Македонија
Струшкото училиште „ Јосип Броз Тито“ доби нафта за греење
По вчерашниот прекин на наставата поради незагреаните училници, денес, во струшкото основно училиште „Јосип Броз Тито“ беа испорачани околу 10 тони нафта за греење, а во текот на денот се очекува нафта да биде доставена и до подрачните училишта во Враништа и Мислешево, јави Охридњус.
Како што изјави директорот на училиштето, Тони Савески испорачаната количина нафта е доволна за до крајот на годината, но дека од страна на надлежните во локалната самоуправа било ветено дека наскоро ќе биде испорачана дополнителна количина нафта за греење.Наставата се очекува да продолжи во текот на утрешниот ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Време е да ги почитуваме разликите, наместо да ги негираме“: Сиљановска-Давкова на Меѓународниот ден на лицата со попреченост
Претседателкатa Гордана Сиљановска Давкова се обрати на настанот „Аbility awards“, што во пресрет на 3. Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одржа во организација на платформата „Абилитист“ којашто се бори за инклузија на овие наши граѓани.
Според претседателката, надминувањето на предизвиците е заедничка должност и одговорност да се гради општество во кое достоинствениот живот не е само етички идеал, туку реална човечка потреба, потсетувајќи дека промените не зависат само од индивидуални напори, туку од континуирана посветеност и координираната работа на надлежните сектори.
Таа го поздравува „Ability Awards 2025“ како просветителски проект со којшто им се оддава признание на 10 личности со попреченост чии професионални и лични достигнувања се доказ за релативизирање, па дури и бришење на попреченоста преку знаењето, емоционалната интелигенција и творечката умешност. Според неа, неопходни се правни и институционални решенија што препознаваат и овозможуваат непречено изразување на различните човечки потенцијали.
За неа, подеднакво важно е наградувањето на 10-те компании за развојот на иновативни и инклузивни практики. „Нивната работа покажува дека економскиот сектор може да биде значаен промотор на културни и структурни промени, особено кога пристапноста на секој субјект кон секој објект и ресурс е стратешка инвестиција што води сметка за правичноста и еднаквоста на шансите, но и можностите”, потенцираше таа.
На настанот претседателката му ја додели наградата „ИМПАКТ – Подигање на јавната свест“ на Марко Пејчиновски кој, за неа е симбол на храброст, дисциплина и младешки дух што ја претвора љубовта во инспирација за сите негови врсници.
Македонија
Осигурителни компании склучиле картел и се договориле да ја зголемат цената за автомобилско осигурување
Десет осигурителни компании се казнети со 17.266.930 денари затоа што се договориле да ја зголемат цената за автомобилска одговорност што секој сопственик на моторно возило задолжително мора да ја плати при регистрирање на возилото, соопшти Комисијата за заштита на конкуренцијата.
„Комисијата за заштита на конкуренцијата донесе решение со кое утврди постоење на усогласено однесување (картел) помеѓу десет осигурителни компании (ЕВРОИНС ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, АД МАКЕДОНИЈА СКОПЈЕ – ВИЕНА ИНШУРЕНС ГРУП, САВА ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ, ЕУРОЛИНК АД СКОПЈЕ, ГРАВЕ АД СКОПЈЕ, УНИКА АД СКОПЈЕ, АД ОСИГУРИТЕЛНА ПОЛИСА СКОПЈЕ, ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ И КРОАЦИЈА ОСИГУРУВАЊЕ АД СКОПЈЕ) на пазарот на осигурување од автомобилска одговорност (АО), кое секој сопственик на моторно возило задолжително мора да го плати при регистрирање на возилото“, се наведува во соопштението.
Во постапката било утврдено дека осигурителните компании во периодот 01.03.2024 – 07.05.2024 година, разменувале чувствителни информации, координирале активности и во исклучително краток рок донеле идентични или меѓусебно усогласени одлуки за зголемување на делот на премијата за вршење дејност – т.н. режиски додаток.
Таквото однесување, појаснуваат од Комисијата, претставува ограничување на конкуренцијата „по своја цел“, односно најтешка форма на повреда согласно член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата.
„Размената на информации и паралелното донесување на ценовни одлуки ја заменува независната деловна политика со координирано колективно дејствување на пазарот, што е строго забрането. Врз основа на утврдените факти, Комисијата изрече прекршочни санкции – глоби во вкупен износ од 17.266.930 денари“, соопшти Комисијата.
Македонија
Андоновски на МАСИТ: Владата е партнер на приватниот сектор, да ја изградиме најмодерната дигитална администрација во регионот
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска учествуваше на 20. годишната конференција по повод 25 години МАСИТ. Андоновски во своето oбраќање на една од дискусиите истакна дека дигитализацијата не е само технолошки процес, туку системска промена која го подобрува начинот на кој институциите работат и комуницираат со граѓаните и бизнисите.
„Веруваме во силата на домашните ИКТ компании. Затоа им даваме простор да бидат носители на проекти, пристап до инфраструктура преку Везилка AI и можности за иновации и развој преку ЕДИХ INNOFEIT. Нашата цел е едноставна: технологија создадена во Македонија да стане технологија што ја користи регионот и Европа“, изјави министерот.
Во изјава за медиумите, Андоновски ја истакна важноста на приватниот сектор и појасни дека соработката меѓу Владата и компаниите ја гради дигиталната трансформација на државата.
„Ја испратив пораката дека потребно е заедно да соработуваме, Владата уште во минатото одлучила да се потпре на приватниот сектор во дигитализацијата и дигиталната трансформација на општеството, а сега треба заедно да градиме проекти кои ќе значат реализација во државата, но и на извоз на овие продукти во Европа. Мислам дека имаме одлични кадри кои излегуваат од универзитети, сега е шансата тие да ги искористиме во приватниот сектор, а да и помогнат и на државата’’, соопшти Андоновски.

