Македонија
Twingo Cup викендов се вози во Австрија

Рекорден број на возачи се пријавија за трката, 34 кои ќе возат на двете планирани трки, в сабота и в недела, меѓу кои и деветмина Македонци.
Познатата патека Ред Бул Ринг во Австрија викендов ќе биде домаќин на втората трка од првенството на Twingo Cup тркачка серија во која настапуваат и деветмина македонски возачи.
Ова е трета сезона на Twingo Cup што се одржува во организација на Аутомотив груп и Рено спорт клуб.
Патеката на која се возат и Ф1 трки првпат е домаќин на малите твинговци, и за оваа втора трка пријавени се 34 возачи, што е најмногу досега. Покрај деветтемина Македонци кои ќе возат, има и возачи од Словенија, Италија, Србија, Чешка и од Австрија. Покрај за Twingo Cup истите трки ќе се бодуваат и за FIA CEZ првенството, и за националните првенства на Словенија и на Македонија.
В петок се слободните тренинзи за сите 34 натпреварувачи во утринските часови, а попладне е предвидено да се возат и квалификациите во траење од 25 минути по што ќе бидат одредени и стартните позиции за двете трки. Првата трка е планирано да се вози в сабота од 19:30 часот, а втората в недела од 10:55 часот.
Македонските возачи за Австрија патуваат во „полн состав“ вклучувајќи ги и Владимир Трнески и Давид Малинковски, кои победија во првенството на Македонија на двете трки.
Тренески беше најбрз на првата трка. На втората во самата завршница имаше пех и мал инцидент поради што не ја заврши трката, но возилото е подготвено за она што го очекува во Австрија.
„Ова ќе биде првпат да возиме на оваа патека. Не ја познаваме доволно добро, но така ќе биде за речиси сите возачи. Има многу брзи делови на патеката и малку сопирање. Јас повеќе сакам технички патеки, но и сега ќе дадеме сè од себе да бидеме добро пласирани. Во Унгарија покажавме дека сме кадарни да им парираме на другите возачи. Сега тука ќе има делови каде возилата нема да развиваат голема брзина поради нагорнините, ќе се вози во групи, а поради широката патека сигурно ќе има и повеќе возила што ќе се обидуваат да престигнуваат’’, вели Владимир Тренески победникот од првата трка во Унгарија.
Покрај во Унгарија, сезонава ќе се возат трки и на патеките Ред Бул Ринг во Австрија, на Гробник во Хрватска, кај Брно во Чешка, на Серез, Грција и на Монца Италија.
За Марко Блажевски Австрија ќе биде место повторно да потврди дека вози одлично сезонава, и да го потврди оптимизмот со кој влегува во третата сезона.
„Очекуваме релативно брза трка, со многу фирунг возење (еден позади друг). Нема многу свиоци на патеката и секако очекувам да бидеме подеднакво брзи. Оптимист сум и секогаш целам кон врвот, па затоа очекувам да бидеме во самиот врв. Само да немаме пехови. Не се плашам да притиснам на гас и онаму каде што другите сопираат. Сигурно ќе има и меѓусебно помагање со другите Македонци па патеката за да можеме да им конкурираме на другите“, вели Марко Блажевски.
Прогнозите се дека ќе има „влажен“ тркачки викенд во Австрија, со можен дожд, кој ветува уште повозбудливи трки.
Актуелен првак во Twingo Cup за 2021 година е Давид Малинковски, кој лани освои 122 бода и победи на четири од вкупно осум трки, а шест пати беше на пиедесталот.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Мицкоски е скапо платен спроведувач на интересите на држави кои не ѝ мислат добро на Македонија

