Македонија
Во Собранието изгласани заклучоците за состојбата во поплавените подрачја, опозицијата незадоволна
По речиси целодневна расправа во која доминираа меѓусебните обвинувања во неделата вечер пратениците во Собранието ги изгласаа заклучоците за состојбата во поплавените подрачја во скопско по невремето од 6-ти август во кое животите ги загубија најмалку 22 лица.
Усвоени со 58 гласови „за“ и еден „против“ се заклучоците кои ги предложија пратениците од владејачките партии, односни Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и Талат Џафери од ДУИ. Претходно пратениците не ги прифатија заклучоците предложени од опозициската СДСМ, по чијашто иницијатива беше свикана вонредната собраниска седница, откако за нив гласаа 29 пратеници, а не ги поддржаа 58 пратеници на парламентарното мнозинство.
Со усвоените заклучоци, меѓу другото, Собранието се заложува државните и сите надлежни институции да продолжат да излегуваат во пресрет на жителите од погодените подрачја се до конечно отстранување, санирање и ублажување на последиците од катастрофалната временска непогода, се бара Владата да го реализира заклучокот за авансно обесштетување на погодените семејства и да продолжи да се ангажира за брза проценка на штетите, а државните институции да преземат законски мерки против оние кои ја злоупотребуваат настанатата состојбата за финансиска полза.
Владата треба да изврши процена и доколку е потребно да пренасочи средства од одредени тековни буџетски ставки во надлежни институции со цел справување со последиците од катастрофалната временска непогода. Министерството за финансии и Владата да подготват, а Собранието да разгледа одлука за прераспределба меѓу буџетските корисници со кои ќе се обезбедат средства за обесштетување на семејствата на загинатите лица, загрозените семејства, како и за санирање на штетите. Средствата кои досега не се преземени за владини проекти да бидат доделени на настраданите, како и одржување надзорна расправа во Собранието за утврдување на одговорноста на надлежните институции. Координаторот на пратеничката група на ВМРОДПМНЕ Илија Димовски изрази жалење што не е постигната заедничка согласност околу заклучоците, иако, како што рече, тие биле доставени до сите пратеници и во нив се инкорпорирани и предлози на СДСМ. Координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески, пак, пред затворањето на расправата рече дека заклучоците предложени од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се неприфатливи за опозицијата, бидејќи во нив не се вклучени нивните главни барања за исплата на итна помош на настраданите и за одговорност на надлежните за направените пропусти.
Имер Алиу од ДПА рече дека собраниската дебата потврдила дека надлежните не постапиле правилно и оти проблемите се настанати „од неинвестирање во погодените подрачја и селективниот пристап на институциите“. „Граѓаните и натаму ќе бидат во нечија милост и немилост и ќе треба да молат за помошта која им припаѓа“, рече Алиу и порача дека ДПА ќе ја напушти седницата и нема да гласа за заклучоците.
Опозицијата забележа дека наместо отсликување на реалната состојба, за што беше свикана и вонредната седница, Собранието се состанало за да искаже благодарност на надлежните и да покаже колку добро власта се справила со поплавите. Ги обвини пратениците од владејачкото мнозинство дека не сакаат ниту да дискутираат за предлозите на опозицијата да се стопираат градбите на кејот на Вардар, да се раскинат договорите и паричните средства да се донираат за поплавените, а не се откажале ниту од една плата.
Не беше прифатено и барањето на опозицијата за обештетување од 50 евра по метар квадратен, гласаа и против барање одговорност од Владата, од Претседалот на државата Ѓорге Иванов и институциите одговорни за превенција.
СДСМ, исто така, побара итна исплата по 1.500 евра помош на секое настрадано семејство независно од помошта од 3.000 евра што ја донесе Владата и онаа од Градот Скопкје, како и да биде донесе, закон за утврдување на методологијата за исплата на штетите, а процените за штетите да бидат јавно достапни.
Во текот на расправата за загубите и штетите од минатонеделното невреме, СДСМ бараше кривична одговорност од првите луѓе на институциите обвинувајќи дека не превенирале и не постапувале по невремето, додека пратениците на владејачките партии укажуваа дека сега е време да се дејствува.
