Македонија
Вељаноски: Севкупниот развој и членството во ЕУ и НАТО се најголемиот предизвик
Имаме обврска Македонија да им ја предадеме на следните генерации уште поразвиена, уште посигурна и уште постабилна, а најголем предизвик останува вкупниот државен развој, а приоритети членство во НАТО и во ЕУ, рече претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, на свечената академија во пресрет на празникот 8-ми Септември – Денот на независноста на Република Македонија
На свечената акедемија по повод 23 години од одржувањето на референдумот на кој со огромно мнозинство граѓаните се изјаснија Република Македонија да истапи од поранешната СФРЈ и да стане самостојна и суверена дрќжава, која се одржа во неделата навечер во Македонскиот народен театар, присуствуваа и претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски, пратеници и министри од првиот состав на Собранието, дипломатскиот кор во Република Македонија, како и бројни јавни личности.Вељноски во својот говор повика и на соработка и единство меѓу политичките субјекти во земјата, на натамошното јакнење на довербата меѓу етничките заедници и меѓуверската толеранција.„Никогаш не престанавме да веруваме и да се бориме за нашето заедничко подобро утре под сонцето на слободата. Таквата упорност, пожртвуваност, национална одговорност и вера ја доведоа Македонија таму каде што е денес. Нашата татковина 23 години чекори по патот на независноста. Нашите граѓани 23 години ја живеат слободата и успешно се носат со одговорноста која доаѓа со независноста“, рече Вељаноски.„Огромна благодарност и до сите други македонски синови и ќерки кои овие 23 години во македонски униформи ги чуваа македонските граници и македонската земја внатре во Македонија кога беше потребно или надвор од неа како дел од мисиите на нашите нато сојузници“, рече првиот парламентарец. Осми септември, како што рече Вељаноски, е најголемиот симбол и на искрениот дијалог, соработка и разбирање меѓу различните политички партии. Затоа, според него овој датум „треба да биде денот на кој треба да го славиме и да го поттикнуваме нашето единство и соработка“.„Осми септември не е празник само на поддржувачите на една или на друга партија. Осми септември е празник на сите наши партии. Осми септември е најголемиот политички успех, како на ВМРО-ДПМНЕ, така и на СДСМ. Оваа вредност на овој голем ден мораме постојано да ја акцентираме. Како што пред 23 години македонските политичари од сите политички партии застанаа еден до друг на плоштадот во Скопје да ја обнародат и да ја прослават независноста, така ние денес имаме обврска кон тоа дело и кон тие луѓе да бидеме единствени и сплотени“, порача Вељаноски.Тој истакна дека 8-ми Септември, како ден на македонската независност подеднакво се однесува на сите, независно од тоа каков јазик говора или на кој бог му се молат, како и дека мора уште повеќе да се јакне довербата и разбирањето меѓу етничките заедници.„Членството на Македонија во НАТО е нашиот најголем приоритет. Во овој историски период, тоа е целта над сите цели. Тоа е задачата над сите наши задачи. Со силна вера и посветеност, стоиме рамо до рамо со нашите западни сојузници. Непоколебливо даваме свој придонес во афирмацијата на вредностите во кои веруваме. Со силна вера и посветеност, продолжуваме стрпливо да го чекаме денот кога македонското знаме ќе се развиори пред седиштето на НАТО во Бриесл“, рече Вељаноски.Според него следнито голем приоритет на Македонија е полноправното ченство во Европската унија.„Нашиот нов 8-ми Септември, новиот македонски Илинден, ќе биде денот кога Република Македонија ќе се интегрира во Европската унија. На патот до полноправното членство, остваривме голем напредок. Продолжуваме со иста посветеност да работиме на остварување на големата цел на граѓаните на Република Македонија. Во изминатите години, како држава направивме огромни исчекори. Различните влади водени од различни политички партии, трпеливо и посветено го пишуваа македонското европско досие. И денес го правиме истото. Продолжуваме да ја реформираме Македонија согласно европските стандарди. Продолжуваме да ја градиме Македонија согласно насоките од нашите европски пријатели. Продолжуваме да го менуваме македонското општество и прилики согласно европските рецепти. Европската унија е најдобриот проект за Македонија. Интеграцијата во ЕУ е најдобриот рецепт за модернизација на македонското општество“, рече Вељаноски.Сепак, за претседателот на Собранието, најголем предизвик и натаму продолжува да биде севкупниот развој на земјата. „Изминатите две децении покажавме дека имаме сила да ја сочуваме и да ја надградиме оваа придобивка. Покажавме дека знаеме како да ја градиме Македонија. Покажавме дека знаеме како да го чуваме наследството и вредностите на основачите на македонската држава. Покажавме дека имаме сила натамошно да ги зацврстиме темелите на Македонија. Имаме обврска оваа наша земја да им ја предадеме на следните генерации уште поразвиена, уште посигурна и уште постабилна“, потенцираше Вељаноски./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

