Македонија
Врнежи и грмежи следните неколку дена

Врнежи, грмежи и засилен ветер во попладневните часови најавуваат метеоролозите во наредните денови.
Вакво време се очекува во западните и во јужните делови од земјава, но според најавите, овие процеси нема да бидат интензивни.За во вторник се очекува нестабилно време во попладневните часови со температури од 28 до 35 степени Целзиусови. Во среда во поголемиот дел од земјава времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне ќе има локална појава на краткотраен пороен дожд и грмежи, особено во планинските подрачја во западните и јужните делови од земјава. Утринската температура ќе се движи од 14 до 22, а дневната од 30 до 37 степени Целзиусови. Наредните денови температурите нема значително да се менуваат, највисоки ќе бидат во четврток, во интервал од 31 до 38 степени, додека за време на викендот ќе бидат малку пониски, од 28 до 35 степени. Следната недела се очекува благ пораст на температурите./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Консултативна дебата на Собранието и на УНИЦЕФ за унапредување на правата на децата

Собранието на Северна Македонија заедно со УНИЦЕФ денес одржа консултативна дебата за состојбата на децата и адолесцентите во земјата. Оваа средба е прва од серијата што беше договорена со Собранието за понатамошно унапредување на агендата за правата на децата.
“Еднаквиот пристап до образование, поголемата грижа за здравствените политики и заштитата од насилство и дискриминација треба да бидат наши приоритети. Како претседател на Собранието, секогаш ќе бидам поддршка на секоја иницијатива што придонесува во оваа насока. Зајакнувањето на меѓуинституционалната соработка и зголемувањето на инвестициите се од клучно значење за овозможување инклузија на секое дете, без разлика на предизвиците со кои се соочува. Ова е наша колективна и човечка одговорност и задача,“ рече Африм Гаши, претседател на Собранието.
„Уверена сум дека заедно ќе продолжиме да напредуваме во остварувањето на правата на децата – преку донесување закони и буџети, обезбедување надзор над нивното спроведување и, најважно, преку нашето колективно лидерство и посветеност. Инвестирањето во правата на децата не смее да се гледа како трошок – туку како инвестиција во децата денес и иднината на Северна Македонија утре“, рече претставничката на УНИЦЕФ Лесли Милер.
Таа истакна дека работата на УНИЦЕФ со Собранието тука и низ целиот свет покажа дека правата и благосостојбата на децата ги обединуваат сите чинители, без оглед на нивната припадност на одредена политичка партија. „Парламентарците можат да станат важни застапници на правата на децата и оттаму тие имаат единствена можност да поттикнат поинклузивно, праведно и просперитетно општество за сите.“
Основа за денешната дискусија беше Анализата на состојбата на децата и адолесцентите во Северна Македонија, која беше спроведена со поддршка од УНИЦЕФ во 2024 година, за да се разгледа напредокот на земјата кон остварување на правата на децата и постигнување на Целите за одржлив развој и притоа ниедно дете да не биде запоставено.
Извештајот истакнува дека и покрај добриот напредок постигнат во некои области на правата на децата, особено во намалувањето на смртноста кај доенчињата и децата, напредокот во други области е во застој, па дури и се уназадува. Високите стапки на детска сиромаштија, лошите резултати во учењето и широката употреба на насилна дисциплина дома се постојани предизвици. Во исто време, се појавија нови проблеми, вклучувајќи го загадувањето на воздухот и други опасности од животната средина, менталното здравје на децата и адолесцентите и растечкото онлајн насилство и говорот на омраза.
Учесниците се вклучија во дискусија за напредокот што земјата го постигна во унапредувањето на правата на децата од ратификацијата на Конвенцијата за правата на детето во 1993 година до денес, како и во дискусија за клучните области кои бараат континуирани напори, како што е нагласено во Заклучните забелешки за Северна Македонија на Комитетот за правата на детето на Обединетите нации. Овие препораки опфаќаат мерки во областите на координација, недискриминација, насилство врз децата, деца со попреченост, здравствените и образовните услуги.
На крајот од консултативната дебата, учесниците се согласија да организираат дополнителни брифинзи со надлежните собраниски комисии за да разговараат за областите за понатамошно усогласување на националното законодавство со одредбите од Конвенцијата за правата на детето.
Македонија
Перински во Штип: Поддршка и за источниот регион која значи стабилна основа за развој и прогрес

