Македонија
УНИЦЕФ: Едно од девет деца мигранти кои патуваат без придружба се водат како исчезнати
Хуманитарната организација УНИЦЕФ во петок повика на итни мерки за заштита на децата бегалци и мигранти без придружба во Европа, кои се изложени на сериозен ризик од злоупотреба, експлоатација и трговија со луѓе и чиј број достигна рекорд од над 95.000 минатата година.
Интерпол проценува дека едно од девет непридружени деца, бегалци и мигранти се водат како исчезнати или недостапни, но за бројките се верува дека се далеку повисоки. Во Словенија, на пример, повеќе од 80 проценти од децата без придружба исчезнале од прифатните центри, додека во Шведска, до 10 деца се пријавуваат како исчезнати секоја недела. Претходно оваа година, 4.700 деца без придружба биле евидентирани како исчезнати во Германија.„Децата без придружба се лизгаат низ раце. Многу од нив едноставно бегаат од прифатните центри за да им се приклучат на пошироките семејства додека чекаат, или поради тоа што немале целосно рочиште за утврдување на нивниот најдобар интерес, ниту пак за објаснување на нивните права“, вели Мари Пјер Поаре, специјалниот координатор на УНИЦЕФ за бегалско-мигрантската криза во Европа. Повикот дојде кога земјите членки на ЕУ започнаа преговори за создавање поправеден и поодржлив систем за справување со мигрантите и бегалците. УНИЦЕФ истакна дека секоја одлука која ги засега децата треба да биде заснована врз најдобрите интереси на детето, и повика овој принцип да се зајакне во Даблинската Регулатива, за која се расправа во моментов.Исто така, УНИЦЕФ ја нагласи важноста за забрзување на одлуките кои се однесуваат на детето, посочувајќи дека децата во моментов мора да чекаат до 11 месеци меѓу регистрацијата и трансферот во земјата што се согласила да ги прифати. УНИЦЕФ повикува на скратување на периодот на чекање до најмногу 90 дена, на непосредно назначување на старател и забрзано семејно обединување. Ова е клучот за заштита на децата без придружба и за спречување тие да исчезнат. Најновите достапни податоци покажуваат дека 96.500 деца без придружба поднеле барање за азил во Европа во 2015 година – околу 20 отсто од вкупниот број на деца кои бараат азил.Мнозинството се машки тинејџери од Авганистан, додека Сиријците се втората група по големина. Значителен број се под 14-годишна возраст и патуваат сами, без заштита на возрасни членови на семејството или старатели.Во некои земји, децата без придружба се повеќе од половина од сите деца кои пристигнале во 2015 година. Во Шведска, непридружените адолесценти изнесуваа 50 проценти од сите деца бегалци, додека во Италија пристигнаа 12.300 деца без придружба, а дополнителни 4.000 беа со своите семејства./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.

