Македонија
УНИЦЕФ: Тројно зголемен бројот на жени и деца кои транзитираат низ Македонија
Бројот на жени и деца кои бегаат од насилството во земјите од кои потекнуваат и кои поминуваат низ Македонија во потрага по засолниште во Европа во последните три месеци е тројно зголемен, соопштија во вторникот од УНИЦЕФ.
Околу три илјади луѓе секојдневно транзитираат низ земјата, а една третина од нив се жени и деца – што е голем пораст од 10-те проценти во јуни. Околу 12 отсто од жените се бремени.
Според бројките од Министерството за внатрешни работи, 80 проценти се по потекло од Сирија, 5 проценти се од Авганистан и уште 5 проценти се од Ирак.
Од јуни 2015 година, повеќе од 52 илјади лица се регистрирани во Прифатниот центар на границата во Гевгелија по влегувањето од Грција. Се проценува дека исто толкав број транзитираат низ земјата без да бидат регистрирани.
Многу семејства со месеци се во движење со своите деца, поднесувајќи екстремно жешки денови, пристигнувајќи само со облеката и обувките што ги носат. Тие се физички исцрпени и имаат очајна потреба од место за одмор. Многумина страдаат од дехидрација, плускавци, настинка, дијареја и изгореници од сонцето.
И покрај најдобрите напори на владата и партнерите на терен, вклучувајќи го и УНХЦР, тие имаат потреба од повеќе вода и поголем пристап до хигиенски и санитарни погодности. Многумина се под длабок стрес, а на некои им е потребна медицинска помош, потенцираат од УНИЦЕФ.
УНИЦЕФ испраќа балони со вода и два шатора од по 72 квадратни метри во Скопје. Балоните за вода од 30 илјади литри ќе им овозможат на лицата кои транзитираат низ центарот пристап до чиста вода за пиење, која во моментов е ограничена на флаширана вода. Водата може да се користи и за миење, затоа што објектите за миење допрва треба да се воспостават. Шаторите ќе се користат како пријатен простор за децата; сегашниот простор може да опслужи 50 деца истовремено, во кој се овозможуваат цртање, играње и едукативни материјали за децата. Откако првпат беше воспоставен на 23 август, тој прими околу 1.200 деца. УНИЦЕФ, исто така, ја набавува и многу потребната храна за деца.
Без оглед на нивниот статус, децата кои се движат преку границите, со семејства или без придружба, треба да добијат соодветна помош и заштита. Нивните барања за статус на бегалци треба да се обработуваат брзо и праведно на граничните премини, со правилно следење и спроведување. Властите во Европа треба да ги применуваат постојните закони и политики за чување и заштита на правата на децата, порачуваат од УНИЦЕФ.
УНИЦЕФ внимателно ја следи ситуацијата на терен и работи со локалните власти за да обезбеди заштита за децата. УНИЦЕФ продолжува да се залага за тоа сите активности за децата во движење да се водат според најдобриот интерес на секое дете, на секој чекор од патот, додаваат од организацијата./крај/мф/бс
Извор: Фото/Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