Пред почетокот на претресот, зборуваа и министрите за одбрана, за внатрешни работи, за транспорт и врски и за екологија – Зоран Јолевски, Митко Чавков, Владо Мисајловски./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хуманост на дело, за само шест часа собрани 3,1 милиони денари за лекувањето на малата Ана
Кампањата за лекување на осумгодишната Ана Јованчева официјално е затворена, откако за само шест часа беа собрани 3,1 милиони денари, објави доктор Ненад Лазаров.
Станува збор за една од најбрзите и најмасовни хуманитарни акции во последниот период, со што целосно се обезбедени средствата потребни за хируршката интервенција и лекувањето во странство. Со ова, како што посочи Лазаров, семејството на Ана е барем финансиски растоварено во најтешкиот период од нивниот живот.
Ана има дијагностициран редок и исклучително агресивен тумор на синусите – Tu Foss pterygopalatina Sinus sphenodalis lat dex et orbitae lat dex, со зафатена орбита. Дијагнозата е потврдена во Хрватска, каде што се бара специјализиран хирург за изведување на сложената и деликатна операција.
Болеста е сериозна и со висок ризик, а времето беше клучен фактор, поради што кампањата беше означена како најитна досега. Масовниот одѕив на граѓаните за неколку часа покажа силна солидарност и сплотеност кога е во прашање животот на дете.
„Секоја среќа ти посакуваме, Ана. Цела држава стана за тебе“, порача Лазаров, додавајќи дека поддршката за девојчето и нејзините родители ќе продолжи и во наредниот период.
Македонија
Љубов или вино: што навистина славиме на 14 февруари?
Секој 14 февруари, истата ситуација – некои го препознаваат само Свети Трифун, додека други го сметаат Свети Валентин, или Денот на вљубените, за поинтересен. За други, единственото нешто што е важно е да се забавуваат на тој ден.
Најмногу профитираат трговците и угостителите, на кои не им требаше многу за да ја спојат романтиката со добро вино и да најдат начин да заработат добри пари на тој празник. Сепак, повеќето луѓе всушност знаат малку за светците кои ја предизвикале целата расправија, како и за тоа како дошло до тоа Денот на вљубените и Фестивалот на виното да „паѓаат“ на ист ден.На тој 14 февруари, има двајца светци – едниот кој има многу долга традиција и е почитуван со векови, а другиот, понов кој, преку медиумите, стана глобален феномен надвор од христијанските земји.
Може ли Свети Трифун да се заљуби, а Свети Валентин да се опие?
Прво, зборуваме за два сосема различни светци кои ги почитуваат и православната и католичката црква. Свети Трифун, како светец-заштитник на лозарите и винарите, не може да биде замена за Свети Валентин, ниту обратно. Католичката црква го слави Свети Трифун, но на 10 ноември. Од друга страна, православната црква на Свети Валентин се сеќава на 12 август. Сепак, никој тогаш дури и не помислува на Денот на вљубените, бидејќи Денот на вљубените на 14 февруари стана глобален феномен.Свети Трифун живеел во 3 век од н.е. во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудотворен дар за лекување и дека успеал да ја излечи ќерката на римскиот император Гордиј „од зол дух“. Тој ги делел богатите кралски подароци на сиромашните и живеел како скромен чувар на гуски до крајот на својот живот. За време на големиот прогон, тој одбил да се откаже од Христос, поради што бил убиен во 250 година од н.е. на овој ден. Свети Валентин живеел некаде околу тоа време. Тој го посветил својот живот на тајно женење на војници, на кои им било забрането да основаат семејство, со нивните избрани жени. Поради оваа помош на заљубените парови, Валентин бил обезглавен во 269 година.
И што да се слави денес?
Благодарение на Холивуд и добриот маркетинг, Денот на вљубените стана глобален феномен, а подарувањето бомбони, срца и други посебни подароци на саканата личност на крајот се прошири и во Србија. Сепак, има и такви кои сè уште го „препознаваат“ само Свети Трифун како празник. На која било група да припаѓате, имаме совет за вас – Прегрнете некого што го сакате… Отворете шише добро вино… И уживајте во животот.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