Општина Штип денеска беше домаќин на иницијативата „Каде што срцето е дома“, во чии рамки министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оствари средба со градоначалникот Иван Јорданов и претставници на општинскиот Совет. На средбата разговараа за тековните проекти, визијата и стратегијата на Општината за понатамошен развој во насока на подобрување на квалитетот на живот на локалното население.
По средбата, министерот Перински, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, извршија увид на градежни активности на проектот за изградба на обиколница, капитален проект вреден 141 милион денари, кој Општината го финансира со средства од првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти. Направија увид и на изградба на булеварот „Партизанска“, кој се финансира со општински средства, а го посетија и Универзитетот „Гоце Делчев“ каде свечено беше отворена лабораторија „Markerspace”, современа лабораторија за иновации, истражување и развој достапна за студентите, академската заедница, стартапите и претставниците на стопанството.
Владините претставници, денешната посета на источниот регион од земјава ја искористија и за посета на Карбинци, каде извршија увид на градежни активности на проектот за реконструкција на сервисна улица во село Таринци, проект од првиот владин јавен повик.
Градоначалниците на Штип и Карбинци, Јорданов и Паунов, изразија благодарност за посетата на владините претставници и безрезервната поддршка која централната власт ја дава за развој на локалната самоуправа и за реализација на суштински проекти за развој на нивните општини.
„Реализацијата на проектите ќе значат и ќе овозможат на краток и среден рок, огромен развој на градот Штип, можност за идна урбанизација, за нови населби. Кумулативно, во овие три години, заклучно со вториот владин повик, вкупните инвестиции ќе достигнат нешто повеќе од 10 милиони евра за Штип, за развој за доброто на граѓаните. Ова се историски највисоките инвестииции за нашиот град“, истакна Јорданов, кој информираше дека Општината на вториот повик аплицирала со шест проекти.
И Карбинци, посочи градоначалникот Паунов, добива историски најголема финансиска поддршка од оваа Влада. „Благодарни сме на Владата која инвестира и во помалите општини од рурален карактер, а мерките вродуваат со плод, граѓаните се сведоци на реализирани проекти за нивно добро“, изјави градоначалникот.
Министерот Перински порача дека поддршката на локалните самоуправи ќе продолжи со несмален интензитет. „Со овие проекти не само што се подобрува инфраструктурата, туку тие се надеж дека во Македонија повторно ќе може соодветно и модерно да се живее. Во таа насока и ќе продолжиме, за да придонесеме и стимулираме развој и поголем квалитет на живот на сите граѓани“, истакна министерот.
Премиерот Мицкоски беше дециден дека владината поддршка ќе продолжи и во годините што следат, независно од политичката припадност на градоначалниците. „Наш приоритет е квалитетот на живот на нашите граѓани, оваа Влада е посветена целосно на овие речиси 26.000 квадратни километри, на секое парче да инвестира“, потенцираше претседателот на Владата.
Македонија
СДС го деградираше македонскиот јазик, Заев е тој кој тврдеше дека македонскиот и бугарскиот се исти, велат од ВМРО-ДПМНЕ

СДС го деградираше македонскиот јазик, Заев е тој кој тврдеше дека македонскиот и бугарскиот се исти, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„Лицемерието на СДС нема крај. Тие кои ги распродаваа националните интереси, историјата, културата, како и јазикот, сега глумат загриженост. СДС се тие кои што за време на нивното седум годишно владеење направија се за да го деградираат македонскиот јазик. Потпишуваа понижувачки договори кои ја негираа неговата посебност. Цела македонска јавност го слушаше Зоран Заев, кој на телевизија, без око да му трепне и без гласот да му затрепери, тврдеше дека Македонците и Бугарите се ист народ и дека македонскиот и бугарскиот јазик се исти“, велат од партијата.
Кога СДС лицемерно изразува грижа за македонскиот јазик, велат од ВМРО-ДПМНЕ, пред да излезат на прес-конференција, само нека се потсетат на периодот на нивното владеење на чело со Заев.
„Затоа што тие се тие кои што ги опустошија македонските национални интереси и трајно ги нарушија позициите на Македонија“, реагира ВМРО-ДПМНЕ.