Македонија
Судењето за „Поткуп“ се одложи, во судот се појави и бизнисменот од кој Заев наводно барал пари
Судското рочиште за случајот „Пуч“, во којшто обвинет е лидерот на СДСМ, Зоран Заев, повторно се одложи, бидејќи и двајцата адвокати на Заев беа отсутни.
Заев се појави во судот, а во судницата присутен беше и струмичкиот бизнисмен, Иван Николов, од кој Заев наводно барал поткуп. Адвокатот Филип Медарски од 2 до 5-ти март бил на службен пат во Барселона, додека другиот адвокат, Ване Андреев ненадејно во четврток заминал во Грција поради здравствени причини.Судењето се одложи за на 21-ви април, а за на наредното рочиште Заев изјави дека се надева дека ќе бидат во полн состав. По одложувањето на судењето, Заев уште еднаш го повтори својот став дека овој случај е „наместен“.„Се работи за комплетно местење, никаде во светот нема поткуп без примање или давање пари. Секако ние поднесовме кривични пријави и против човекот кој се обидува да мести поткуп заедно, во организација со обвинителот, кој го прават надвор од сите законски процедури. Воспоставено е физичко следење, следење на моите телефони, никако не можеме да дојдеме до наредбите кои имаме право да ни бидат доставени“, изјави Заев.Заев досега не бил повикан ниту како сведок, ниту како осомничен кај Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева. Тој не сакаше да ги коментира дали овој случај ќе го преземе Специјалното јавно обвинителство, кое го побара овој случај од Јавното обвинителство, но оттаму не го предадоа предметот. Сепак, тој потенцираше дека бил прислушуван неовластено пет години.„Не можам да ги коментирам деталите во правосудните постапки што ги водат, давам свој став, само мое размислување без да навлегувам во детали. И малите деца знаат за неовластеното прислушување на опозицијата и на Зоран Заев. Ако има неовластено прислушување на телефонски разговор на кое и да е осомничено лице врзано за предметот, тоа е материја за постоењето на Специјалното јавно обвинителство, сé што е поврзано и што произлегува од неовластеното прислушување“, рече Заев.Заев, според Обвинителството, во својство на службено лице градоначалник на Општина Струмица, од струмичкиот бизнисмен Иван Николов, побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден метар квадратен градежно земјиште во Струмица, за кое Николов бил заинтересиран да го приватизира. Според обвинението, една половина од парите требале да бидат за Заев, а другата за изградба на црква во Струмица.Заев тврдеше дека цело време бил свесен дека лицето се обидува да го намести и поднесе кривична пријава против бизнисменот./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено на Попова Шапка
Утрово најстудено на Попова Шапка каде што се измерени -7 степени, -4 било во Берово и Mаврови Анови, -3 во Kрушево, -2 во Крива Паланка, -1 во Тетово, Виница, 0 во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Штип, Прилеп, 1 во Охрид, Претор, Битола, Велес, Кавадарци, 2 Демир Капија, Струмица, 3 Гевгелија.
Количина на врнежи за изминатите 24 часа до 07 часот во (l/m2)
26 Гевгелија, 20 Демир Капија, 17 Струмица, Mаврови Анови, 15 Kрушево, 13 Скопје-Петровец, Попова Шапка, 12 Кавадарци, Пожаране, 10 Берово, Велес, Ѓуриште, 9 Тетово, Битола, 6 Скопје-Зајчев Рид, Штип, 5 Виница, 3 Претор, Прилеп, Тополчани, 2 Крива Паланка, Пожар-Радовиш, 1 Охрид.
Висина на снежна покривка до 07 часот во (cm)
50 Попова Шапка, 14 Маврови Анови, 5 Берово, 2 Ѓуриште.
Времето денеска
Променливо облачно со повремен локален дожд и снег со слаб интензитет, претежно во северозападните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Максималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9 степени.
Во Скопје, претежно облачно со слаб променлив ветер. Максималната температура ќе достигне до 6 степени.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