За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план, станавме држава заложник на туѓи интереси, кажа претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на вечерашната трибина „Мугра на Слободата“, во Крушево.
Тој рече дека Владата на ВМРО ДПМНЕ од држава со јасна иднина напред, ја направи држава заложник на туѓи интереси.
„За една година ВМРО-ДПМНЕ ја заглави државата на меѓународен план. Од држава со јасна иднина напред, станавме држава заложник на туѓи интереси кои што ја раководат оваа власт преку финансиско заложништво. Мицкоски е скапо платен спроведувач на политики на држави кои не и мислат добро на Македонија, туку ја гледаат само како поле за своите геостратешки интереси“, рече Филипче.
Тој обвини дека Мицкоски со новите задолжувања направил вистинско предавство на интересите на државата.
„Долговите од 7 милијарди евра ќе бидат камен околу вратот за секој млад човек и за развојот на државата во следните 10 години. Ова е вистинско предавство на националните интереси, вистинско предавство на државата“, рече Филипче.
Во обраќањето пред присутните граѓани во Крушево, Филипче рече дека премиерот Мицкоски ја турка Македонија во амбисот на криминалот, корупцијата, самоволието, киднапирајќи ја европската иднина за државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон

На вечерашната граѓанска трибина „Мугра на слободата“ која се одржа во Крушево, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето обраќање рече дека кумановскиот градоначалник Миксим Димитриевски му слугувал на Мицкоски за да се спаси од политички прогон.
„Максим Димитриевски конечно се потврди за што е влезен во коалиција со Мицкоски и која беше неговата цел. Не била само поделбата на СДСМ. Негова цел била да се спаси од правен прогон. Скандалозно е и преседан е во судството на само еден ден од носење на пресуда обвинението против него да се повлекува. И ова е јасен знак дека тој е политички заштитен од Христијан Мицкоски и дека е сега негов вечен должник. Јасно е зошто тројанскиот коњ Димитриевски беше задолжен да го дели СДСМ. Сега повеќе никој не му верува“, рече Филипче.
Оценувајќи ги меѓупартиските релации, тој во своето обраќање партиите ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ги нарече колаборациоалисти.
„ВМРО-ДПМНЕ и нивниот привезок ЗНАМ се колаборационисти. Со години лажат и шират хистерија дека тие ќе се „бореле со Бугарите“, а впрочем тие се тоа. Нема кој нема бугарски пасош од нив и не е проблем да имаш бугарски пасош, од било која причина – економска, социјална или лична – но лицемерно е да се правиш патриот дека ќе се бориш против „бугарски диктат“ а да имаш фирми во Бугарија, државјанства, и разни други интереси. За нив може ЕУ, за другите не може“, рече Филипче.
Македонија
Мицкоски: Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок

Ќе воведеме обврска институциите да одговорат на барањата на граѓаните, задолжително и во најбрз рок, најави премиерот и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната трибина во Струмица насловена „Една година ги градиме темелите на македонското земјоделство и храна“.
„Свесен сум дека мора да направиме и многу други работи. И работиме на тоа. Мора да се знае дека граѓаните ќе бидат на прво место. Затоа предвидуваме гаранција за услуга, во рок од 5 дена во сите општини и институции. Тоа нема да биде желба , туку закон. Секој граѓанин ќе добие одговор. Навреме, точно и без чекање. Ќе воведеме нова услуга каде администрацијата, за првпат, ќе биде таа што ќе го бара граѓанинот, а не спротивно. Ставаме крај на молкот, одложувањата и бирократската ароганција. Ќе обезбедиме гарантиран максимум на чекање во институциите. Ќе постојат јасни граници и секое прекршување ќе се казнува. Почит за времето на граѓанинот ќе биде основна вредност на новата јавна администрација. Ќе воведеме Јавна листа со времиња на чекање по сите здравствени установи. Транспарентноста ќе стане стандард, пациентите ќе знаат каде ќе добијат најбрза услуга“, кажа Мицкоски.
Тој истакна дека во образованието ќе се воведе предмет за изучување на вештачката интелигенција.
„Воведување предмет за изучување на вештачка интелигенција во образованието. Нема повеќе да учиме само за минатото, ќе ги подготвиме генерациите за иднината, за новата економија, за дигиталната ера што веќе тропа на вратата. Ова е визијата што ја градиме“, посочи Мицкоски.