Македонија
UGI Wholesale стана водечки играч на регионалниот телекомуникациски пазар
За само две години од создавањето на новата деловна единица на Јунајтед Груп – UGI Wholesale (“УГИ Големопродажба”) се етаблираше како водечки играч на телекомуникацискиот пазар на големо во јужна, централна и источна Европа.
Со седиште во Грција и со канцеларии и во Бугарија, Хрватска, Словенија, Србија, Босна Херцеговина и Црна Гора, дедицираната деловна единица на UGI Wholesale чија задача е да ги координира активностите на големопродажба на телекомуникациите, успешно испорача многу сложени проекти со што се етаблира како регионален лидер во областите на услуги за податоци, роаминг и мобилни и големопродажни говорни услуги.
UGI Wholesale преку својата подружница Vivacom Bulgaria EAD, стана одобрен телекомуникациски провајдер за GÉANT – европската соработка на национални истражувачки и образовни мрежи. GÉANT, кофинансирана од Европската Унија, го поткрепува информативниот екосистем на инфраструктура и услуги за унапредување на истражувањето, образованието и иновациите на глобално ниво. Како поддршка на мисијата на GÉANT и за само две години, UGI Wholesale ги презеде и успешно ги испорача следните проекти:
● Лот што ги поврзува Загреб и Љубљана со темно влакно, доделен во 2021 година, испорачан во 2022 година.
● Четири лота што ги поврзуваат Загреб-Белград-Софија-Солун и Софија-Букурешт со темно влакно. Доделени во 2022 година, сите четири лота беа успешно испорачани на крајот на 2022 година.
● Три лота кои се поврзуваат со повеќе услуги за пренос 100G Подгорица-Загреб, Софија-Истанбул и Истанбул-Солун. Доделени во 2022 година, испораката на договорените услуги е предвидено да биде во 2023 година.
По успешното завршување на овие проекти, соработката со GÉANT дополнително се унапреди преку преку дополнителната награда за услуга за пренос од 100G што ги поврзува Тирана-Софија – која моментално е во фаза на имплементација. Дополнително, завршен е и тендерот за UGI Wholesale за обезбедување услуга за пренос 100G што поврзува Софија-Скопје како партнер.
За време на настанот TNC23 кој беше организиран од GÉANT и домаќин на RASH, националната истражувачка и образовна мрежа на Албанија, што се одржа претходно овој месец во Тирана, UGI Wholesale стана членка на Програмата за комерцијално партнерство на GEANT.
Паоло Фичини, извршниот директор на UGI Wholesale изјави: „Во UGI Wholesale сме многу горди што нашите напори и успешното завршување на сложените проекти беа препознаени и прославени од GÉANT, кој има задача да испорача една од најголемите европски иницијативи. Многу сме среќни што успеавме во оваа мисија и навремено ги исполнивме очекувањата на нашите партнери. Нашата организација прерасна во многу силен регионален играч кој обезбедува висококвалитетни резултати на големи и тешки проекти. UGI Wholesale е доверлив и кредибилен партнер од регионот“.
Инаку, телекомуникациската мрежа на Јунајтед Груп се протега низ цела Европа, покривајќи ги Холандија, Германија, Австрија, Словенија, Хрватска, Босна, Србија, Бугарија, Црна Гора и Грција и нејзината мрежа со оптички влакна има пристап до вкупен пазар од повеќе од 40 милиони луѓе, нудејќи покриеност на центарот за податоци што го прави единствениот независен преносник во регионот со вака обемен отпечаток. Во нашата земја, во рамки на Јунајтед Груп, работи компанијата Тотал ТВ.
(ПР текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Опозицијата ја мачи што доаѓа време на одговорност за канабисот
Премиерот, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања, одговарајќи за концесиите за канабис и акцијата која се спроведува, истакна дека истата се спроведува подолг период и правдата ќе си дојде на свое место, а опозицијата ја мачи тоа што доаѓа време за одговорност за сите вклучени лица, па им работи меморијата кој што потпишал или направил, воедно посочи дека факт е дека фирма од која се запленија 30 тони има поврзаност со функционер од СДСМ.
„Оваа влада веќе шест лиценци има одземено, од информациите со кои располагам уште неколку ќе бидат одземени во периодот кој следи, контролите продолжуваат, очекувам голем број на лиценци да бидат одземени. Но, исто така за мене е поважно што е правено изминатите години откако главната економска политика на претходната влада се темелеше на давање на лиценци и одгледување на цвет од канабис и да не ги заборавиме 150 денари претплата за МРТ кои потоа пет пати ги наплатија. Тоа беше главната економска политика на претходната влада и нормално ширење на хистерија кога сега од опозиција ја прават без да понудат било какво решение“, потенцираше премиерот Мицкоски, одговарајќи на прашање од пратеникот Љупчо Пренџов.
