Македонија
„Телма“ прогласи 12 искусни новинари за технолошки вишок
Дванаесет вработени во телевизија „Телма“, со одлука на раководството, во четврток наутро прогласени се за технолошки вишок, а меѓу нив се и Панта Џамбазовски, Емилија Лазаровска, Виолета Зајкова, Соња Николовска, Јулијана Лефковска Пешевска, Томислав Османли и други вработени во информативната, културната и во забавната редакција на телевизијата.
Новинарите прогласени за технолошки вишок не добиле образложение зошто е донесена таквата одлука, но во писменото известување било наведено дека тоа е заради намалување на трошоци. Во текот на денот, Синдикатот на вработените на „Телма“ очекува да има средба со раководството за да може да добие подетални информации за одлуката, по што ќе излезе и со став во јавноста.Се очекува и Синдикатот да побара на овие луѓе да им биде понудено друго работно место во телевизијата за да може да се искористи нивниот капацитет. Од Независниот синдикат на новинари и медиумски работници велат дека не биле консултирани за одлуката и најавуваат дека во текот на денот очекуваат средба со раководството на телевизијата.Во телевизија „Телма“ пред две години дојде до промена на раководството, односно, како што потврди и Централниот регистар на официјалната интернет страница, место дотогашниот управител Ристо Лазаров, на директорската функција дојде новинарот Атанас Кировски.Некогашниот уредник на весникот „Форум“ и долгогодишниот известувач за „Би-би-си“ од 1 јули 2014 година го презеде раководството со телевизијата, како директор и главен уредник./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

