Македонија
Tрета јавна презентација на Планот за управување со сливот на Брегалница
Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, швајцарскиот амбасадор во РМ, Стефано Лазарото и градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски, се обратија на Третата јавна презентација на нацрт-планот управување со речниот слив на Брегалница, која денеска се одржа во Кочани.
„Преку имплементација на овој проект се спроведува во 15 општини од регионот на реката Брегалница, сигурен сум дека ќе се постигне стабилен социо-економски развој на регионот, стимулирање на индустријата, земјоделството и туризмот. Примената на Законот за води и подобрувањето на квалитетот на водата и на санитарните услуги во сливот на реката Брегалница се главниот очекуван резултат. Проектот служи како пилот проект за управување со водите низ целата територија на државата“, изјави во таа прилика министерот Изаири.
Проектот е финансиран од Швајцарскиот државен секретаријат за економски работи, СЕКО, а имплементиран од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и општините од регионот.
Самиот проектот е составен од две компоненти: Изработка на План за управување со речниот слив и реализација на мали инфраструктурни проекти.
Конечната верзија на Планот за управување со речниот слив, која ќе содржи анализи на постојната состојба, но и сценарија за можната состојба со водните ресурси во следните 20 години, се очекува да се финализира најдоцна до септември 2015 год.
Што се однесува до малите инфраструктурни проекти, реализацијата од првиот повик е сè уште во тек. За потсетување, при првиот повик сите општини добија по 50.000 швајцарски франци, а реализацијата на одбраните проекти е во тек. Вториот повик се однесува за проекти од 50.000 до 500.000 швајцарски франци. Проектите од вториот повик се очекува да се реализираат заклучно со крајот на 2015 година.
Во рамки на посетата, министерот Изаири присуствуваше и на свеченото пуштање во употреба на нов бунар во бунарското поле Грдовски Орман, кој е прв целосно реализиран проект од првите 15 мали инфраструктурни проекти .
Бунарот, со кој се обезбедуваат нови 30 литри вода во секунда овозможува стабилен систем на црпење на водата и непречено снабдување со вода и во евентуалните шпицови во критичните летни периоди. Со овој бунар, вкупниот капацитет на целиот систем за водоснабдување е подигнат на 280 литри во секунда. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од утре струјата поскапува за 2,28 отсто
Од утре, 1 јануари, цената на струјата ќе се зголеми за 2,28 отсто за 85 отсто од домаќинствата во Македонија, што значи повисоки сметки од 57 до 900 денари.
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) информираше дека наместо предложеното зголемување од 7,66% од ЕВН Хоме, по спроведени анализи и пресметки, одлучила за значително помали корекции.
Па така, наместо предложеното зголемување, РКЕ по спроведените анализи и повторни пресметки, одлучи во првиот блок да има корекција од 2,45 % . Во вториот блок цената ќе се зголеми 2,87 %, а предлог-зголемувањето на „ЕВН хоме“ е 8,54 %. Во третиот блок цената ќе се зголеми 3,32 % иако беше предложено да има зголемување од 9,63 % и во четвртиот блок зголемувањето е 3,84 % наместо предложените 11,86 %.
Во однос на евтината тарифа, „ЕВН хоме“ предложи зголемување за 3,96 %, а РКЕ одлучи таа да се коригира за 2,50 %.
„Водејќи се од начелото на транспарентност и имајќи го во предвид јавниот интерес кога се во прашање цените на енергијата и енергентите што РКЕ ги регулира или контролира, како и досега така и денес, ги споделуваме во детали одлуките, односно во конкретниот случај одлуката за ‘ЕВН хоме’. Регулаторните анализи покажуваат дека сметките на домаќинствата што користат електрична енергија во првиот и во вториот блок ќе се зголемат за 2,59 %, а оние што имаат потрошувачка и во третиот блок – сметката ќе се зголеми 2,79 %“, изјави месецов Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
РКЕ оценува дека „ЕВН хоме“ го има применето тарифниот систем, но во предлог-одлуките за нови цени и распоредот на трошоците по блокови не е применет клучниот регулаторен принцип, а тоа е урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и корисниците, односно потрошувачите.
Од РКЕ велат дека регулаторот има цел да дефинира крајни цени што ќе гарантираат услови за непречено снабдување со електрична енергија, при што внимава да се заштитат потрошувачите од ценовен шок. Податоците покажуваат дека вкупно 64 % од потрошувачите имаат потрошувачка во првиот блок, речиси 21 % им се тарифира и во вториот блок, а третиот блок го користат 1,73 % од потрошувачите.
Македонија
(Фото) Полицајците им подаруваа новогодишни лампиони на охриѓани и на туристите во Охрид
Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) Охрид, во соработка со Секторот за внатрешни работи (СВР) Охрид, денеска на симболичен начин, со подарување на новогодишни лампиони, на охриѓани и на туристите кои во Охрид ќе ја прослават новогодишната ноќ, им ја честита Новата 2026 година.

„Традиционално, на овој начин, на сите охриѓани, на сите гости, на сите туристи кои што ќе слават Нова година во Охрид, со симболично доделување на лампиони им ја честитавме Новата година и им посакавме се најдобро во новите 365 дена. Им порачавме да внимаваат на својата и на безбедноста на останатите граѓани а посебно дека сообраќајните контроли во сообраќајот ќе бидат интензивни.

Нагласивме дека алкохолот и управување моторни возиа не одат заедно и дека секоја таква ситуација, ќе значи исклучување на возачот од сообрај и соодветна пријава. На овој начин, ИПА Охрид и СВР Охрид, со оваа превентивна активност, прават обид повеќе за зголемена безбедност во градот, а граѓаните и туристите да се чуствуваат безбедно и сигурно во Охрид“, сооопшти СВР Охрид.

Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Ви давам збор, 2026 ќе биде многу подобра година
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски им посака успешна нова година и среќни празници на жителите на Скопје.
Тој даде збор дека 2026 година ќе биде многу подобра.
„Заедно ќе ги решаваме проблемите, заедно ќе обезбедиме поголема стабилност, подобар стандард и повеќе радост за сите наши скопјани“, кажа Ѓорѓиевски.

