Македонија
Вонредната собраниска седница продолжи со меѓусебните обвинувања
Вонредната собраниска седница посветена на поплавите во скопскиот регион во кои на 6-ти август животите ги загубија 22 лица, продолжи во неделата во попладневните часови со меѓусебните обвинувања, при што опозицијата по чија инцијатива е свикана седницата, бара да се одложат сите владини непродуктивни трошоци и да се спречат сите градби во коритото на реката Вардар, вклучително и Панорамското тркало кое веќе почна да се гради и тие пари да се пренасочат во поплавените подрачја, предлага опозицијата, додека пратениците од владејачкото мнозинство велат дека сега е време кога треба да се дејствува наместо преку барање одговорност да се прават обиди за пропаганда.
Стефан Боговоев од опозициската СДСМ во продолжение од седница истакна дека институциите потфрлиле и затоа треба да има одговорност. Според него, институциите и законите не функционираат туку сето се одвивало по партиски наредби и затоа мора да има политичка, но и кривична одговорност.
За тврдењата дека имало големо невреме со дожд, посочи на сличното невреме лани во Речица кога исто така имаше жртви и штети. Според него, не е точно ниту тврдењето дека невремето на 6-ти август било појава што се случува еднаш на илјада години. Споредуваше со невремето што неодамна погоди Франција каде што наврнале 350 литри дожд за неколку часови, но надлежните се справиле со состојбата. Како одговорни институции за последиците од невремето во Скопско ги посочи УХМР, ДЗС и ЦУК.
„Не беа формира итни тимови за интервенција, не се обезбедени резерви со храна по 5.000 илјади оброци за период од 30 дена како што предвидува законот“, рече Богоев.
Му забележа на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, дека се трошат огромни суми на проектот Скопје 2014, продолжува изградбата на Панорамското тркало, се најавува изградба на забавен парк, а не се прави канализациска инфраструктура.
„СДСМ предлага неколку итни мерки: да се донесе одлука за запирање на непродуктивните трошоци, да се стопираат изградбата на Панорамското тркало и владиното рекламирање, да се пренаменат средства за обесштетување и санација на штетите и за превенција, на настраданите да им се даде итна помош по 3.000 евра независно од помошта што ја обезбедува Владата, како и итна евакуација на населението за да се изврши дезинфекција и чистење на домовите. Активностите, според СДСМ, треба да ги водат експерти и професионалци стручни во својата област, а не политичари“, рече Богоев.
На неговите забелешки реплицираше пратеникот Драган Данев од владејачката ВМРО-ДПМНЕ кој истакна дека невремето е најголема катастрофа во Македонија по 1963 година. Ја посочи одлуката на Владата за 100-процентна отштета на настраданите и ги отфрли критиките за задоцнета реакција на институциите, особено на МВР и АРМ.
И Крсте Мукоски, од владејачкото мнозинство, рече дека очекувал на седницагта да нема меѓупартиски препукувања и печалење ситни политички поени, туку да се донесат заеднички заклучоци.
„На 6-ти август се случи катаклизма што не можел никој да ја предвиди или превенира, а наврнала вода колку две езера Матка. Надлежните, беа на терен уште истата вечер и им помагале на настраданите“, рече Мукоски.
Претходно Антонио Милошоски, исто така, од ВМРО-ДПМНЕ запраша дали оваа катастрофа „ќе ни ги отвори очите и ќе ни помогне да се зближиме и сплотиме“.
„Државата и институциите покажаа дека стојат зад граѓаните и дека не прават никаква селекција. Беше помогнато во секој дом, без разлика какво презиме носи сопственикот или која политичка опција му е поблиска. Некои се обидуваат да внесат раздор преку оваа временска непогода и да ја претворат во нова политичка криза. Но, овој пат важно е да не дискутираме премногу, туку да се солидаризираме со жителите кои се најзагрозени“, рече Милошоски.
Беким Фазлиу од опозициската партија на Албанците во Македонија ДПА ги обвини владејачките функционери дека прават, како што рече, „фотосесии во настраданите подрачја“.
„Вие сте платени од народот да помогнете и никому не му правите чест со тоа што ќе се појавите таму и ќе се сликате. ДУИ раководи со министерството за екологија, а еден канал не сте подготвени да исчистите. Секој споменик можеше да биде еден одводен канал. Дали можете еднаш да помогнете, а сликите да не ги споделите на социјалните мрежи“, рече Фазлиу, кој побара политичка, морална и кривична одговорност за институционалните пропусти.
Според Џевад Адеми од ДУИ, албанската партија која е во владината коалиција, има место за одговорност и за анализи зошто потфрлија институциите, но според него сега е клучно прашањето како да се надмине актуелната ситуација.
„За санација на последиците неопходни се две нешта: раката на државата и манифестација на солидарноста. Не сум адвокат на Владата. Тие си ја вршат работата и за она што ќе го направат добро можеби ќе бидат пофалени, а за пропустите можеби ќе бидат казнети. Но, што правиме ние? Ангажирани се стотици млади доброволци кои им помагаат на семејствата. За тие семејства ќе значеше многу повеќе една лопата во рацете на секој пратеник отколку десетминутна дискусија, колку и да е таа паметна. Пропагандистичкиот ефект на оваа седница е нула, бидејќи настраданите немаат време да гледаат телевизија“, порача Адеми.
Предложи во заклучоците од седницата да влезе и одредба според која сите пратеници ќе одвојат по една месечна плата за помош на настраданите.
Пред почетокот на претресот, зборуваа и министрите за одбрана, за внатрешни работи, за транспорт и врски и за екологија – Зоран Јолевски, Митко Чавков, Владо Мисајловски, додека министерот за труд и социјална политика Диме Спасов не беше присутен во салата во моментот кога требаше да има обраќање.
Седницата треба да заврши со усвојување соодветни заклучоци за помош во кризните подрачја, што потоа ќе треба да ги спроведат Владата и надлежните институции./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

