Македонија
Уставен суд во среда пак ќе одлучува за самораспуштање на Собранието
Уставниот суд во среда ќе одлучува по иницијативата што во петокот ја поднесе пратеникот Талат Џафери од владејачката ДУИ за распуштањето на Собранието.
Од Уставниот суд потврдуваат дека е изменет дневниот ред за во среда, како и дека наместо другите најавени точки судиите во средата единствено ќе расправаат за распуштањето на Собранието.
Иако Судот веќе одлучуваше за ваква иницијатива и се прогласи за ненадлежен, од таму велат дека имало измена на самата одлука за распуштањето на Собранието во закажувањето на изборите.
Тоа за Уставниот суд е доволна измена за повторно да одлучуваат за истата иницијатива што претходно ја поднесеа претседателот од Демократскиот сојуз, Павле Трајанов и претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.
Собранието се распушти на 6-ти април врз основа на изменетата одлука што ја изгласаа пратениците на 23 февруари. Уставниот суд одлучуваше по иницијативата на Павле Трајанов на 18 февруари.
Иако во медиумитe има информации дека Уставниот суд ќе расправа и за иницијатива поднесена од граѓанин за оспорувањето на членот 11 од Законот за помилување, сепак, на утрешната седница нема да се одлучува за оваа иницијатива.
Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, во понеделникот од Рим порача дека нема уставна можност повторно да го свика Собранието.
Ако Уставниот суд го прогласи распуштањето на Собранието за противуставно, тогаш Собранието ќе закаже седница на којашто би се отворила можност да се поништи одлуката за изборите коишто се закажани на 5-ти јуни и на кои ќе учествува единствено ВМРО-ДПМНЕ./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

