Македонија
Заев: Груевски признава дека на Владата нешто ѝ фали
Признание на премиерот Никола Груeвски дека на владата не ѝ оди со големи проекти, барање на Груевски да биде ослободен бизнисмен од Неготино кој бил фатен со цистерна со пет ипол тони црвена нафта и негово барање да биде сокриен документ од преписка меѓу директорот на Агенцијата за цивилна и воздушна пловидба и сопругата на претседателот Ѓорге Иванов, пратен до Министерството за внатрешни работи, се дел од наводните телефонски разговори што ги објави во средата лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред Владата во Кампот на слободата.
Разговорите коишто беа објавени беа за различни теми, но според Заев, во сите нив Груевски се става над Уставот и законите. Во првиот разговор што го објави опозицијата, наводно премиерот Никола Груевски го поучува сега поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, да не ги „откачува“ веднаш големите фирми и проекти со тоа што ќе им каже дека нешто што планираат не може да се изведе законски.„Пошто некако како Влада не ни иде работава со крупниве фирми. Со ЕВН си ебавме мајката знаеш тоа, тука не си ти крив сеа зборам како Влада, со аеродромов за влакно, за влакно ја вадиме работава, со Сончев град да не зборам, висококатниците и не знам сеа уште кои беа не ми текнуваа… Не ни трга, еден голем проект не ни трга… Ја почнав да се прашувам, у енергетика еден не ни трга голем проект… еден, еден! Една хидроцентрала не сме изградиле, не сме почнале, абер нема! Нешто има и до нас, не се криви другите! Мора нешто и на нас да ни фали, мене, тебе, Чинго, Зоки, нешто ни фали на нас. Треба да се преиспитаме што ни фали“, наводно му вели Груевски на Јанакиески.Во вториот сет разговори, според Заев, чешко-бугарско-македонска фирма добила тендер по одредена „линија“, но во разговорот меѓу Груевски и тогашниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, не се открива по која линија фирмата го добила тендерот.„На линијата толку ветил. Е сега која е линијата јас ниту знам, ниту ми е познато. Малку ми изгледа човекот…“ наводно му вели Чинговски на Груевски, на што тој му враќа „Па добро не ги зборам тие работи, знаеш, не е добро да се зборат“.Во еден од наводните разговори меѓу Никола Груевски и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска се зборува за писмо од директорот на Агенцијата за цивилна воздушна пловидба, Дејан Мојсоски во коешто тој се жали на односот на сопругата на претседателот, Маја Иванова, која исто така работи во Агенцијата. Таа „се однесувала како директор на директорот“ и како што вели Заев, била „фактор“ кој менува директори. Во наводен разговор меѓу Груевски и Јанкулоска, премиерот бара писмото коешто го пратил директорот да не стигне до архивата на МВР.„Ти не знаеш како беше…едниот сака оваа да ја смени, она сака него да го смени. И не е свесна дека тоа на неа ќе ѝ направи голем скандал. Не, вика вака, јас не сум знаел дека ќе имам директор над директорот, ми вика. Ако е така, еве сменете ме мене, она нека дојде“, наводно ѝ раскажува Груевски на Јанкулоска.Во другиот сет на разговори, наводно Груевски бара од Јанкулоска да биде ослободен бизнисмен од Неготино, кој бил фатен со пет ипол тони нафта, бидејќи бил донатор за кампањите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. „Слушај, абе му вртам на директорот не ми беше достапен, на Мите не ми беше достапен, и на тебе. Абе го барав Горан Трајковски, ми препрати премиерот од кај него една порака, дека наводно таа некоја фирма што ја контролирале УЈП сеа сабајлево у Неготино, Тандем, дека наводно тој соработувал со нас па да не биде како реваншизам, и после Горан ми кажа дека всушност било на барање од кај нас, да се контролира фирмава во рамките на “керозин”… е сеа ја ги неам ти сите податоци, кој соработувал, шо соработувал…“, наводно му вели Јанкулоска на Горанче Савовски, поранешниот директор на централните полициски сили, кого Владата во вторникот на владина седница го именуваше за нов директор на Бирото за јавна безбедност.Во еден од разговорите, наводно Груевски му вели на Јанакиески да го урнат стариот објект на Драмски театар за да може полесно да се продаде земјиштето. „НГ: Ај да си срушиме тоа таму, да си продадеме… МЈ: Претседателе ако е чисто земјиште не е проблем ама мислам дека култура ќе има проблем да ги сруши објектите претходно зошто идејата беше да… НГ: Зошто мислиш дека ќе има проблеми? МЈ: Молам? НГ: Зошто мислиш дека ќе има проблеми? МЈ: Зошто можи некој понатаму да праша зошто ги рушат објектите а не… а може да се оттуѓат објектите од тој аспект… НГ: Миле политички ли ми збориш сеа? МЈ: Не ако… јас ви кажувам, ако е чисто земјиште, не е политички, ако е чисто земјиште тоа си оди по закон за градежно земјиште, не е проблем…бидејќи има објекти ја мислев дека е најдобро со јавно приватно партнерство…сите тие услови, идејни проекти, услови, да… НГ: Не те разбирам зошто Миле, зошто така мислиш? Пошто коа ќе помине тоа пак ќе треба да се руши…како тој, зградата ќе ја праи врз бараката ли?“, се вели во дел од наводниот разговор меѓу Груевски и Јанакиески.Заев уште еднаш порача дека преодна влада е излез од кризата и дека нема назад. „Груевски ќе излезе од Владата затоа што нема ниту што да каже. Груевски нешто ти фали, ти недостасува совест, прекини го овој срам“, порача Заев. /крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

