Македонија
За новинарите лустрацијата е пресметка со критичарите на власта, Аџиев порачува мирно да спијат оние кои не се соработници
На новинарите им претстои тежок период којшто треба да се издржи, во списоците се наоѓаат луѓето кон кои треба да се испрати завршниот удар, а на најзначајниот производ на Македонската радио телевизија „Без наслов. но со повод, треба да му се стави печат дека е кодошко дувло.
Ова е впечатокот на дел од новинарите кои во понеделник се сретнаа со претседателот на Комисијата за верификација на фактите, Томе Аџиев по лустрацијата на уредничката на неделникот Фокус, Јадранка Костова. На средбата, Аџиев ги уверуваше дека сé што работи Комисијата за лустрација е според законите, а тоа го тврдеше и во изјавата за новинарите што ја даде по средбата со нив. Новинарите се сомневаат дека Комисијата има воопшто разбирање за специфичноста на новинарската професија, а претседателот на Комисијата, Томе Аџиев тврди дека не постои никаков список со имиња на новинари и дека оние кои немале никаква соработка со Службата за државна безбедност „можат мирно да спијат“.Дел од новинарите во петок напладне се собраа пред зградата на Македонската радио телевизија за да го изразат својот револт од одлуката на Комисијата, за лустрација на Костова. Новинарката Оливера Трајковска која, исто така, работеше на емисијата „Без наслов, но со повод“ беше на средбата со Аџиев и изрази сомнеж дека оваа одлука на Комисијата има цел емисијата да се прикаже како кодошко дувло.„Ако денес погледнете што направи досега лустрациската комисија, лустрирано е сé од Министерството за внатрешни работи, освен златното доба на експертската влада. Само во тој период во Министерството за внатрешни работи никој не бил наредбодавец и никој не ги злоупотребил човековите права. Тоа е доволен сигнал да заклучиме со каква селективност се постапува во комисијата. Ова ќе биде веројатно тежок период за нас, ќе треба да се издржи, процената е дека во списоците се наоѓаат луѓето кон кои треба да се испрати завршниот удар. Јас разбирам дека оваа одлука кон Јадранка Костова е нов удар кон Фокус, но еднакво забораваме дека е обид да се преправи историјата од нешто прилично значајно произведено во оваа куќа, а тоа е обидот на „Без наслов, но со повод“ денеска после толку години, иако ги празнеше улиците и е најзначаен производ на оваа куќа во деведесеттите години од минатиот век, да му се стави печатот на кодошко дувло“ вели Трајковска.Таа изјави дека на средбата со Аџиев немало никакво изненадување, според Аџиев сé било според Законот, но она што е важно во овој случај, според Трајковска е тоа, дали Комисијата има разбирање за специфичноста на новинарската професија. „Дали во комисијата за лустрација имаат воопшто разбирање за специфичноста на новинарската професија и оттаму каква е деликатноста кога ги гледаат нашите комуникации од кои може да заклучат било што и притоа во ниту еден момент да не исклучат дека ние можеме да бидеме жртви на разноразни службеници и функционери кои после разговорите со нас може да пишуваат секакви белешки“, додаде Трајковска.Аџиев, пак, тврди дека јавноста ќе биде сведок дека нема никаков список на новинари, но не исклучува дека ако има нови документи коишто покажуваат соработка со службите, и да се работи за новинар тој ќе биде лустриран.Комисијата во четвртокот на дневен ред разгледувала четири досиеја и утврдиле соработка кај четири лица. Три од нив биле починати, едното е досието на уредничката на Фокус, Јадранка Костова, кое се очекува да биде објавено во текот на денот.