Македонија
Втор координативен донаторски состанок поврзан со штетите нанесени во невремето во Скопје и Тетово

Во понеделникот во организација на Секретаријатот за европски прашања се одржа вториот координативен донаторски состанок, поврзан со катастрофалните поплави кои се случија на 6-ти август во Скопје и околината.
На состанокот се обрати вицепремиерот за евроинтеграции Арбр Адеми, а свои обраќања имаа и тим лидерот на експерти кои пристигнаа во Република Маедонија преку Европскиот механизам за цивилна заштита, Питер Глерим и постојан координатор на ООН и постојан претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон.
Адеми истакна дека целта на овој состанок е да се добие појасна слика за целокупната донаторската поддршка која до овој момент е обезбедена од страна на билатералните партнери, за која првично се разговараше на минатонеделниот состанок.
Глерим информираше за улогата и поддршката која ја обезбедува Механизмот за цивилна заштита, координацијата на помошта која веќе е добиена и помошта која дополнително ќе пристигне, а ги презентираше и советите кои се однесуваат на листата за потреби, геохидролошките проблеми и проблемите со канализацијата, како и начините на кои истите ќе се решаваат и ќе се санираат настанатите штети.
Адеми им се заблагодари на сите донатори за нивната подршка и ги охрабри редовно да ја пријавуваат помошта која ја донираат, со цел да се добие посеопфатен преглед на донираната помош, се вели во соопштението од СЕП./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода денеска Кисела Вода и Карпош

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и Канализација – Скопје, информира дека денеска ќе има прекин на водоснабдување на улицата Невена Георгиева Дуња поради изведување на водоводен прикључок од Ф100.
Без вода ќе бидат корисниците од улицата Невена Георгиева Дуња, улицата Дренак, улицата Виктор Иго и улицата Драга Стојановска во општина Кисела Вода. Прекинот на водоснабдувањето ќе биде од 09 часот до завршување на санирарањето.
Oд 09 часот поради изведување на водоводен приклучок Ф100 мм на улица Демир Трајко 64а ќе има прекин на вода на следните улици Демир Трајко, дел од улицата Ванчо Мицков и булеварот Партизански Одреди на Крак 1, 3, 5, 7, 9, 11 до завршување на истиот, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска, променливо облачно со повремен локален дожд. Наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 11, а максималната ќе достигне од 15 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во среда ќе има преодно стабилизирање на времето, а нов влажен бран со пообилни врнежи од дожд се очекува во четврток кон крајот на денот и во петок.
Македонија
Претседателката Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на ОАЕ, Абдула Али Атек Обаид Алсубуси

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот, вонреден и ополномоштен амбасадор на Обединетите Арапски Емирати со седиште во Рим, Абдула Али Атек Обаид Алсубуси.
Пренесувајќи ѝ поздрав од претседателот на Емиратите, Шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, амбасадорот истакна дека во неговата работа ќе се фокусира на одржување на добрите политички односи, како и проширување и продлабочување на односите во другите сфери.
Сиљановска-Давкова рече дека чинот на предавање акредитиви е почеток на ново поглавје во зацврстувањето и натамошното унапредување на пријателските односи, коишто двете земји ги негуваат три децении. Таа го нагласи интересот за интензивирање на соработката на економски, трговски и инвестициски план и изрази верба дека бизнисмените и претприемачите од ОАЕ ќе ги искористат погодностите за инвестирање коишто македонската Влада им ги нуди на странските инвеститори. Подеднакво важна, според неа, е и соработката во: образованието, науката, културата, здравството, туризмот и земјоделството, како и контактите меѓу бизнис заедниците и стопанските комори.
Разговарајќи за меѓусебната трговска размена и директните инвестиции на Емиратите коишто во 2023-та година изнесувале 3,11 милиони долари, Сиљановска-Давкова рече дека економските односи не соодветствуваат на одличните политички релации и двете земји треба да работат на нивно хармонизирање.
На средбата, соговорниците се согласија дека преку отворање на амбасада на Емиратите во нашата држава, а која би опфатила и неколку земји од регионот, институционално ќе се подобри амбиентот за соработка.
Посакувајќи му успешно извршување на престижната и одговорна амбасадорска функција, преку него претседателката упати покана до претседателот на Емиратите и владетелот на Абу Даби, Шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан да ја посети земјава.