Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го осуди обивањето во редакцијата на ПлусИнфо
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ најостро во неделата го осуди настанот, со обивањето и ограбувањето на редакцијата на проопозицискиот портал ПлусИнфо.
Редакцијата на порталот Плусинфо објави дека ноќта во саботата по 21.30 часот била обиена од засега непознати лица, како и дека речиси целокупната опрема, која се состои лап-топ компјутери и фотографска опрема била украдена.
Според редакцијата, последна која била присутна во редакцијата измиантата ноќ до 21.30 часот била фоторепортерката Елена Героска. Таа се вратила од настанот пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, ги обработила фотографиите од настанот и потоа си заминала. Во неделата утрото, кога Героска дошла на работното место околу 9 часот, забележала дека балконската врата е ширум отворена и неа се забележуваат траги на насилно обивање. По алармирањето на уредниците, настанот веднаш бил пријавен во полиција,
Покрај четирите лаптопи и еден нетбук, украден е и поголем дел од исклучително скапата фотографска опрема и две видео камери, велат од редакцијата на Плусинфо.
Редакцијата на Плусинфо истканува дека е „интересно е што темелно било претурано по фиоките, а на подот се забележуваат расфрлани службени документи на редакцијата – фактури, проекти, списоци и сл“ и изрази сомневање дека фоторепортерката Героска била следена по прославата на ВМРО-ДПМНЕ и дека сторителите „смислено насилно влегле во редакцијата, со цел да нанесат и материјална штета, но и да ги заплашат новинарите“.
Од владејачката партија набрзи излегоа со повик до Министерството за внатрешни работи и надлежните органи „што поскоро да ги откријат сторителите и истите да бидат изнесени пред лицето на правдата“ за да не се дозволи ширење шпекулации и инсинуации за евентуални сторители на овој настан. „Го осудуваме секое шпекулирање за тоа кој биле сторителите кои го направиле ова дело“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата реагираат и на „крајно непрофесионалното и тенденциозно“ поврзување на настанот со прославата на 25 -годнишната од основањето на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ваквата реторика е веќе видена од страна на опозициските медиуми и медиуми блиски до СДСМ, многупати досега, за на крај да се види дека единствено ширеле манипулација за ситни дневни поени. Ваквите шпекулации не само што и штетат на истрагата, туку се директно обвинување без докази, што само по себе е неморално, неетички и е спротивно на законите“, се вели во реакцијата на владејачката партија./крај/мф/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.
Македонија
Измамена 76-годишна битолчанка: се претставил како лекар и ѝ зел 7.000 евра за да ја спаси внуката повредена во сообраќајка
Во полицијата во Битола, 76-годишна жена вчера пријавила дека била измамена за 7.000 евра.
„76-годишна жена од Битола пријави дека била измамена од страна на непознато машко лице, кое и се јавило на телефон и ѝ се претставило како лекар, по што и кажало дека нејзината внука е тешко повредена во сообраќајна несреќа и треба да даде пари за да ѝ го спаси животот. Пријавителката заедно со сопругот однеле 7000 евра и ги дале на едно лице кое, според договорот, ги чекало кај саатот во Битола. Подоцна, пријавителката сфатила дека била измамена односно дека нејзината внука не учествувала во сообраќајна несреќа“, соопшти МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

