Македонија
Успение на Пресвета Богордица
Православната Црква на 15/28 август го празнува земниот крај на Пресвета Богородица и Нејзината смрт ја нарекува „Успение“ – раскошен термин кој во себе ги соединува сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста.
Самиот лик на Богомајката објавува бескрајно спасение, сострадалност, грижа и доверба, сила и смирение, чистота и убавина, љубов и победа на љубовта. Небозрачната светлина со која сјае Нејзиниот лик го осветлува и овој празник, на кој човекот веднаш сфаќа дека смртта е всушност чин на животот. Црквата никогаш во смртта на Богомајката не почувствувала страв, ниту ужас, ниту жалост и надгробно ридање, туку секогаш една блескава воскресна радост.
Хеортологијата ни дава податоци дека во почетокот се славел само еден сеопшт Богородичен празник, кој доаѓал веднаш после Божик (денес тоа би бил празникот „Собор на Пресвета Богородица“, втор ден Божик), и кој веројатно опфаќал повеќе важни настани поврзани со Пречистата Богородица. Од овој празник посветен на Богомајката подоцна се издвоил празникот Успение. Имено, најпрвин во Ерусалим и во палестинските манастири започнал секоја година да се слави тој општ празник на Богородица, што се гледа од еден Панигирик од 530 год., во кој се вели дека денот на Богородица низ палестинските манастири се прославува со голема свеченост. Но, овој Панигирик не ни дава податоци кога се слави овој спомен и дали воопшто се славел споменот на Успението на Богомајката или само годишниот општ спомен. Од еден стар ерменски Лекционар, пак, дознаваме дека „15 август е денот на Марија Богородица“. Но, и овој документ не ни дава податок дали се славело Успението или општиот годишен празник. Дури подоцна, во VI односно VII век празникот Успение Богородично конечно се издвоил, и започнал да се празнува на 15 август, најпрвин во старата црква во Гетсиманија посветена на Успението на Богородица, подигната за време на царот Маркијан (V век).
Воведувањето на празникот Успение на Пресвета Богородица во Византија, му сe
припишува на царот Маврикиј (VI – VII век), а веројатно во знак на победата која тој на 15 август, по застапништвото на Божјата Мајка, ја извојувал над Персијците. Можно е дотогаш овој празник да имал само локален карактер. За време на владеењето на овој цар во Византиската престолнина Цариград имало многу цркви посветени на Пресвета Богородица, така што во месец август се празнувале повеќе нејзини спомени. Веќе во VIII век овој празник е насекаде раширен и утврден, зашто од овој период имаме не само беседи (првата беседа е напишана во VII век од Модест, патријарх Ерусалимски), туку и химни, стихири пропишани за богослужението на самиот празник. Нив ги пишувале св. Андреј Критски, св. Козма, св. Јован Дамаскин, св. Герман Патријарх Цариградски, св. Теофан Исповедник, царот Лав Мудри и др
Св. Јован Дамаскин во своите беседи, повикувајќи се на Евтимиевата историја ги произнесува сите елементи од преданието за Успението на Пресвета Богородица, кое започнало да се обликува уште многу рано, а се развивало напоредно со историскиот развој на празникот. Тој раскажува дека царицата Пулхерија, жената на царот Маркијан (V век), во Цариград подигнала неколку цркви посветени на Мајката Божја, меѓу кои била и Влахернската црква, каде таа, не знаејќи, имала намера да ги положи земните останки на Богородица. За таа цел му се обратила на Ерусалимскиот патријарх Јувеналиј, кој во одговорот на царицата ѝ напишал: „Макар што во Светото Писмо нема ништо за Успението на Богородица, сепак, од древното и вистинито предание примивме, дека во време на Нејзиното Успение, во Ерусалим се собраа апостолите од целиот свет, каде што ангелите ја опеваа Пречистата Богомајка, Која својата душа Му ја предаде на Бога, а богоприемното тело со ангелски и архангелски песни беше положено во гробот во Гетсиманија. На тоа место се слушаше ангелско пеење три дена, после што престана. Тука беа сите апостоли, освен Тома, кој дојде после три дена и сакаше да се поклони на телото на Пресвета Богородица; гробот го отворија, но никаде не можеа да го најдат Нејзиното тело, само Нејзината погребна плаштаница, од која се ширеше благоухан мирис. Апостолите заклучија дека Господ го вознел Нејзиното тело на небесата“. Наместо телото, патријархот Јувеналиј ѝ ја испратил на Пулхерија погребната плаштаница, која таа ја положила во Влахернската црква.
За особеностите на празникот црпиме податоци од светото Предание, кое ни зборува за една древна традиција поврзана со Гетсиманската крипта во која се наоѓа гробот на Пресвета Богородица. Тука празникот Успение се слави со особена свеченост. Имено, во Ерусалимскиот метох на Гетсиманскиот манастир се чува Плаштаница на која е насликано Успението на Богородица. Оваа Плаштаница, утрото на 12 август со свечена литија се пренесува од Ерусалим во Гетсиманија (во спомен на пренесувањето на Пречистото Богородично тело од Сион во Гетсиманија), во камениот Богородичен гроб и таму останува сѐ до одданието на празникот, кога повторно со свечена литија се враќа назад во метохот на Гетсиманскиот манастир во Ерусалим.
Инаку, онаа древна служба на празникот Успение, која во многу наликува на службата од Велика Сабота и која се практикува во Гетсиманската крипта на гробот на Пресвета Богородица не е пропишана во Типикот, но сепак, во последниот век таа започна да се шири и во другите православни центри. Во нашата земја, пак, Бигорскиот манастир прв ја воведе оваа прекрасна традиција, а од таму, во последниве неколку години, таа се пренесе и во други наши храмови. На оваа раскошна и умилителна утрена богослужба е предвидено пеењето на трите статии пред раскошно украсен цветен епитаф, односно пред во него положената Плаштаница, на која е насликано Богородичното Успение. Се пеат и Воскресните тропари „Ангелски собор“, прилагодени за Богородица, а после „Големото Славословие“ со епитафот се прави литија околу храмот. /крај/бигорски/
Извор: bigorski.org,mk
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.

