Македонија
Заев пред обвинител за обидот за поткуп
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со неговиот адвокат, во понеделник, се појави пред јавен обвинител од Одделот за организиран криминал, поради сомнеж за примање поткуп.
Пред само пет дена, Заев беше во обвинителството на распит поради случајот „Пуч“.
Заев во Обвинителството беше кусо, на заминување тој рече дека и покрај тоа што кај него не постои верба во правосудните органи, сепак, „до крај ќе ги почитува Уставот и законите на Република Македонија“ и дека ќе се јавува на поканите на правосудните органи секогаш кога ќе го повикаат.
Заев не сакаше да каже што се случувало во десетината минути колку што се задржа во Обвинителството, затоа што „не сака да ја попречува постапката“.
Сепак, најави дека и тој ќе ги претстави доказите со кои ќе се потврди, како што вели, неуспешниот обид за негов поткуп.
Пријавата против лидерот на СДСМ и градоначалник на Струмица за поткуп беше поднесена пред една недела, додека тој во Универзална сала ја презентираше осмата „бомба“ за изборните малверзации.
Осомничен е за наводен поткуп од 200.000 евра, средства што Заев требало да ги прими по основа на приватизација на градежно земјиште, со површина од 100.000 квадратни метри. Според МВР случајот датира од ноември 2013 година, а Заев, во својство на градоначалник на Општина Струмица, наводно, побарал подарок од две евра за квадрат.
Тој, во Универзална сала рече дека неговиот сограѓанин Иво Сачевалиев се обидел да му понуди поткуп, а неговото име го кажа затоа што , како што рече, не е заштитен сведок.
Заев рече дека за случајот, со уште две лица вработени во општината, направил записник и случајот го пријавил во полиција./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Продолжува повратот на средствата од мерката МојДДВ за скенирани сметки, соопшти Управата за јавни приходи
Управата за јавни приходи информира дека повратот на средства од мерката МојДДВ за скенирани сметки во третиот квартал од 2025 година продолжува, односно не е прекинат ниту откажан.
„Во процесот на исплата кај дел од спецификациите се појави технички проблем кој бара целосна преработка на истите. Имено, доколку постои дури и само еден налог каде се појавува корисник со промена на банка или трансакциска сметка, целата пратка системски се враќа и средствата не се исплаќаат кон сите корисници кои се во ист налог како и корисникот кој извршил промена. Овој предизвик е веќе идентификуван и надлежните служби работат на негово надминување. Целта е да се обезбеди точна и правична исплата за сите граѓани, без исклучок“.
Од управата појаснуваат дека исплатата за корисниците со валидни и потврдени податоци е во тек, а за останатите ќе биде реализирана веднаш по завршување на техничката преработка.
Апелираат до граѓаните: доколку вршат промена на банка или трансакциска сметка, потребно е веднаш да направат ажурирање на податоците во системот.
„Со тоа ќе се избегнат вакви ситуации во иднина и ќе се овозможи навремена исплата на сите корисници. Граѓаните можат да бидат спокојни – средствата кои им следуваат од МојДДВ ќе бидат исплатени“.
Македонија
Строги правила и јасни процедури: Министерството за енергетика започна процес за усогласување на Законот за возила со европските правила
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини стартува процес за усогласување на Законот за возила со европската регулатива ЕУ 2018/858 и современите стандарди во постапките за одобрување, увоз и надзор на возилата.
Со цел добивање јасни насоки за усогласување на Законот за возила, работниот состанок го водеше Роберт Јерончиќ, реномиран експерт од Република Словенија со долгодишно искуство во развој и имплементација на европското законодавство за возила.
На состанокот учествуваа претставници од Бирото за метрологија, Царинската управа, Метролошкиот совет и повеќе релевантни институции кои се дел од постапките за одобрување, увоз и контрола на возилата.
На состанокот присуствуваше и министерката Сања Божиновска, која ја нагласи потребата од системски и доследен пристап во примената на законодавството во оваа област.
„Македонскиот закон за возила мора конечно да почне да се применува доследно и усогласено со европските правила. Време е сериозно да ги забрзаме процесите и да воспоставиме јасни, прецизни и предвидливи процедури“, истакна Божиновска. Таа додаде дека институциите веќе добиле „јасни насоки за забрзана и суштинска хармонизација со регулативата на Европската Унија“.
Целта на состанокот беше да се дефинираат конкретни чекори за конечно воспоставување усогласен, јасен и предвидлив систем, кој ќе обезбеди:
· целосно прилагодување на националното законодавство кон европската регулатива,
· современи процедури за одобрување и увоз на возила,
· построг и ефикасен надзор
· засилен институционален ред во сите фази на процесот – од документирање, до контрола.
На средбата преку размена на практики и експертиза, беше потврдена заедничката определба за воспоставување ред, поголема транспарентност и целосно усогласување со европските стандарди. Како продолжение на денешната работа, утре ќе се одржи и специјализирана работилница на иста тема, на која ќе присуствуваат сите релевантни институции и стручни служби. Работилницата е насочена кон финализирање на техничките насоки и подготовка на конкретни измени за модернизирање на Законот за возила.
„Министерството продолжува активно и системски да работи на усогласувањето со европското законодавство и зајакнувањето на институционалните механизми за контрола и надзор, со цел градење модерен, безбеден и транспарентен пазар на возила“.
Македонија
Владата и СЗО потпишаа петгодишна стратегија за соработка во областа на здравството
Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и Аким Али, шеф на Канцеларијата на СЗО во нашата држава, денес потпиша петгодишна стратегија за соработка меѓу Владата и СЗО 2026 – 2030 година. На настанот со онлајн-вклучување се обрати и директорот на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге.
„Денешниот ден отвора ново поглавје во соработката со Светската здравствена организација, заеднички ја потпишавме нашата прва петгодишна стратегија за соработка – документ создаден заедно со сите институции и партнери, кој ќе ги насочи реформите во здравството до 2030 година. Стратегијата се фокусира на модернизација на примарната здравствена заштита, целосна дигитална трансформација, унапредување на здравствената заштита на мајките и децата, еколошкото здравје и климатската отпорност, и тоа во согласност со зелената агенда на Владата. Исто така, со оваа стратегија се опфатени и заштитата на ранливите групи, планирањето на човечките ресурси во здравството, јавното здравје, здравствената безбедност и подобра подготвеност при кризни состојби. Стратегијата ни овозможува јасен план, партнерство и поддршка за заедничко реализирање на клучните реформи“, посочи министерот Алиу по потпишувањето.
Тој ги истакна одличната меѓусекторска соработка и поддршката од другите сектори. Оваа стратегија го обединува целиот владин систем околу целите за здравје и благосостојба на населението.
„Особено сакам да им се заблагодарам на СЗО и на сите министерства и партнери за нивниот придонес. Со оваа стратегија го поставуваме темелот за посилно, помодерно и поправедно здравство за сите граѓани. Сето ова е симболична потврда на силната политичка волја, националната посветеност и партнерството меѓу Владата и СЗО за спроведување на клучните здравствени реформи“, истакна Алиу.

