Македонија
Вкупно 13 приведени по вчерашните протести, сѐ уште се на разговор во полиција
Вкупно 13 демонстранти се приведени на синоќешните протести што се случија во центарот на Скопје по одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да ги помилува сите политичари од власта и опозицијата.
Како што информираат од полицијата, со демонстрантите сѐ уште се разговара по што треба да се одреди квалификацијата на кривичното дело. Во протестите повреден е еден новинар од порталот Плусинфо и фоторепортер на весникот „Вечер“. Демонстрантите синоќа ја демолираа Народната канцеларија на претседателот Иванов во центарот на Скопје. Искршени се прозорците и мебелот од канцеларијата, а оштетена е и зградата на Министерството за правда.Претходно демонстрантите беа пред Собранието, а полицијата ги спречи да се упатат кон седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Бараа оставка на претседателот Иванов, замрзнување на активностите за одржување парламентарни избори на 5 јуни и формирање експертска Влада која ќе организира фер, демократски и кредибилни избори.Протестот почна по 18 часот пред Специјалното јавно обвинителство во знак на поддршка на неговата работа, по што продолжи пред Народната канцеларија на Иванов, па пред Собранието. Истовремено, пред Собранието на Република Македонија, а потоа и пред седиштето на опозициската СДСМ се одржаа протести во организација на Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ), во знак на незадоволство од одлуката на Иванов да се аболицираат претседателот на СДСМ Зоран Заев и првообвинетиот во случајот „Пуч“, Зоран Верушевски, кои, според нив, со прислушувањето ја загрозиле безбедноста на државата.
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