Премиерот Мицкоски нагласи дека факт е дека фирмата во којашто се запленија повеќе од 30 тона цвет од канабис има роднинска поврзаност со висок функционер на опозицијата од минатото односно претседател на локална организација во СДСМ во Ново Село и тоа е факт и никој не може да го побие.
„Не еден килограм, не еден тон, туку 30 тони, факт е дека овие испораки завршуваат до луѓе блиски од претходната влада, но тоа не можам јавно да го зборувам бидејќи е дел од истрагата. Тишината нив ги оптеретува, тие се навикнати на парада, камери, лисици, понижувања, омаловажувања, тие не се навикнати на соопштенија за јавност или кратка изјава и тоа ги мачи затоа што конечно доаѓа времето на наплата на она кое што во назад во времето било погрешено. Ги мачи што гледаат дека нема назад, кога гледаат како камионите се полнат со запленет канабис, се одземаат лиценци. Работи меморијата, секој се преиспитува што направил што потпишал, кој документ, што згрешил тоа е цело време потсвест која ќе продолжи да ги јаде. Сега тие се молат да заврши истрагата побргу за да видат кои се тие, дали се тие или не, дали ќе се покрене постапка овде за одземање имунитет можеби, тоа ги мачи“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски додаде дека има чувство дека голем дел од нив ќе се изненадат затоа што главната економска политика им се водеше на канабисот и затоа и многу им се тие 18 пратеници кои ги добија.
„Не велам дека имам податоци, но имам чувство дека ќе бидат изненадени за тоа што следува во периодот. А она кое очекувам е правдата да си дојде на свое место и сите одговорни лица да одговараат. Замислете држава во која главната економска политика се темели на канабис, отидоа чекор понапред, сакаа да формираат слободни канабис туристички зони каде ќе биде дозволено користење на марихуана. Овие луѓе и ова им е многу што добија 18 пратеници, после тоа се што направија и тоа им е многу. Не им беше доволно што тони канабис ќе порасне и генерации ќе бидат потенцијални зависници и беа свесни за тоа и решија да направат слободни зони за консумирање на канабис, па спомнуваа Дојран, Охрид и не случајно во тие региони има најмногу плантажи за да нема трошоци за транспорт. На тоа дојде крај и сега следи одговорноста и гарантирам дека одговорност ќе има“, дециден е премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски воедно нагласи дека не случајно акцијата е работена подолг период и не случајно почетокот започна кај нашиот северен сосед и тука има можеби дилема зошто баш таму се појави, а можеби одговорот ќе се најде во новата пи-ар стратешка група која ја води политиката во опозицијата или во хотел Парк во центарот на Скопје.
Македонија
Полицаец кој го обезбедува Собранието возел без да има положено, одземено му е возилото
Полицаец, вработен во Одделението за обезбедување на Собрание, возел без да има положено. Против него е поднесена кривична пријава и одземено му е возилото.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против А.Б., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Пријавениот А.Б., полициски службеник во Одделението за обезбедување на Собрание на РСМ, Сектор за обезбедување на објекти од државен интерес при Оддел за заштита на определени личности и објекти, на 12.02.2026 на ул.„11 Октомври“ во Скопје управувал негово лично патничко моторно возило „бмв“ без положен возачки испит, односно без возачка дозвола, а по наредба на јавен обвинител возилото е одземено“, соопшти МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против А.Б. поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.
Пред една недела, уште еден полицаец беше фатен без возачка дозвола.
Македонија
Герасимовски: Инспекторите се на терен, санкции за сите што немаат одобрение за урбана опрема
Општина Центар ги повикува сите правни субјекти и сопственици на угостителски објекти навремено да ја проверат и подготват целокупната документација за поставената урбана опрема на јавните површини.
Инспекциската служба на Општина Центар, спроведува интензивни теренски контроли за утврдување дали терасите, настрешниците, шанковите, перголите, параваните, застаклените конструкции и другата урбана опрема се поставени со важечко одобрение и согласно издадената документација.
За секоја утврдена неправилност, инспекторите согласно законските надлежности, ќе реагираат со поведување прекршочни постапки и изрекување соодветни санкции.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во повеќе наврати порача дека нема да има толеранција за бесправно узурпирање на јавниот простор.
„Нашите инспекциски служби се на терен. Соодветни казни ќе има за сите што немаат одобрение за поставување урбана опрема“, рече Герасимовски.

