Македонија
Укинат притворот за двајца осомничени во случајот „Транспортер”
Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 Скопје ги укина во вторникот решенијата на судијата на претходна постапка и ја преиначи одлуката за притвор во траење од 30 дена за уште двајца осомничени во случајот „Транспортер“. Жалбите на Специјалното јавно обвинителство, пак, против решението на судијата на претходна постапка Кривичниот совет ги одбил и го потврдил решението на судијата со кое на лицата В. Д. и А. А. им беа определени мерки за обезбедување присуство, односно одземање на патната исправа, обврска на осомничените да се јавува во судот во Битола и забрана за осомничените да го напуштаат живеалиштето односно престојувалиштето.
„Жалбите на одбраната на осомничените С. М. и А. Ш. против решението на судија на претходна постапка за определување мерка притвор се уважуваат и решението на судијата се преиначува така што се определуваат мерки за обезбедување присуство, односно одземање на патната исправа, обврска на осомничените да се јавува во судот во Битола и забрана за осомничените да го напуштаат живеалиштето односно престојувалиштето“, се наведува во соопштението на Кривичниот совет.
Минатата седмица, Кривичниот совет ја преиначи мерката притвор во траење од 30 дена и за првоосомничениот во „Транспортер“, С. Б., и му определи мерка куќен притвор, додека за осомничената Ј. Ј. го потврди решението на судијата на претходна постапка со кое ѝ беше определен куќен притвор. Според тоа, од осомничените директори на училишта во Битола и сопственици на фирми транспортери осомничени во предметот на СЈО „Транспортер“ за двајца има решение за куќен притвор додека за деветмина мерки за обезбедување присуство.
Истрагата за „Транспортер„ опфаќа вкупно 81 криминално дејствија. Во неа осомничен е и Градоначалникот на Битола Владимир Талески, кој заедно со општинскиот претседател на Комисијата за јавни набавки и група превозници наводно ги местеле тендерите за превоз на ученици со сториле наводно злоупотреба на 360 илјади евра од Буџетот на Република Македонија преку злоупотреба на службената положба. Осомничени се 22 лица за злоупотреба на службената положба, а за 11 од нив побарана беше мерка притвор.
Осомничените се товарат дека сториле кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ од чл. 353 ст. 5 од КЗ. Во однос на градоначалникот на Општина Битола, Владимир Талевски, не беше донесена наредба за спроведување на истражна постапка поради правни пречки, помилување од страна на Претседателот на државата.
Специјалното јавно обвинителство најави дека до Судот ќе поднесе и предлози за изрекување мерки против имотот на дел од осомничените и на дел од превозниците како правни лица кои поради кривичните дела стекнале имотна корист, со конкретно барање за забрана за располагање со имотот. Конкретно, ќе биде побарана забрана за располагање со три стана, осум патнички моторни возила и 33 автобуси со цел да биде надоместена предизвиканата шета./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Возете внимателно, можни се одрони, предупредува АМСМ
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен, а сообраќајот се одвива без поголеми пречки. На граничните премини од македонска страна не се евидентираат подолги задржувања за влез и излез од државата, информираат надлежните служби.
Од АМСМ апелираат до возачите да бидат особено внимателни при управување со возилата. Се препорачува прилагодена брзина на движење, строго почитување на сообраќајната сигнализација и зголемена внимателност, особено на патиштата кои минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде постои можност од појава на одрони.
Како критични делници се издвојуваат патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде возачите треба да бидат дополнително претпазливи поради конфигурацијата на теренот и можните нестабилности.
АМСМ потсетува дека внимателното возење и навременото прилагодување на условите на патот се клучни за безбедно патување, особено во зимски услови и при променливо време. Се препорачува редовно информирање за состојбата на патиштата пред поаѓање на пат.
Македонија
Денес локални врнежи од дожд и снег на планините
Времето денеска ќе биде променливо облачно. Во западните делови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1 степен, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, со повремен слаб дожд во делови од котлината. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Од УХМР информираат дека под влијание на циклонска активност, во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.

