Македонија
Во средата издадени потврди на 572 мигранти
За период од 24 часа, од страна на МВР биле издадени потврди за влез во земјата на вкупно 572 странски државјани, од кои 169 од машки и 121 од женски пол, како и на 280 деца кои го придружуваат носителот на потврдата и две деца кои патувале без родител. Според државјанството, најмногу се издадени потврди на државјаните на 189 државјани на Сирија, потоа на 176 државјани на Авганистан и на 207 државјани на Ирак.
Од почетокот на годината па до 17-ти февруари, издадени се потврди на вкупно 81.976 странски државјани, од кои 32.668 се од машки пол, 17.752 се од женски и 31.369 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 187 деца кои патуваат без родител. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија-39.461, Авганистан-25.763 и Ирак-16.749.
Од почетокот на годината па до 17-ти февруари, до Секторот за азил барање за признавање на право на азил поднеле десет лица (седум од Авганистан и три од Сирија) врз основа на претходно издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 17-ти февруари евидентирани се вкупно девет баратели на азил од кои шест мажи, една жена и две деца со придружба на старател. Дополнително, согласно член 48 од Законот за азил и привремена заштита, еден маж , една жена, пет малолетни деца со придружба на старател, пет малолетни лица без придружба на старател се згрижени на друго место за сместување определено од Министерството за труд и социјална политика./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши – Форнавре: Односите меѓу Шведска и Северна Македонија се темелат на заемно разбирање, доверба и почитување
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство Шведска – Северна Македонија на шведскиот Риксдаг, предводена од претседателката на Групата, Лота Џонсон Форнарве.
На средбата присуствуваше шведскиот амбасадор во нашата земја, Ола Солстром, како и претседателката на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Кралството Шведска, Дафина Стојаноска.
Претседателот Гаши ја истакна долгогодишната поддршка и пријателство на Кралството Шведска кон нашата земја, нагласувајќи дека односите меѓу двете држави се темелат на заемно разбирање, доверба и почитување.
Посебно беше изразено задоволство од формирањето на Групата за пријателство со Северна Македонија во шведскиот Риксдаг, што претставува важен чекор кон унапредување на парламентарната соработка.
Пратеничката Дафина Стојаноска упати благодарност за континуираната шведска поддршка за стратешката цел на нашата земја – полноправно членство во Европската Унија.
Се разговараше за остварување проекти во следниот период во повеќе области – земјоделство, бизнис, родова еднаквост, што ќе значи континуитет на поддршка и пријателство.
Присутните соговорници се согласија дека интензивната меѓусебна комуникација и размената на искуства придонесуваат кон приближување на државите и народите на Шведска и Северна Македонија.
Македонија
Даме Димитровски нов претседател на Советот на Град Скопје
Даме Димитровски е избран за нов претседател на Советот на Град Скопје. Тој кажа дека Советот ќе функционира во служба на граѓаните, со дијалог, транспарентност и отчетност.
„Денеска, на конститутивната седница на Советот на Град Скопје, сум избран за претседател на Советот. Благодарност до советниците за довербата и до скопјани за поддршката. Советот ќе функционира во служба на граѓаните, со дијалог, транспарентност и отчетност. Ќе бидеме активен чувар на јавниот интерес и ќе работиме доследно на спроведување на темелните политики: чист град, функционален јавен превоз, безбеден сообраќај, повеќе зеленило и современи јавни услуги“, рече Димитровски.
Македонија
Директорите на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување и Агенцијата за национална безбедност потпишаа Меморандум за соработка
Директорот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување директорот, Никола Мемов и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски потпишаа Меморандум за соработка.
„Сакам да ја поздравам иницијативата на директорот на Агенцијата, Христовски за потпишувањето на Меморандумот, затоа што ќе придонесе во олеснувањето на комуникацијата и соработката помеѓу нашите институции и во таа насока е многу оправдана“, оцени директорот на Фондот, Мемов.
Сметам дека, додаде тој, остварувањето на надлежностите на Агенцијата е од големо значење за безбедноста и иднината на нашата држава и во таа насока соработката на сите нивоа е неопходност.
„За Агенцијата потпишувањето на Меморандумот е од исклучително значење, бидејќи нашата работа подразбира создавање на информација, што значи потреба од собирање на податоци од најразлични извори“, рече Христовски.
Тој додаде дека овој вид на податоци им помагаат во подобрувањето на работата на Агенцијата и остварувањето на нивната задача.
Со Меморандумот се уредува начинот на соработка помеѓу двете институции, како и размената и заштитата на податоците кои се потребни за спроведување на законските надлежности од делокругот на работата на Агенцијата. Во фокусот ќе биде размена на три сета на податоци со кои располага Фондот, преку авторизиран пристап и максимална безбедносна заштита на истите.
Мемов и Христовски се согласија дека соработката помеѓу инсититуциите е од исклучително значење за безбедноста на државата и оневозможување на било какви закани.