„Лицето за кое беше разгледано досието во четвртокот, соработувало со Службата за државна безбедност, давало информации за одредени лица со кои била во контакт. Исто така, во соработката со Државната безбедност овозможувала контакти со лица под изговор дека ќе се прават интервјуа за емисија на МРТВ со лица надвор од државата заедно со директорот на Државната безбедност на кој му обезбедувала контакт со тие лица. Станува збор за периодот од 1993 до 1996 година“, рече Аџиев. Претседателот на Комисијата не гледа никаква тенденција во оваа одлука и тврди дека новинарите се третираат како и сите други функционери, без разлика дали тие имаат критички однос кон власта. „Ние цело време работиме на утврдувањето на соработка на лица кои се опфатени со Законот за определен период кој е опфатен со него. За сите лица кои вршеле јавни функции, но меѓу нив и новинари кои работеле во јавниот сервис. Ние цело време ги истражуваме овие новинари до оној момент додека не најдеме документ за соработка без разлика дали бил директор, министер, новинар во тој сервис. Кога ќе најдеме некаков документ доколку е тој валиден го ставаме на дневен ред и се носи одлука. Оваа одлука е донесена со законско предвиденото мнозинство не е едногласна“, рече АџиевДодаде дека ја знае „тежината на одлуките кои ги носиме, уште додека конкурирав за оваа работа“. „Сите одлуки се тешки, не само за новинари, туку и за директори, за пратеници. Секоја одлука е тешка и неколкупати се мери пред да биде донесена. Ние знаеме каква тежина имаат тие и не ги носиме лесно. Додека не најдеме документи, никого не ставаме на дневен ред. Одговорно ви тврдам дека од денеска натака нема други новинари на дневен ред, сé додека не се најде документ за некој. Ние имаме лустрирано неколку новинари, но не знаевме каков е нивниот став. Единствено од што се водевме беа документите, а не начинот на кој работел, односно дали бил критички настроен. Комисијата има 15 илјади досиеја и штом за некој ќе се најде документ за соработка, тој се става на дневен ред“ појасни Аџиев.Во колумна објавена во „Фокус“, Костова пишува дека обидот за нејзина полициска „местенка“ во минатото денес се користи за нејзино оцрнување. „Она што го сметав тогаш за неуспешен обид за полициска местенка, еве, денеска, успешно го користат за мое оцрнување. Настанот за којшто знаеше цела информативна програма, нашата транспарентна битка да не ни се подметнуваат етикети, сега добила демек конспиративност, како некакво мое кодошење! Патем, дотичниот организатор немал никакви последици од сето тоа, не бил жртва на целава драмолетка. Напротив, сега јас треба да станам жртва по вкусот на џелатите на преродбата“, напиша Костова.Имињата на соработниците на тајните служби се објавуваат на интернет страницата на Комисијата три дена по донесеното решение. Во текот на денот се очекува да биде објавено досието на Костова./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.
Македонија
Филипче обвинува дека власта удрила и по средните винарии
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во денешната изјава од Моклиште, Кавадраци, нагласи дека со новите критериуми за добивање субвенции владата директно ги оштетува средните винарии, а новите правила за субвенции одат во прилог на само неколку големи компании.
„Средните винарии имаат обврска да продадат, 30% од грозјето на најголемите една или две винарии, со цел да воопшто стигнат до субвенција. Сето ова оди во прилог на потребите на само една или две големи винарии. Лозарите, тие кои мака мачат на сонце на лозовите насади, малите винари, средните винари, сите се намерно оштетени, намалени им се парите или воопшто нема да можат да ги земат, што е една катастрофа за овој регион“, рече Филипче.
Тој додаде дека во новата Програма за субвенции во земјоделството и парите се скратени и условите за добивање субвенции се усложнети.
„Владата ја намалува и Програмата за субвенции во земјоделството во целост. Од 140 на 100 милиони евра. Значи за цела третина, помалку пари, кај сите сектори во земјоделството, сточарството, лозарството, поледелството, овоштарството и нема да имаат овие земјоделци доволно поддршка од државата како што тоа го имаше во времето на владата на СДСМ“, рече Филипче.
Во изјавата Филипче нагласи дека лозарите не можат да очекуваат позитивни вести кога станува збор за поддршката од државата.
„За жал, сметам дека лозарите оваа година немаат да има добри вести во однос на тоа што значи поддршка од страна на владата за развој на овој сектор. Овој сектор земјоделството во мало го означува пристапот на оваа власт генерално во државата. Кражба, пљачка и незаинтересираност за луѓето.Жалам, но оваа власт не се грижи за граѓаните, за државата“, рече Филипче.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.

