Македонија
УХМР: До четврток нестабилно време, со дожд, грмежи и засилен ветер

Пад на дневните температури, како и нестабилно време со пообилни врнежи од дожд, засилен ветер и грмежи најавуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), за во наредните неколку денови.
Во понеделник, во попладневните часови, почнувајќи од северозапад времето ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Поинтензивни процеси ќе има во вечерните и ноќните часови, кога се очекуваат пообилни врнежи од дожд ( и над 30 л/м2), а на места ќе има и појава на невреме со електрични празнења, силен ветер и град.
И во скопската котлина, особено во вечерните часови, ќе биде нестабилно со пороен дожд, засилен ветер и грмежи, а локално и во форма на невреме.
Максималната температура ќе биде во интервал од 26 до 34 степени Целзиусови.
Во вторник и во среда, според УХМР, ќе преовладува променливо време, а наместа ќе биде значително облачно и посвежо, со локални врнежи од дожд со променлив интензитет, проследени со ретки грмежи и со засилен северен ветер.
Температурата на воздухот ќе биде значително пониска во однос на претходните денови.
Од четврток се очекува стабилизирање на времето и постепен пораст на дневните температури. крај/мф/ухмр
Извор: ухмр
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Лабудовиќ: Ќе изградиме нов модерен плоштад во Центар – „Феникс“

Изградба на проектот „Плоштадот на заедништвото – ФЕНИКС“, модерен, зелен и жив плоштад, е дел од изборната програма на кандидатот за градоначалник од ЗНАМ за општина Центар – Мирослав Лабудовиќ.
„ФЕНИКС е симбол на обнова, нова енергија и заедништво. Место каде што ќе се среќаваат луѓето, ќе се создаваат спомени и ќе расте духот на Центар. Со овој проект градиме иднина што инспирира, поврзува и обединува“, изјави Мирослав Лабудовиќ, кандидат за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ.
Додаде дека проектот ќе биде современ, зелен и инклузивен простор, каде уметноста, културата, музиката и животот се спојуваат во едно. Плоштадот ќе биде отворен простор за културни настани, концерти, изложби, семејни активности и дружења, создавајќи ново место за живот и инспирација во срцето на градот.
„Овој проект не е само урбанистичка замисла – тоа е визија за град по мерка на човекот, каде архитектурата, природата и заедништвото се дел од истата приказна. Со модерна пешачка зона, зелени површини и простор за одмор, ФЕНИКС ќе го врати она што најмногу недостига – чувството на припадност, мир и убавина во средиштето на градот3, рече Лабудовиќ.
Особено важно е што, додаде тој, во рамки на проектот се предвидени подземни паркинг места, со што конечно се решава еден од најголемите предизвици за жителите на Центар и се ослободува јавниот простор за пешаци и зеленило.
Македонија
Хелсиншкиот комитет остро реагира против злоупотребата на деца во политички цели

Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро реагира на сè почестите случаи на злоупотреба на деца и малолетници во политички активности во пресрет на претстојните локални избори. Иако официјалната изборна кампања завршува за неколку дена, на социјалните мрежи може да се забележат многубројни фотографии и видеа во кои децата се злоупотребени за политички цели од страна на кандидати и нивните поддржувачи, велат од Хелсиншкиот.
„Со загриженост констатираме дека во континуитет се случуваат активности, кои не само што не се во најдобар интерес на детето туку претставуваат и злоупотреба на децата поради политичко дејствување – нешто што е забрането со Законот за заштита на децата, Конвенцијата на ООН за правата на детето и Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба. Ваквата пракса, за жал, е редовна појава во земјата. Во пресрет на локалните избори, во медиумите и социјалните мрежи се забележуваат повеќе вакви случаи, само неколку примери се: видеообјава на кандидат во која се вклучени нивни деца со повик да се гласа на претстојните избори, фотографија на кандидат за градоначалник, кој на деца им дели играчки во рамките на кампањата, како и делење промотивен материјал на деца“, се наведува во соопштението.
Хелсиншкиот комитет упатува јасен апел до институциите, политичките партии, медиумите и до родителите веднаш да престане вовлекувањето на децата во политички кампањи и да се преземат соодветни мерки за санкционирање на сите што ги користат децата за политички цели.
Политичката злоупотреба на деца е забранета со закон. Во согласност со член 12, став 4 од Законот за заштита на децата „се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување“.
Хелсиншкиот комитет потсетува дека на децата не им е место во политиката. Наместо злоупотреба, велат од таму, политичарите и нивните поддржувачи треба да се залагаат за создавање услови за квалитетен живот, образование и развој на најмладите.
Македонија
Кумановски матичар измислил брак меѓу Албанец и Унгарка, заврши со кривична пријава

Кумановската полиција поднесе кривична пријава против И.З. (65) од село Слупчане, општина Липково, поради сомнение дека сторил злоупотреба на службена положба и овластување.
Според соопштението на МВР, пријавениот во 2023 година извршил упис на непостоечки брак во матичната книга на венчани меѓу лице од Албанија и лице од Унгарија.
При увид во книгата на пописни акти за истата година било утврдено дека не постои заведено барање за издавање извод од матичната книга за овој наводен брак.