Македонија
Tримесечна специјализирана обука: Лекарската комора го условува продолжувањето на лиценцата на д-р Кузмановски
Комисијата за етички и правни прашања при Лекарската комора го разгледала поднесеното барање за продолжување на лиценцата за работа на докторот Кузмановски постапувајќи, како што информираат од таму, со најголема сериозност и одговорност.
„Како резултат на констатираните наводи и за да се гарантираат заштитата на пациентите и интегритетот на лекарската професија, Комората, покрај законски утврдените услови, донесе одлука за преземање дополнителни мерки. Имено, беше одлучено дека д-р Кузмановски, за да може неговото барање да биде одобрено, мора да помине тримесечна специјализирана обука под директно водство на ментор. По завршувањето на обуката, докторот ќе подлежи на испит за детаљна проверка на стручните знаења и способности.
Имајќи предвид дека Законот за здравствената заштита прецизно ги утврдува условите за издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценците за работа, а во моментот не постои судска пресуда или друг правен акт што би условил одбивање на барањето за одземање на лиценцата, Комората ја користи законската можност да наметне засилен механизам на контрола и едукација“.
Паралелно со ова, како што велат, во Комората тече и сеопфатна процедура поврзана со неговото етичко однесување како доктор.
Комората, додаваат од таму, даде јавна и остра морална осуда за однесувањето на докторот, јасно ставајќи до знаење дека со своето однесување тој ги крши етичките принципи и ги нарушува интегритетот и угледот на лекарската професија.
„За да се донесе конечна, издржана и најправедна одлука, Комората ги очекува извештаите на комисиите формирани од Министерството за здравство и од Универзитетската клиника за неврологија, кои треба да дадат поширока претстава за професионалниот лик и за стручната способност на докторот во целина. Конечната одлука на Комората ќе биде донесена по темелна анализа на сите прибрани докази и извештаи“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

