Македонија
Тодоров: Жената не може сама да си побара царски рез, лекарот ќе процени
Никаде во светот нема жената сама да си побара пораѓање со царски рез и докторот да има обврска тоа да го направи, рече во четврток на прес конференција министерот за здравство, Никола Тодоров.
„Никаде во светот нема, жената сама да си побара царски рез и докторот да има обврска тоа да го направи, тоа е како некој да дојде и да каже дајте ми мене некаква терапија, па лекарот да мора да му даде таква терапија, тоа секаде во светот е забрането, затоа што докторот одговара за терапијата и за интервенцијата која ја презема. Не може пациентот да знае и не треба да сугерира што треба докторот да направи. Докторот е тој што учел за тоа и знае дали треба или не треба да се направи“ изјави Тодоров.Министерството за здравство во ноември вовело упатство за практикување на медицина заснована на докази при царски рез или, како што изјави Тодоров, протокол којшто лекарите треба да го применуваат за да се намали бројот на царски породувања во Македонија. Ова не е закон, нема казни заради непочитување, тоа е светски протокол и очекувам нашите лекари да го почитуваат, вели Тодоров.„Нема ограничување на право за царски рез, ниту такво нешто сме наложиле. Донесен е протокол кој е базиран на светски практики, преземени се светски протоколи со медицина базирана на докази за царски рез, односно кога треба да се прави, кога не треба да се прави царски рез. Тоа е имплементирано, во Англија, во Франција, во Швајцарија, тоа протокол по којшто постапуваат сите доктори во тој сегмент во сите европски земји“, изјави Тодоров.Според податоците на Министерството за здравство, кај нас во голем број на здравствени установи царскиот рез надминува 50 проценти од вкупниот број. Таков е случајот во болницата во Охрид, додека генерално во Македонија вкупниот процент на царски резови е некаде околу 30 отсто. Во околните држави, на пример Србија, Хрватска, Словенија е за десетина проценти помалку. „Стручните лица кои изработуваат вакви протоколи или странските доктори кои доаѓаат во Македонија од САД или други центри. Сите негодуваат на оваа појава затоа што има сериозна предност, кога породувањето е природно во однос на породувањето со царски рез, односно породувањето со царски рез треба да се врши доколку за тоа има индикации и овој протокол ги кажува кои се индикациите за породување со царски рез и не е измислен од министерството за здравство, туку е преземен од најпозната база на протоколи во светот“, додаде Тодоров.Ова упатство е задолжително и за приватните клиники во Македонија. Здравствените работници ја вршат здравствената дејност на медицинско згрижување на царски рез, по правило, согласно ова упатство. Во поединечни случаи по оценка на докторот, може да се отстапи од одредбите на ова упатство, со соодветно писмено образложение за причините и потребата за отстапување и со проценка за натамошниот тек на медицинското згрижување, при што од страна на докторот тоа соодветно се документира во писмена форма во медицинското досие на пациентот.Согласност за царски рез треба да се побара откако на бремената жена ќе и се обезбедат сите потребни информации за царскиот рез. Бремената жена има право да одбие царски рез дури и кога е очигледно дека со тоа ќе се подобри нејзиното или здравјето на нејзиното бебе. Кога ќе се донесе одлука за царски рез треба да се направи список на сите фактори кои влијаеле на носењето на одлуката и кој од тие фактори имал најголемо влијание.Планираниот царски рез се однесува на царски рез кој е закажан пред започнување на породувањето поради постоење на специфични клинички индикации. Царски рез не се нуди секогаш при повеќеплодна бременост и секако не се нуди при предвремено породување. На жени заразени со хепатит Б и Ц не треба да им се нуди царски рез бидејќи со тоа не се намалува ризикот од пренесување на инфекција на новороденчето, предвидува упатството.
Упатството е објавено на веб страницата на Министерството за здравство. http://zdravstvo.gov.mk/wp-content/uploads/2014/12/15-Carski-rez-novo.pdf
/крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.

