Македонија
Терористите од Куманово планирале напад на затворот во Подуево

Водачите на вооружената група којашто се судри со полицијата во Куманово, планирале напад на затворот кај Подуево за да ги ослободат затворениците кои издржуваат високи казни.
Врз основа на информации и документи на Косовската информативна агенција и косовската полиција, Бег Ризај и Мирсад Ндрецај, како водачи на групата од 44 лица планирале да го нападнат добро обезбедениот затвор во Грдовци кај Подуево, од каде сакале да ослободат две лица за кои се смета дека се најопасни на Косово, пишува приштинскиот дневен весник Koha Ditore.Станува збор за затвореници кои отслужуваат казни за повеќе злосторства, меѓу кои убиства.Групата била следена од 2013 година, а деталите за нивните планови произлегуваат од надгледувањето на нивните средби со лица осомничени за исламски екстремизам на Косово. Koha Ditore, повикувајќи се на наводни докази од косовското разузнавање и полицијата, пренесува дека тројцата убиени косовски Албанци во инцидентот во Куманово и македонскиот државјанин наводно соработувале со македонската Управа за безбедност и контраразузнавање да предизвикаат инцидент за којшто за возврат би добиле пари.Поранешниот припадник на ОВК и водачот на вооружената група, Бег Ризај кој беше убиен во судирот со полицијата во понеделникот беше погребан во меморијалниот центар во општината Дечани со високи почести.На комеморацијата којашто ја организирала општината, присуствувале неговите соборци од поранешната ОВК во униформи на расформираната организација. Ризај бил офицер на специјалната единица „Црни орли“ на ОВК.Голем број граѓани, пратеници од сите партии застапени во косовското Собрание, како и личности од јавниот живот на Македонија и Албанија присуствувале на погребот. Телото на Ризај било замотано со знаме на Албанија. Сите говорници на погребот го нарекле „Ризај херој на албанскиот народ“.Двајца водачи на групата беа убиени, а останатите уапсени по судирот со македонската полиција во Куманово кога загинаа осум полицајци./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Започна проектот „Цел Центар на точак”, аплицирајте за субвенција до 3.000 денари

Општина Центар распиша Јавен повик за доделување на поединечни субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди, е-тротинети и дополнителна опрема. Центарци ќе можат да добијат субвенција од 30% од цената на превозното средство, но најмногу до 3.000 денари, како и субвенција за дополнителна опрема (детски седишта и кациги) до 1.000 денари.
Градоначалникот Горан Герасимовски, ги повикува жителите на Центар да го искористат овој повик и да изберат алтернативен, еколошки превоз. Тој информира дека повикот е отворен од 24 март 2025 година, а барањата ќе се обработуваат по принципот „прв дојден, прв услужен“.
„Возењето велосипед не е само начин на превоз, туку и здрав животен стил. Со секој поминат километар со велосипед или е-тротинет, придонесуваме за почист воздух, помалку метеж и поздрав живот. Нашата цел е да го поттикнеме користењето на овие превозни средства и да изградиме модерна, одржлива општина. Ги повикувам центарци да аплицираат за субвенција и да придонесеме за помал сообраќаен метеж во централното градско подрачје. Поддржуваме здрави и одржливи транспортни навики“, истакнува Герасимовски.
Заинтересираните граѓани треба да поднесат барање со потребна документација: копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и фискална сметка во оригинал и истата да ја достават во архивата на Општина Центар, барака бр.6, од 09.00 до 15.00 часот. Правото на субвенција е еднократно.
За повеќе информации, граѓаните можат да се обратат на телефонските броеви 02/3203-600 и 02/3203-693 или да ја посетат веб-страницата.
Македонија
ДУИ: Тоа не беше обичен локал, туку неформалното собиралиште на целата политичка, криминална и бизнис елита на Кочани, сите сѐ гледале – но цела година никој ништо не видел

