Македонија
Темелковски: Македонија ја има целосно транспонирано ЕУ директивата за води
Во рамките на дводневната регионална CRESSIDA работилница: Локални предизвици на Дримскиот Басен, која во последниве два дена се одржува во Скадар, Албанија се реализираше панел дискусијата: „Менаџмент на речниот басен и управување со предизвиците на регионално, национално и локално ниво“.
Замениците министри за животна средина на Албанија и на Македонија, Олијана Ифти и Стево Темелковски, директорот на Директоратот за вода на Министерството за животна средина на Косово, Насер Бајрами, заедно со градоначалниците на Кукс и на Дебар, Хасан Халилај и Ружди Лата, како учесници на панел дискусијата, ги елаборираа националните и локалните искуства во управувањето со речните сливови, со цел да се препознаат добрите практики, да се потенцира потребата од прекугранична соработка, а посебно да се охрабрат локалните заедници, националните администрации, бизнис секторот и невладините организации, за поефикасно спроведување на нивните локални планови за одржлив развој во регионот на Дримскиот Басен и сливот на реката Дрина.
Дискусиите беа фокусирани на степенот на имплементација на Европската рамковна директива за води, на националната легислатива и институционална поставеност и капацитети, искуствата од реализирани и тековни проекти и предлози на модели за развивање на добра регионална и прекугранична соработка.
„Република Македонија ја има целосно транспонирано ЕУ директивата за води во националната легислатива. Таа е важен дел од европското законодавство за животна средина и бара од владите нов холистички пристап во управувањето со водните ресурси во кои ги вбројува реките, езерата, подземните води, утоките и крајбрежните води“, истакна заменик министерот за животна средина Темелковски во своето елаборирање на македонските искуства во областа.
Понатаму, тој нагласи дека во Р. Македонија е донесен Законот за води, како и подзаконските акти со кои се уредува областа, а од стратешките документи изработени се Национална стратегија за води, Мастер план за води и Планови за управување со речните сливови. Во однос на институционалната поставеност, управувањето со речните сливови е во надлежност на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) каде постои Сектор за води, во рамките на кој пак, се формирани посебни одделенија за управување со сливот на р. Вардар, на реките Црн Дрим и на реката Струмица.
Во однос на потребите за развивање на регионална соработка, како препораки од панел дискусијата беше потенцирана потребата од институционално зајакнување на капацитетите на локално ниво, развивање на холистички пристап за интегрирано управување со речните сливови на регионално ниво, формирање на тело на речниот слив за управување на речните ресурси, каде што локалните власти полесно ќе ја остварат нивната функционалност и оперативност и собирање и обработка на податоци во прекуграничен контекст, т.е. размена на податоци и информации.
Програмата CRESSIDA ги опфаќа Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија и Македонија. Истата е имплементирана од РЕЦ и е финансирана од Агенцијата за заштита на животната средина на Соединетите Американски Држави (US EPA). /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.
Македонија
Зајкова: Една изборна единица има смисла само со отворени листи
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, реагираше по одржаната лидерска средба во Клубот на пратеници, оценувајќи дека нејзиниот исход е „0 проценти економија и 100 проценти политика“.
„Очекуваниот исход од ‘лидерската’ средба е 0% економија и 100% политика. Една изборна единица има смисла само со отворени листи. Во спротивно, како и денес, само неколку мажи ќе продолжат да ја дефинираат судбината на Македонија, наместо граѓаните. Моќта и финансиите ќе останат кај нив, а за народот — трошки. Со отворени листи ќе има поодговорни народни избраници, а со тоа и повеќе пари за граѓаните“, напиша Зајкова на својот Фејсбук профил.
Од ЛДП посочуваат дека лидерската средба има смисла само доколку отвори суштински прашања што директно го засегаат животот и животниот стандард на граѓаните, а не доколку се сведе исклучиво на дилемата за укинување или задржување на техничката влада.
Во соопштението се наведува и дека, иако Зајкова е пратеничка и единствена жена-лидер на партија во Македонија, таа не добила покана за учество на средбата. Организаторите, како што се посочува, одлучиле да поканат само претставници на партии кои имаат пратенички групи во Собранието.
„Лидерските средби не треба да бидат поле за дневно-политички надмудрувања и покажување мускули, туку простор за носење решенија и одлуки што ќе придонесат за подобра иднина на сите граѓани“, наведуваат од Либерално-демократската партија.
Македонија
„Пирамид Билдинг Солушнс“ бара извинување по обвинувањата на СДСМ: Работиме повеќе од 15 години без ниту еден скандал
Компанијата Пирамид Билдинг Солушнс ДООЕЛ Скопје бара јавно извинување од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во рок од 24 часа, поради, како што наведува, јавни напади, клевети и тенденциозно пласирани информации изнесени од претставниците на оваа партија на прес-конференциите на Јон Фрчковски и Петар Огненовиќ.
Во однос на обвинувањата за склучени договори со општини под водство на ВМРО-ДПМНЕ, компанијата објаснува дека станува збор за селективно прикажување на факти со кое се создава искривена слика за нејзиното работење и се нанесува сериозна штета врз угледот, интегритетот и деловната репутација.
Оттука истакнуваат дека повеќе од 15 години успешно опстојуваат и работат на македонскиот пазар, без, како што наведуваат, ниту еден скандал, со доследно почитување на законите и процедурите и со континуиран раст базиран на квалитет и професионалност.
Во соопштението се додава и дека во јавните настапи на претставниците на СДСМ не бил спомнат клучен факт – дека токму во периодот на нивното владеење и раководење со институциите, компанијата добила значителен број договори за јавни набавки, кои биле целосно и успешно реализирани во согласност со законските прописи.
Како доказ за транспарентно и законско работење, компанијата доставува и табела со склучени и реализирани договори за јавни набавки по години и институции раководени од функционери на СДСМ.
„Апелираме бизнисот да се остави надвор од дневно-политичките пресметки и да не се користат инсинуации и неосновани обвинувања за политички цели“, се наведува во соопштението.
Од Пирамид Билдинг Солушнс порачуваат дека, доколку не добијат јавно извинување во наведениот рок, ќе бидат принудени да ги искористат сите расположливи правни механизми за заштита на своите права, углед и деловен интегритет.

