Македонија
Tаравари: Куршумот има заканувачка мафијашка порака, ништо нема да ја спречи промената
Куршумот има заканувачка мафијашка порака, но промената почна и ништо не може да ја запре, вели претседателот на Алијансата на Албанците и градоначланик на Гостивар, Арбен Таравари, откако утрово беше пронајден куршум во дворот од неговата куќа.
Таравари пишува дека му е жал за неговото семејство, особено за неговата мајка која лошо ја доживеала целата ситуација, но жал му е и за политичарите кои покажуваат дека нивниот аргумент да замолчат нечиј глас се куршумите.
„Оние што ја држеа оваа земја како заложник се во очај на загуба! Секој што ќе остане без зборови, а му остана само куршумот е во голема неволја… На било кој што го фрлил тој куршум, му велам дека и тешка артилерија да користи, промената почна и ништо не може да ја запре“, пишува Таравари.
„Можете мене да ме убиете, и тоа би било голема загуба за моето семејство и жал ми е што и моите деца го читаат ова…но вие би убиле само еден човек, а што ќе им направите на илјадниците и стотиците илјади луѓе кои веќе се на нозе? Не можете да замолчите, да убивате, да запрете народ! Ви благодарам на сите вас што ме поддржувате! Срцето планина ми го направивте! Ја почнавте промената. Со или без мене – Промената се случи!“, пишува Таравари.
Од полицијата потврдија дека е пронајден неиспукан куршум од автоматска пушка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 12:00 часот, корисниците на улиците: Урош Џудовоќ, Осло, Будимпештанска, Лубица Георгиева (Општина Карпош)
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок продолжува периодот на претежно сончево и тивко време. Во ноќните и претпладневните часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност.
Македонија
Зимзоленд: Продолжуваме со работа, шпекулација е дека настанот ќе биде затворен
Од Зимзоленд велат дека продолжуваат со работа и дека информациите за неговото затворање се шпекулации.
„Во последните часови на одредени медиуми се појавија неточни информации и шпекулации дека Зимзоленд ќе биде затворен. Ве информираме дека ова не е точно. Зимзоленд продолжува да работи со редовно работно време“, се наведува во јавното соопштението.
Во него се додава дека е точно дека во претходните денови имало инспекциски надзори, но велат дека до надлежните служби била доставена целосната и потребна документација.