„Изминаа седум дена болка, молк и солидарност – денови кога целото општество се поклони пред споменот на 59 млади животи што згаснаа трагично, меѓу кои и деца, а стотици други беа повредени. Како Демократска Унија за Интеграција, одбравме да молчиме – од почит“, велат од ДУИ.
„Почит кон жртвите, кон семејствата, кон една национална рана што треба да не обедини, а не да нè подели. Но молкот заврши. И сега мора да се зборува. Од првиот момент на трагедијата, додека пожарот сè уште не беше изгаснат, додека граѓаните во шок бараа одговори и надеж, гледавме како врвот на власта – наместо да сочувствува – започна политичка хајка. Наместо со информации, излегоа со обвинувања.
Наместо со смиреност, со закани. Се впери прстот кон другиот, кон минатото, кон тие што не се дел од нив.
Без да почекаат фактите, ја активираа машинеријата за префрлање вина. Се конструираше приказна според која лиценцата на дискотеката, дадена години претходно за кабаре, стануваше основа за апсење на поранешен министер – со лисици, камери и насловни страници.
Иако сите знаат дека лиценците не се трајни, не се автоматски продолжени, сите знаат дека се минати години откако се истечени, а дури И конкретната – фалсификуваната – завршила 3 дена пред трагедијата.
Сите знаат дека објектот бил запечатен од УЈП пред неколку месеци, а многу наскоро потоа незаконски отворен.
Сите знаат дека во објектот редовно имало недозволиво прекубројна публика, а и самата вечер преку 650 луѓе во објект со капацитет од 300.
Сите знаат дека објектот редовно бил посетуван од малолетници, исто како и кобната вечер дури и до 3 часот по полноќ.
Сите знаат дека на овие забави редовно се користеле пиротехнички средства, и на сите им било јасно дека тоа се прави без дозвола од полицијата, исто како што пиротениката била користена и кобната вечер.
И најважно – сите локални институции, од полиција до инспекторати, го знаеле тоа, го гледале тоа, но не смееле да реагираат.
Сите сѐ гледале – но цела година – никој ништо не видел.
Прашуваме зошто? Зошто навреме не видоа и зошто не спречија? Бидејќи тоа место не беше обичен локал. Тоа беше неформалното собиралиште на целата политичка, криминална и бизнис елита на Кочани и поширокиот регион.
Од градоначалници, пратеници и партиски претседатели на ограноци, па се до инспектори, командири и функционери – сите биле редовни гости, во блиски релации со сопственикот и неговата екипа; на сите им било јасно дека зад овој објект стојат моќници кои го штитат, и затоа никој ништо не треба да прашува“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
ФЗОМ предупредува за сериозна фишинг измама која се одвива преку лажна веб-страница fzom.net

Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) ги известува граѓаните за сериозна фишинг измама која се одвива преку лажна веб-страница со адреса fzom.net. Оваа веб-страница се претставува како официјална страница на ФЗОМ (fzo.org.mk) и има за цел да украде лични и финансиски податоци на граѓаните.
Измамниците преку fzom.net се обидуваат да ги измамат граѓаните да ги внесат своите:
· Лични податоци (име, презиме, матичен број, адреса);
· Податоци за здравствено осигурување;
· Податоци за банкарски сметки и кредитни картички;
· Кориснички имиња и лозинки.
ФЗОМ категорично ги предупредува граѓаните да не ги внесуваат своите лични податоци на веб-страницата fzom.net. Официјалната веб-страница на Фондот е исклучиво fzo.org.mk.
· Проверете ја внимателно веб-адресата пред да внесете какви било лични податоци.
· Не кликајте на линкови од сомнителни е-пошти или пораки.
· Не споделувајте ги вашите кориснички имиња и лозинки со никого.
· Пријавете ги сите сомнителни активности на ФЗОМ или во најблиската полициска станица.
· Официјалната веб страна на ФЗОМ никогаш нема да побара од вас внесување на банкарски податоци.
ФЗОМ извести дека веќе презема мерки за да ја блокира оваа лажна веб-страница и да ги заштити граѓаните. Фондот соработува со надлежните органи за да ги идентификува и казни сторителите на оваа измама.
ФЗОМ апелира до граѓаните да бидат внимателни и да ги заштитат своите лични податоци од ваквите измами.