пожали на притисоци од Судскиот совет, но беше едногласно разрешен. Митриновски потоа обелодени дека имал закани и дека поседувал транскрипти од разговори и изјави на сведоци./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

