Македонија
Студентски пленум: Протестот е почеток на надежта на македонските граѓани
Студентските протести не се обичен студентски протест, студентските протести се почеток на нешто многу поголемо, почеток на надежта и вербата на македонските граѓани, порачаа студентите на протестот што се одржува во петок попладне пред Владата против воведувањето на државниот испит.
Протестот почна со читање на „Студентскиот манифест“, а пред Владата поставена е бина на којашто настапуваше музички бенд, а се слушаа бунтовни песни. Се извикуваше „Студенти, студенти, независни и силни“, а меѓу транспарентите можеше да се прочита „Намерно ќе паднам на државен за да ме стават министер“, „Министре дојдете на ПМФ да ви одржиме лекција“, „500 години ни беа малку?“. „Нè поддржа Ректоратот на најголемиот и најстариот универзитет, се надеваме дека ќе нè поддржат и другите Универзитети. Студенти како се чувствувате, кога се мрзнете за права кои треба да ни бидат загарантирани, средношколци како се чувствувате кога незапишани на факултетите ви гарантираат пекол, родители како се чувствувате кога вашите деца се мачат, а синовите и ќерките на политичарите учат на престижни универзитети“, рече студент од Пленумот кој зборуваше пред насобраната маса. На премиерот Никола Груевски, кој изјави дека не знае зошто протестираат студентите кога измените не се однесуваат на нив, му порачаа дека не се дојдени само за себе и дека не се стока за „да ги тераат каде сакат“.„Ние не сме дојдени само за себе, ние имаме браќа, сестри, родители, пријатели, соседи, не сме дојдени само за себе. Дојдени сме за доброто на цела Македонија. Студентските протести не се обични протести. Тие се почеток на нешто многу поголемо, почеток на надежта и вербата на македонските граѓани. Ние сме иднината, ние се бориме за иднината. Еден ден ќе имаме слободна и просперитетна држава, а сè до тогаш нема мир“, порача од Студентскиот пленум.Меѓу студентите имаше и професори на факултети, но и професори кои се веќе пензионирани. Професорка се обрати пред студентите и рече дека ги поддржуваат нивните студенти, видела искра во нивните очи за остварување на нивните права.Пензионираниот професор од Економскиот факултет Ангел Ѓорѓиевски вели дека проектот е монструозен и дека нема потреба воопшто да се расправа, туку треба да се укине. „Сакам да се осврнам на изјавата на премиерот дека тој не знае зошто се бунат студентите, кога тоа не се однесува на нив. Тоа е монструозна изјава, нека се потсети премиерот на неговите револуционери, неговите вмровци кои гинеле за други, нека се потсети на ученикот од градежното училиште кој загина за да одбрани свој другар, и тоа од друга националност, на болничарките кои гинеле за да спасат ранети. Тоа зборува за карактерот на премиерот“, ни изјави Ѓорѓиевски.Ректорската управа на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ денеска побара од Министерството за образование да ги повлече измените на Законот за високо образование. Ова е трет студентски протест против новата реформа на владата за воведување на државен испит на Универзитетите.Премиерот Никола Груевски изјави дека државниот испит е за доброто на граѓаните, за да добијат подобро и поконкурентно образование. Измените утрово го поминаа првото читање на собраниската комисија за образование. /крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре врнежи од дожд а на планините снег
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 25 l/m²). Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во понеделник во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец.
Во Скопје, од утре од попладневните часови до недела ќе има повремени врнежи од дожд, со услови за појава на грмежи. Утре ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен, а во недела од северозападен правец. Во вторник се очекуваат нови врнежи од дожд, кои на повисоките делови од котлината ќе преминуваат во снег.
Македонија
Ѓорѓиевски: Започна реконструкцијата на улицата ,,Лазар Трповски” во Чаир
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски заедно со градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити, го означија почетокот на реконструкцијата на улица „Лазар Трповски“, една од најзначајните сообраќајни артерии во овој дел од градот. Овој проект е клучен за обезбедување поголема безбедност, ред и ново достоинство за граѓаните на Чаир, посочуваат од Град Скопје.
„Станува збор за целосна реконструкција со нов асфалт на двете коловозни ленти, изградба на стандардизирани тротоари, велосипедски патеки од двете страни, уредени паркинг-простори и современ систем за јавно осветлување. Со ова се става безбедноста на прво место за сите учесници во сообраќајот, вклучително возачи, пешаци и велосипедисти. Улицата „Лазар Трповски“, која во минатото беше позната како критична точка за сообраќајни незгоди, добива инфраструктура по европски стандарди која обезбедува јасна сигнализација, подобрена прегледност и функционални решенија што одговараат на реалните потреби на граѓаните.
Градот Скопје продолжува со инфраструктурните инвестиции и до крајот на годината ќе започне постапката за целосна реконструкција и проширување на булеварот „Цветан Димов“, кој секојдневно го користат повеќе од 100.000 граѓани и кој поврзува неколку скопски општини. Овој проект ќе овозможи трајно решение за метежот и небезбедноста, ставајќи крај на долгогодишниот сообраќаен хаос на оваа делница“.
Македонија
Манасиевски: Обвинителката Кадриу сведочи дека Филипче немал ниту елаборат за струја за модуларната болница во Тетово
Членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изјави дека, според сведоштвото на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, поранешниот министер за здравство Венко Филипче ја составувал техничката спецификација за модуларната болница во Тетово, без да изготви елаборат за електрична енергија, а трагичниот пожар можел да биде спречен.
„Кадриу потврдува дека работата е забошотена. Таа била повикана вечерта на трагедијата да учествува во истрагата, а потоа дошол и Јовевски со свои обвинители, за кои таа вели дека имале обврска да ја држат истрагата под контрола“, рече Манасиевски.
Тој додаде дека, според Кадриу, модуларните болници биле изградени од панели со пурпена кои чинеле 5–6 евра по метар, додека пожароотпорните панели со камена волна чинеле околу 17 евра.
„Сите модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, а за нив биле обезбедени 30 милиони евра од Светската банка. Каде се тие пари – нема одговор. Можеби се наоѓаат во некоја акција во индиска авиокомпанија, стан во Дубаи или фирма во Бугарија“, изјави Манасиевски.
Тој истакна дека трагедијата со 14 загинати во Тетово можела да биде избегната.
„За жал, трагедијата во Тетово во која загинаа 14 наши сограѓани, можела да биде и спречена доколку Филипче потпишал минимум технички спецификации и ако направил елаборат за електрична енергија, со кои не би дошло до спој во електричната енергија и доколку панелите биле малку поскапи и подобри, можеби и ќе се избегнел пожарот. Но, Филипче по се изгледа алчен за парите, искористил минимум од обезбедените средства. Згора на се, ова можеби би било спречено и доколку Филипче ја прифател понудата на тогашниот медицински директор во тетовската болница, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата кои биле слободни во истоимената болница каде тие биле оставени така празни. Филипче ова го одбил поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени“, рече Манасиевски.
Во изјавата, Манасиевски тврди дека вистинските виновници не се зад решетки, а дека „оние кои нуделе други решенија сега се осудени само на три години“.
„Вистинскиот виновник денес води политичка партија во опозиција“, заврши тој, најавувајќи нови информации утре, вклучително и околу тоа зошто обвинителката Кадриу била суспендирана.

